1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГлобално

Се сеќавате ли на Ерих Марија Ремарк?

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
26 јуни 2023

Од романите на Ремарк можеме да научиме дека сите воени пропаганди на крајот се уриваат како ридишта од убиени луѓе, уништени земји и трајно трауматизирани генерации. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4T4BU
„На Запад ништо ново“ Оскар 2022 година
Германскиот филм „На Запад ништо ново“, сниман според романот на Ремарк, во продукција на Нетфликс освои осум Оскари во 2022 годинаФотографија: Netflix

Не знам дали уште во македонските гимназии е задолжителна лектира романот „На Запад ништо ново“ на германскиот писател Ерих Марија Ремарк (Erich Maria Remarque). Знам само дека за генерациите како мојата, родени во Југославија во педесеттите, романите на Ремарк имаа многу значајно место во раните младешки години, пред да почнеме да ги читаме Марсел Пруст или Џејмс Џојс. Романот „На Запад ништо ново“ го читавме во гимназијата, како и германските гимназијалци. Тоа говори дека југословенското образование беше во дослух со тоа на Западот. На крајот на седумдесеттите, во времето на Битлси и Хипи-културата, духот на времето во Првата светска војна ни се чинеше како длабока архаичност. Благодарение на српско-хрватскиот превод на собраните дела на Ремарк, ние можевме многу рано да ја запознаеме генерацијата на луѓето трауматизирани од војните во дваесеттиот век. Речиси сите беа емигранти, во Париз, во Лисабон или во други европски метрополи.

Ремарк, роден 1898-та во Оснабрик како Ерих Паул Ремарк, уште 1920-та го избрал за себе името Erich Maria Remarque, пишувајќи го своето германско презиме Remark според францускиот правопис, затоа што фамилијата имала француско потекло. Крстеното второ име Paul, го заменил со Maria, од восхит за Рајнер Марија Рилке ( Reiner Maria Rilke). Романот „На Запад ништо ново“ го објавил во 1928-та. Тој брзо станал светски познат, затоа што само по две години во Холивуд по него беше снимен филм,кој освои два Оскара. Во националсоцијалистичка Германија,1933-та, неговите романи беа јавно запалени,а 1938-та година му беше одземено германското државјанство. Ремарк од 1933-та живееше во Швајцарија, каде и почина во Локарно, во 1970-та.

 Ерих Марија Ремарк „На Запад ништо ново“
Корицата на романот на Ерих Марија Ремарк, „На Запад ништо ново“Фотографија: Ballantine Books

Катастрофата на Првата светска војна беше првата траума во европската култура. На деветнаесет години Ремарк бил испратен на фронтот во Белгија, кусо потоа ранет, а во воената болница почнал да пишува на роман за војната. Ги исползувал своите сознанија за војната, но и приказните на ранетите војници во воената болница, за да ја напише трагичната приказна на младиот германски војник Паул Бојмер, кој смртно е погоден на фронтот во еден ден за кој воените извештаи јавуваат дека „на Запад нема ништо ново“. Ништо подобро не го опишува апсурдот на војните од оваа парабола за целосно бесмислената смрт на едно младо момче на фронтот. Ремарк ја разобличува идеологијата на херојскиот дух, кој се жртвува за татковината, во кој биле воспитувани генерации млади војници. Тој дух, кога-тогаш, водел до војна.

„На Запад ништо ново” бил предложен 1931-та за Нобеловата награда, но „Сојузот на германските офицери“ поднел протест против номинацијата, затоа што со тој роман се „валкала” честа на германската армија. Премиерата на холивудскиот филм „На Запад ништо ново”, во декември 1930-та во Берлин, била придружена од насилнички протести на членовите на националсоцијалистичката партија, предводени од Јозеф Гебелс. Во Германија станувал се‘ посилен духот на Третиот Рајх, па затоа Ремарк од 1933-та ја напуштил Германија, еден ден пред Хитлер да биде избран за Рајхс-канцелар. Никогаш не се вратил во Германија. Нацистите никогаш не му простиле за неговото антивоено творештво. Затоа 1943-тата ја убиле неговата сестра Елфриде, затоа што некому рекла дека војната е изгубена. Судијата и‘ рекол во судницата:” Брат Ви ни избега, ама не и Вие!”

 Ерих Марија Ремарк Германија
Германскиот писател Ерих Марија Ремарк ја нупуштил нацистичка Германија и заминал во егзилФотографија: picture-alliance/Everett Collection

Повторена приказна

Уверена сум дека кога содржината на романот „На Запад ништо ново“ денес би ја читале руските војници на украинскиот фронт, оние момчиња на 19 години, без да знаат дека се работи за приказна од Првата светска војна, тие сигурно би поверувале дека авторот ја раскажува нивната приказна. Истото сознание сигурно би го имале и младите војници во постјугословенски војни. Се прашувам, како беа возможни тие војни, кога во Југославија овој култен роман беше нашата гимназиска лектира? Во земјите на Варшавскиот пакт и во Советскиот Сојуз романот на Ремарк не бил лектира. Тоа ми го потврди мојата пријателка Романка, која до својата 14-та година живееше во Романија. „На Запад ништо ново” таа првпат го прочита во германската гимназија, откако фамилијата емигрираше во Германија.

Зошто антивоената литература, но и антивоените филмови во југословенското секојдневие не успеаја да го победат духот на војните? Сега си велам дека романите на Ремарк сигурно не им беа омилени на југословенските националисти, кои веќе по смртта на Тито сонуваа за нови војни. За да си ги остварат соништата за национални држави во кои ќе ги обединат сите Срби или сите Хрвати. Притоа, милитантниот дух кој тие го повикаа, отворајќи ја Пандорината кутија на војните, на Балканот уште се заканува со можни воени конфликти.

„На Исток ништо ново“

Човештвото никогаш нема да ја научи лекцијата за разорната моќ на војните, доколку не се прекине воспитувањето на младите луѓе во милитантниот дух, веруваше Ремарк. Дури и кога тој е само во историските читанки, во кои хероите никогаш не се пацифисти, туку херои и освојувачи. Европската „педагогија на мирот” во западните општества, како германското, успеа да ја промени парадигмата во воспитувањето на младите во дух на толеранција и мир. Во германските историски читанки децата не се воспитуваат во духот на патриотизмот и хероизмот. За жал, таа парадигма не стана реалност во останатиот дел на Европа, оној што до 1989-тата беше социјалистички. Дури и југословенскиот „социјализам со човечки лик”, брзо му се потчини на духот на војната. По три децении од падот на Советскиот Сојуз, милитантниот дух се пројави со застрашувачка сила. Затоа денес може насловот на прочуениот роман на Ремарк да гласи, „На Исток ништо ново“. Светот вчера трепереше пред „милитантниот театар” што се одигруваше пред портите на Москва. Трагично е што тие млади руски војници Путиновата „фабрика за пропаганда” ги испраќа на фронтот, уверувајќи ги дека одат во војна за да го заштитат Истокот од „злиот Запад“. А тие и‘ веруваат на таа пропаганда, затоа што рускиот патријарх им раскажува уште попривлечни митови за тоа дека Русија е новата голема христијанска „империја”, наследничка на онаа блескава „Византија”, која пропадна 1453-та, а Путин е „новиот император“.

Кица Колбе
Кица Колбе, автор на колумнатаФотографија: Privat

Ремарк сиот живот ја разобличуваше токму ваквата маниулација со младите. И во Хитлерова Германија младите војници одеа на фронтот, уверени во пропагандата за „големиот германски рајх” кој ќе ја потчини цела Европа. Од романите на Ремарк можеме да научиме дека сите воени пропаганди на крајот се уриваат како ридишта од убиени луѓе, уништени земји и трајно трауматизирани генерации. За жал, човештвото ретко учи од своите трауми и порази, а уште помалку од антивоената литература. Таа, сепак, е посилна од сите војни. Таа е значајна за „педагогијата на мирот”. Затоа што, без неа, нема кој да ги раскаже приказните за бесмислената смрт на сите воени фронтови.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема