1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сѐ што треба да знаете за изборите за Европскиот Парламент

Тагесшау | ЕМФ
20 мај 2024

За околу еден месец Европејците ќе одлучат кого ќе го испратат во Европскиот Парламент во следните пет години. Како функционираат изборите и што се постигнува со нив?

https://p.dw.com/p/4fptV
Во ЕУ право на глас имаат околу 350 милиони луѓе
Во ЕУ право на глас имаат околу 350 милиони луѓеФотографија: InaPlavans/Zoonar/picture alliance

Исходот од европските избори го одредува составот на Европскиот Парламент (ЕП). Тоа е единственото тело на Европската Унија (ЕУ) кое директно се избира од граѓаните на земјите членки на ЕУ.

Парламентот е особено важен бидејќи учествува во обликувањето на европските закони, поточно - директивите и регулативите на ЕУ. Овие закони на ЕУ важат и во Германија - директно (регулативи) или индиректно (насоки).

Така, правото на ЕУ ги засега германските граѓани на многу практичен начин кога станува збор за правата на потрошувачите кога се купува онлајн, заштитата на податоците или правата како патници во авион или како работници. Парламентот има збор и кога е во прашање буџетот на ЕУ. А Парламентот ги контролира и другите институции на ЕУ, како што е Комисијата. Парламентот избира и претседател на Европската Комисија. Во моментов тоа е Германката Урсула фон дер Лајен од ЦДУ.

Право на глас имаат 350 милиони луѓе

Изборите ќе се одржат низ Европа од 6-ти до 9-ти јуни, во сите 27 земји-членки на ЕУ. Во Германија ќе се одржат на 9-ти јуни. Исто како и на сојузните парламентарни избори, германските граѓани може да го дадаст својот глас по пошта доколку не можат или не сакаат за отидат лично на гласачкото место. За да се направи тоа, треба да се поднесе барање за гласачко ливче од општината во која што се живее, кое потоа се добива заедно со поштенските документи за гласање, како што се гласачкото ливче и однапред адресираните пликови.

Теоретски, граѓаните може да се пријават за гласање по пошта до петокот пред изборите, до 18 часот. Во посебни исклучителни случаи, како што е докажано ненадејно заболување, дури и до 15 часот на денот на изборите. Минатите избори покажаа дека има смисла - ако е можно - да не се чека до последен момент.

Вкупно, во ЕУ право на глас имаат околу 350 милиони луѓе. Тие заедно одлучуваат кои 720 пратеници ќе влезат во парламентот. Германија испраќа 96 пратеници во Брисел, односно Стразбур, двете локации на парламентот. Колку повеќе гласови добие една партија на изборите, толку повеќе пратениции може да има.

Брисел Европски Парламент избори
Реклама за европските избори пред седиштето на Европскиот Парламент во БриселФотографија: Bernd Riegert/DW

Правна основа за изборите

Во основните принципи на изборното право за ЕУ, меѓу другото, ​​се наведува, дека изборите за Европскиот Парламент се одвиваат „општо, директно, слободно и тајно“ и дека избраните претставници „не се обврзани ниту на наредби ниту на упатства“.

Како конкретно се одржуваат европските избори во Германија е регулирано со националниот закон - Закон за европски избори (ЕуВГ). Тој одредува, на пример, дека, за разлика од сојузните парламентарни избори, кандидатите не мора да бидат номинирани само од партиите: според член 8 од ЕуВГ, право на предлагање кандидати имаат и „други политички здруженија“. Ваквата можност ја искористија климатските активисти од „Последна генерација“, организација која на овој начин првпат учествува на европските избори.

Од национални партии до европски пратенички групи

Иако на европските избори се тркаат национални партии и други групации, избраните пратеници обично ги здружуваат силите со претставници од други земји на ЕУ за да работат во Европскиот Парламент. Тоа го прават со оние кои имаат слични политички ставови.

Плакати во Германија пред европските избори во јуни
Плакати во Германија пред европските избори во јуниФотографија: JOHN MACDOUGALL/AFP/Getty Images

Националните партии од различни земји за таа цел формираат европски партии заедно со национални партии од други земји на ЕУ. Тие потоа ги прават пратеничките групи во ЕП. За таа цел силите можат да ги здружат и неколку европски партии. Така се појавуваат транснационални пратенички групи. На пример, тука е пратеничката група на христијанско-конзервативната Европска народна партија (ЕПП). Во неа се наоѓаат германските партии ЦДУ и ЦСУ. Во пратеничката група С&Д се активни социјалдемократските пратеници, меѓу нив и од германската СПД. Во ЕП во моментов има седум пратенички групи. Но, парламентарците можат да седат во парламентот и без да припаѓаат на која било од пратеничките групи.

Улогата на главните кандидати

На европските избори од 2014 година се применува принципот на главни кандидати. Тоа значи дека партиите предлагаат кандидати како носители на изборна листа кои претходно добиле поддршка во внатрепартиски процес. Овие главни кандидати треба, така да се каже, да влезат во изборната кампања како заштитно лице на партија.

Главниот кандидат/ка е номиниран/а од соодветните партиски групи за функцијата претседател на Европската Комисија (ЕК). За Европската народна партија ЕПП, на пример, главна кандидатка е актуелната претседателка на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Урсула фон дер Лајен, главна кандидатка на Европската народна партија
Урсула фон дер Лајен, главна кандидатка на Европската народна партијаФотографија: Andreea Alexandru/AP Photo/picture alliance

Но, тоа не значи дека по изборите главниот кандидат ќе биде предложен и како кандидат за шеф на ЕК. Според член 17 од Европскиот договор (ЕУВ), изборниот резултат е тој што е важен за прашањето кој ќе биде предложен за кандидат за таа функција. Но, не е Европскиот парламент тој што го предлага кандидатот за претседател на Комисијата, туку тоа го прави друго тело на ЕУ - Советот на ЕУ. Тој, според законмот, треба да го „земе предвид“ изборниот резултат, но не е врзан за одредена личност. По последните избори, Европскиот совет ја предложи Урсула фон дер Лајен, иако победникот на изборите, Европската народна партија влезе во трка со политичарот на ЦСУ, Манфред Вебер како главен кандидат.

Партиите именуваа и главни кандидати на национално ниво. Тоа во Германија се, на пример, Катарина Барли за СПД, Мари-Агнес Штрак-Цимерман за ФДП, Тери Рајнтке за Зелените, Манфред Вебер за ЦСУ во Баварија и Максимилијан Кра за АфД. Тие ги водат националните изборни листи на нивните партии.

жена со знаме на ЕУ
Европскиот Парламент е единственото тело на ЕУ кое директно се избира од граѓаните на УнијатаФотографија: Pond5 Images/IMAGO

Особености на европските избори

Европските избори имаат посебни карактеристики и на самиот ден на изборите. За разлика од сојузните парламентарни избори, на европските избори е дозволено да се заокружи (односно да се стави крст) само еднаш. Значи нема давање прв и втор глас како на сојузните парламентарни избори во Германија. Наместо тоа, се гласа само за листата на една партија.

И, оваа година во Германија за првпат ќе може да гласаат и малолетници: германските пратеници ја намалија возраста за гласање на европските избори на 16 години. Во споредба со другите европски земји, ова е речиси исклучок (во Австрија, на пример, на младите на возраст од 16 и повеќе години им е дозволено да гласаат). Симнувањето на возрасната граница за гласање беше оправдано, меѓу другото, со фактот дека особено младите ќе бидат погодени во иднина од актуелните политички дебати како оние околу заштитата на климата, па затоа е логично да им се дозволи и политичко учество.