1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дипломатска офанзива на Сарацин меѓу Скопје и Софија

ДТЗ
27 ноември 2024

По средбата со потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова во Софија, Сарацин во Скопје разговараше и со министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски со цел да ги слушне аргументите на македонската страна

https://p.dw.com/p/4nTkR
Мануел Сарацин
Сарацин во дипломатска офанзива меѓу Скопје и Софија - обид да се даде нова динамика на евроинтеграциитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, деновиве е во дипломатска офанзива во Софија и во Скопје, во обид да се даде динамика на евроинтегративниот процес. По средбата со потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, во Софија на 26 ноември, Сарацин во Скопје разговараше и со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.Во фокусот на разговорите биле евроинтегративните процеси, актуелните внатрешно-политички случувања и постигнувањата во реформските области.

Во Софија Сарацин добил уверување дека Бугарија нема да наметне дополнителни услови за Северна Македонија на патот кон Унијата, додека во Скопје му биле пренесени очекувањата од новото раководство на европските институции да се засили  политиката на проширување на ЕУ во претстојниот период.

„Министерот Муцунски изрази благодарност за личниот ангажман на специјалниот претставник Сарацин во динамизирањето на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан. Тој исто така ја нагласи континуираната и силна поддршка на Германија за европската иднина на државата и на земјите од регионот, посебно преку активностите во рамките на Берлинскиот процес“, соопшти Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.  

Илијана Јотова
Сарацин добил уверување Илијана Јотова дека нема да има дополнителни услови за Северна Македонија на патот ЕУФотографија: BGNES

Скопје треба да се придржува до европските договори 

Средбата следи, откако во вторникот Сарацин раговараше со бугарската потпретседателка, Илијана Јотова, која бара Северна Македонија да се придржува до европските договори.

„Бугарија никогаш не отстапила од договорената рамка и не наметнува дополнителни услови за почеток на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија. Наместо тоа, очекува Скопје да се придржува до европските договори. Тоа не се бугарски барања, туку европски критериуми за членство, од кои главна е заштитата на човековите права“, му порачала Јотова на Сарацин.

Како што пренесуваат бугарските медиуми, на средбата била истакната водечката улога на Бугарија во процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан.

Јотова нагласила дека во 2018 година, за време на бугарското претседавање со Советот на Европската унија, земјата успеала да го врати прашањето за европската иднина на Западен Балкан на агендата на ЕУ – процес кој беше закочен уште во 2003 година. . Во однос на почетокот на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија, таа укажала на цврстата позиција на Бугарија, водена од консензус, која е поврзана со вклучувањето на Бугарите во Уставот и целосното спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

„Очекуваме Скопје да ги исполни обврските со францускиот предлог прифатен во 2022 година, кој беше одобрен од сите земји-членки на ЕУ и Северна Македонија“, вели Јотова. 

Стопирани заеднички проекти 

Софија од Скопје очекува вклучување на Бугарите (како конститутивни народи), во Уставот на Република Северна Македонија, опипливи резултати од работата на заедничката комисија за историски прашања, мерки за спротивставување на ширењето на антибугарската идеологија и злосторствата од омраза, дискриминацијата на луѓето кои се идентификуваат како Бугари и говорот на омраза кон Бугарите.

 „Досега ништо не е постигнато, нема ниту предлог за уставни измени. Скопје ги стопираше заедничките билатерални и европски проекти“, посочила Јотова, којашто на средбата го отворила и прашањето за изградбата на Коридорот. 8, клучен инфраструктурен проект за целиот регион и Европската Унија. 

Тимчо Муцунски
Сарацин во Скопје разговараше со министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски со цел да ги слушне аргументите на македонската странаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Македонија во одбрана на своите аргументи 

Но, заменик претседателот на владата и министер за транспорт Александар Николоски, смета дека за Македонија е поважно да ги одбрани своите аргументи пред клучните земји од Западна Европа, додека преговорите со Бугарија се невозможни во услови кога во земјата има влада која нема легимитет да преговара, бидејќи не е избрана од народот.

„Македонија ги промовира своите позиции - уставни измени со одложено дејство пред земји кои се главни играчи на европската политичка сцена и тоа е многу важно за нас“, порача тој во интервјуто во Дневникот на ТВ Сител. 

„За мене најзначајна средба е средбата на премиерот  Христијан Мицкоски со претседателот на Франција Емануел Макрон, од причина што Франција е играч број еден во ЕУ, а Макрон е лидер во ЕУ со најголем легитимитет, чиста победа на претседателските избори и влада со која соработува. Германија допрва влегува во избори и таму ќе има промени, така што ако успееме добро да сработиме со Фрација и со неколку други земји од Западна Европа, мислам дека нашите аргументи лесно ќе бидат примени. Ако ЕУ сака да почне преговори, Македонија ќе почне преговори затоа што ние немаме проблем со најсилната земја членка на ЕУ, туку со втората најслаба земја во ЕУ“, рече Николоски. 

Според него, за жал Бугарија седум изборни циклуси не може да избере Влада и како што стојат работите веројатнo ќе одат и на нови, осми избори во март следната година, поради што е невозможо да се има солидна комуникација. 

„Во моментов таму има техничка влада, тие се луѓе кои што никој не ги избрал на избори. Јас еднаш реков дека се политички маргиналци, па ми се налутија, но тоа е реално бидејќи тие не излегле на избори. Многу е тешко од една стрaна да има влада со буквално двотретинско мнозинство во парламентот со огромен изборен легитимитет, а од друга страна имате влада што не претставува никого. И во такви услови е многу тешко да се води каква било форма на дијалог, бидејќи другата страна не може да преземе обврски. И Румен Радев не може да преземе обврски, бидејќи тој е претседател и без разлика колку е тој популарен, не може тие политики да ги испорача. Не е пријатно да имаме сосед кој четврта година по ред не може да избере Влада”, оценува Николоски во изјавата, којашто предизвика интерес и во Бугарија.