1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руските дезертери стравуваат од депортација од Германија

Владимир Есипов | Силвија Штебер / Тагесшау
25 ноември 2024

Пресудата на Вишиот управен суд Берлин-Бранденбург уште повеќе им отежна на руските граѓани, кои не сакаат да служат војска, да добијат азил во Германија. Активистите за човекови права се шокирани.

https://p.dw.com/p/4mxKD
Германија депортација
Дали на луѓето од Русија кои се повикуваат на приговор на совеста сега им се заканува депортација од Германија?Фотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Германија депортира сѐ повеќе руски државјани во нивната татковина, иако нема директен лет меѓу двете земји. Бројот на депортации може дополнително да се зголеми доколку судовите и властите сметаат дека пресудата на Вишиот управен суд Берлин-Бранденбург (случај број OVG 12 B 17/23) е преседан.

Имено, тој суд утврди дека за младите руски војници, кои се повикани на воена служба, практично не постои ризик да бидат испратени во војната во Украина. Тие би биле распоредени само за заштита на границата со Украина и Крим, се наведува во пресудата. Од сето ова, судот заклучи дека нема причина да се дава азил на руски државјани во Германија, бидејќи повикот за воена служба сам по себе не претставува причина за добивање азил.

Пресудата беше донесена на крајот на август, но медиумите дознаа за тоа дури сега. Информациите за овој случај се резултат на соработката меѓу новинарите на Дојче веле и информативниот портал tagesschau.de, кој работи како дел од јавниот сервис АРД.

Како започна сѐ: Чеченец тужи за депортација

Она што започна со тужба на поединец против депортација во Русија, заврши со пресуда која може да стане преседан, односно образец за решавање слични случаи. Пресудата може да ги наруши плановите на стотици Руси кои ја напуштија својата татковина затоа што не сакаат да служат војска и кои, врз основа на тоа, сакаат да добијат азил во Германија. Но, конкретно во овој случај, не стануваше збор за лице кое одбива да оди во војска или за дезертер. Тужителот е 22-годишен руски државјанин со чеченско потекло.

Во Германија дошол кога имал десет години, но неговото семејство не добило азил, туку само дозвола за привремен престој. Младиот човек станал криминалец и набрзо полицијата го класифицирала како т.н „интензивен сторител“, односно лице кое извршило повеќе кривични дела. Тој е осуден на две години и девет месеци затвор. Тој бил проблематичен и за време на казната - имено, претепал затвореник и поради тоа е дополнително казнет. Во пролетта 2023 година, Службата за странци го известила дека мора да ја напушти Германија.

Но, тој поднесел тужба против таа одлука. Еден од неговите главни аргументи бил дека по враќањето во Русија, ќе биде регрутиран и испратен во војната во Украина .

Судот го отфрли неговото барање. Образложението на пресудата има 16 страници. Делот за регрутирање во Русија се потпира на десетици извори, вклучувајќи извештаи од владини и невладини организации, како и написи во европски и руски медиуми. Бил анализиран рускиот систем на регрутирање за вооружените сили, како и ризиците за војниците кои би можеле да бидат испратени на фронтот.

Судиите заклучиле дека е малку веројатно регрутираните војници да бидат испратени во Украина. Единствен исклучок се т.н „доброволни баталјони“ од Чеченија, но судот сметал дека депортираниот тужител може слободно да го избере местото на живеење во Русија.

Виш управен суд
Дали Вишиот управен суд со својата пресуда ќе започне бран депортации?Фотографија: Jens Kalaene/dpa/picture alliance

Далекусежни последици

Таа пресуда има карактер на преседан, оценува адвокатот на чеченскиот тужител, Мерсад Смајиќ. Тој смета дека образложението на пресудата оди подалеку од конкретниот случај. Управниот суд во Хале, во покраината Саксонија-Анхалт, веќе се повика на пресудата на Вишиот управен суд Берлин-Бранденбург во друг случај, вели адвокатот.

Тоа го потврдува и Руди Фридрих, директор на здружението „Конекција“ од Офенбах, во Хесен, кое ги поддржува оние кои одбиваат да одат во војска: „Вишиот управен суд дава интерпретација на законот, а другите судови мора да се придржуваат до тоа“.

Критика кон политичарите

Таа судска одлука наиде на остри критики од Робин Вагенер, координатор на германската сојузна влада за меѓуопштествена соработка со Јужен Кавказ, Република Молдавија и Централна Азија: „Постојат безброј докази за вмешаност на слабо обучени војници во војната на Путин, којшто го прекршува меѓународното право. Постојано добиваме извештаи за руски војници кои се принудени да се борат против Украина со закани за смрт или тортура од нивните претпоставени“.

Руските активисти за човекови права тврдат дека ова не е прва ваква одлука на германски суд и дека често има пресуди врз основа на застарени или неточни информации. Артјом Клига, адвокат од Движењето на оние кои не сакаат да служат воен рок поради приговор на совеста, тврди дека има повеќе од десетина такви случаи.

Претпоставката дека руските регрути нема да бидат испратени во војна е застарена откако Украина го нападна Курскиот регион во август 2024 година, вели Клига. Оттогаш, млади регрути од други руски региони се испратени таму да се борат против украинските сили.

„Не би рекол дека германските судови ги прифаќаат ставовите на руската влада. Сметам дека ова е израз на немање желба да се земат предвид информациите на активистите за човекови права и на Обединетите нации. Поедноставно е да се копира од руските државни медиуми, кои тврдат дека нема мобилизација“, вели Клига.

Робин Вагенер
Робин Вагенер ја критикува одлуката на судотФотографија: DW

Сѐ повеќе депортации во Русија

Во првите осум месеци од 2024 година, 32 руски државјани се депортирани од Германија. Тоа е четирипати повеќе отколку во цела 2023 година. Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, која ја видоа новинарите на Дојче веле и порталот tagesschau.de, Русите се депортираат преку трети земји. Службениците на германската сојузна полиција ги следат до местото на пренос и ги предаваат на службата за безбедност на авиокомпанијата.

Во документите на Министерството не се наведени аеродромите преку кои се вршат депортации во Русија. Се претпоставува дека тоа би можело да биде Белград или Истанбул, бидејќи од тие аеродроми се можни летови со одредена авиокомпанија.

Еден процент позитивно решени барања за азил

Од почетокот на руската инвазија на Украина, во февруари 2022 година, до август 2024 година, 5.831 руски државјани на возраст меѓу 18 и 45 години побарале азил во Германија. Само 57 од нив добиле азил, а 154 баратели добиле само статус на привремен престој.

Речиси половина од барањата беа повлечени или одбиени од формални причини, вклучително и непочитување на Даблинскиот договор. Според таа регулатива, барања за давање азил може да се поднесуваат само во земјата-членка на Европската Унија во која лицето првпат пристигнало.

И покрај тоа, Министерството за внатрешни работи вети заштита на Русите кои одбиваат воена служба уште во септември 2022 година, откако беше најавена делумна мобилизација во Русија.

Чеченецот, по чија тужба беше донесена пресудата на Вишиот управен суд Берлин-Бранденбург, сѐ уште е во Германија. Судот не дозволува преиспитување на пресудата, но адвокатот Смајиќ поднесе приговор на оваа одлука. 

*Овој текст е првично објавен на германски јазик