1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Отфрлена жалбата на Русковска, суспензијата останува

ДТЗ
24 август 2022

Одлуката е донесена едногласно зад затворени врати. Русковска останува дома за да не влијае на кривичната постапка која што ја иницираше поранешниот прв човек на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми.

https://p.dw.com/p/4FxhD
Nord-Mazedonien | Staatsanwältin Vilma Ruskoska
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Советот на јавни обвинители едногласно ја одби како неоснована жалбата од обвинителката Вилма Русковска за суспензијата која што и беше изречена минатата недела. Со ова се потврдува решението на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески од 16 август годинава, со кое Русковска беше оддалечена од нејзиното работно место. Одлуката беше донесена зад затворени врати. Гласаа осум од 11 члена, бидејќи на двајца од обвинителите им е истечен мандатот, а на седницата не присуствуваше ниту Јовески, поради конфликт на интереси.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, оценува дека донеле една од потешките одлуки во нивната работа, со оглед на тоа дека досега воопшто немале ваков случај за разгледување. Станува збор за чувствителен случај кој доби голем одек во јавноста, а во кој главен протагонист е шефицата токму на водечкото обвинителство за борба против организиран криминал и корупција во земјата. 

Редок случај

„Го разгледувавме решението, ги ценевме сите материјали. Ова е тежок случај, ретко сме имале вакви случаи за обвинители. Моравме да ги разгледавме сите околности за случајот и сметаме дека за време додека се води кривичната постапка покрената од Управата за финансиска полиција против неа, со цел да се утврди фактичката состојба, јавната обвинителка Вилма Русковска би требало да биде оддалечена од работа за да не влијае со своето присуство врз текот на постапката“, вели Јолевски.

Несоработка

Тој смета дека несоработката на Русковска со републичкиот јавен обвинител е причина за ваквата непријатна ситуација. Републичкиот јавен обвинител, Јовески врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, минатата недела донесе Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава од Арафат Муареми за претресот на 18 јули во Управата за финансиска полиција.

Овој претрес доведе до отворен судир меѓу двете институции кој резултираше со дисциплинска постапка и суспендирање на Русковска, додека Муареми замина од директорската функција. Со оглед на тоа дека мандатот на Русковска истекува во ноември, неизвесно е дали таа воопшто до тогаш ќе се врати на работното место. На тој начин остануваат да висат двете предистраги коишто ги водеше обвинителката - првата е за станицата за технички преглед за автобусот на „Беса транс“ во кој загинаа 45 лица, меѓу кои и деца при несреќата која што се случи во Бугарија на 23 ноември 2021 година. Вториот случај е предметот за Управата за финансиска полиција.

Во меѓувреме во тек е и дисциплинска постапка против шефицата за борба против организиран криминал. Русковска минатата недела (19.08) изјави дека од Комисијата сè уште не и било побарано да се произнесе за дисциплинската постапка, која што ќе трае подолго време, и неа ќе има право на жалба.