1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ предлага минимална плата од 450 евра

ДТЗ
21 октомври 2024

Пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) предлага измени и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предвидува покачување на минималната плата на 27.700 денари.

https://p.dw.com/p/4m2EU
Венко Филипче
Венко Филипче вели дека со ваквото покачување не само што ќе се обезбеди финансиска стабилност на работниците, туку и ќе влијае на порастот на просечната плата, што ќе има позитивен ефект врз секое семејство во државата.Фотографија: SDSM

Пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) предлага измени и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предвидува покачување на минималната плата на 27.700 денари. Според пратеникот и лидер на СДСМ,  Венко Филипче, со ваквото покачување не само што ќе се обезбеди финансиска стабилност на работниците, туку и ќе влијае на порастот на просечната плата, што ќе има позитивен ефект врз секое семејство во државата.

„Во услови на голема економска несигурност, како одговорна опозиција предлагаме измени и дополнување на Законот за минимална плата. Со измените предвидуваме минималната плата да се покачи на 27.700 денари, што претставува пораст од 12,3 проценти. Методологијата за усогласување на минималната плата со порастот на трошоците за живот и просечната плата останува и понатаму како дел од овој закон, со тоа ќе обезбедиме сигурен и постојан раст на приходите на граѓаните“, вели Филипче.

денари
СДСМ предлага минимална плата од 450 евра и бара поддршка од сите пратенициФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Поддршка за иницијативата

Тој ги повика пратеници да дадат поддршка на иницијативата за покачување на минималната плата.

„Ова не е време за застапување на партиски интереси, туку за заштита на интересите на граѓаните. Затоа сите пратеници и од владејачкото мнозинство и од опозицијата треба да дадат поддршка на оваа иницијатива и да се издигнат на политичките разлики и да гласаат за подобар животен стандард на работниците. Ова решение е во интерес на сите граѓани и сите ние носиме одговорност да се погрижиме за економскиот просперитет на нашата држава“, вели Филипче.

Предлогот доаѓа во период кога цените на основните прехранбени производи постојано растат, куповната моќ на граѓаните значително е намалена, а потрошувачката кошница во септември 2024 година достигна 61.306 денари.

Од Сојузот на синдикатите изминатиов период бараа Владата во првите 100 дена да ја зголеми минималната плата на 450 евра, обраложувајќи дека таа е најниска во регионот и премалку за да овозможи достоинствен живот на работниците. Според нив, минималната плата треба да биде основна плата под која не смее да се исплати ниту една плата во државата. 

Податоците од Сојузот на синдикатите покажуваат дека речиси 35 илјади работници во државата работат за минималец или до минимална плата. Девет илјади работници примаат плата од еден денар до 22.576 денари.

Минималната плата во моментов е околу 370 евра. Минималната плата во Црна Гора изнесува 450 евра, Србија 423 евра, Босна и Херцеговина 450 евра, Словенија 1.253 евра (бруто), а Албанија 385 евра. 

Износот на минималната нето-плата во Хрватска од 1 јануари следната година треба да се зголеми за 80 евра, од годинашните 670 на 750 евра или за 15 отсто.