1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПанорамаГрција

Се зголемува бројот на починати туристи во Грција

ЕМФ / дпа
18 јуни 2024

Наспроти предупредувањата, се зголемува бројот на туристи во Грција кои починале поради невнимателност или големи горештини.

https://p.dw.com/p/4hBOw
Грција топлотен бран
Најтопол почеток на јуни отккао се мерат температурите во Грција (фото: туристи во околината на Атина)Фотографија: Louisa Gouliamaki/REUTERS

И покрај предупредувањата од страна на властите, хотелиерите и локалното население, во Грција досега починаа најмалку пет туристи. Честопати причина е тоа што и покрај огромните горештини туристите излегуваат напладне, сами или и покрај тоа што се стари.

Медиумите прво, на почетокот на јуни, известија за случајот на познат новинар на Би-Би-Си. Тој беше пријавен за исчезнат на островот Сими, а потоа беше пронајден мртов. Како што соопштија властите, тој тргнал по погрешна рута додека планинарел и паднал на место каде што спасувачите тешко можеле да го пронајдат. Два смртни случаи имаше на Крит. Првиот случај е на 80-годишен турист кој сам отишол на планинарење, а ден подоцна беше пронајден мртов, додека вториот случај е на 70-годишен турист кој почина на плажа. На малиот остров Матраки педесет и петгодишен Американец загина додека планинарел, додека 74-годишен Холанѓанец сам тргнал на планинарење на Самос - и беше пронајден мртов неколку дена подоцна.

Загриженост предизвикуваат и информациите за исчезнати лица. На островот Аморгос со денови нема трага од еден Американец кој тргнал на планинарење, а на островот Сикинос се бараат две постари Французинки кои исто така тргнале на планинарење минатата недела.

Големите горештини во Грција годинава започнаа многу рано. Метеоролозите информираат дека од почетокот на мерењето на температурите не е забележан толку топол почеток на јуни. Тие се движат околу 40 степени, а на сонце е уште потопло.