1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рускиот амбасадор повикан на разговор во германското МНР

ЕМФ | агенции
28 ноември 2024

Поради протерувањето на двајца соработници на германскиот радиодифузен сервис АРД од страна на руските власти, германското МНР го повика на разговор рускиот амбасадор во Берлин.

https://p.dw.com/p/4nWQB
Берлин Зградата на германското Министерство за надворешни работи
Зградата на германското Министерство за надворешни работи во БерлинФотографија: Sascha Steinach/dpa/picture-alliance

Рускиот амбасадор во Берлин е повикан на разговор во Министерството за надворешни работи поради случајот со протерување на двајца соработници на германскиот радиодифузен сервис АРД од Русија. „Протерувањето на соработници на АРД од страна на Русија е неприфатливо, а образлоението е едноставно лага. Тоа јасно го осудуваме“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во Берлин.

Таа ја обвини руската влада за „пропагандна борба со лажни тврдења“: „Лага е дека ние во Германија или во Европа имаме ограничувања на слободата на печатот“, рече Бербок.

Новинарите на АРД треба да ја напуштат Русија до 16 декември

Во средата (27.11) Русија нареди протерување на двајца соработници АРД - еден дописник и еден техничар. Тие мора да ја вратат акредитацијата и да ја напуштат Русија до 16 декември. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека ова е одговор на германските власти кои протерале дописници од руската државна телевизија. Телевизијата 1. Канал претходно објави дека германските власти од нив побарале да ја затворат канцеларијата во Берлин, но германските власти тоа го демантираат.

Како одговор на прашањето на агенцијата ДПА, одговорната покраинска канцеларија за имиграција во Берлин соопшти дека властите одбиле да издадат дозволи за престој на пет лица од неколку руски медиуми, вклучително и четворица новинари и една сопруга. Според информациите, дел од правните предмети сѐ уште се отворени. Како причина за еден од случаите е наведено дека рускиот медиум ширел дезинформации и пропаганда за дискредитација на Западот и ЕУ. Германската служба за имиграција се потпира и на ЕУ и пакетот санкции кој што ги погаѓа и руските медиуми.

Бербок укажува на владеењето на правото

Министерката Бербок истакна дека ова е процедура согласно владеењето на правото и дека против одлуката може да се поднесат жалби до Покраинската служба за имиграција.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Захарова, во Москва изјави дека новинарите на руската телевизија во Германија биле малтретирани повеќе од една година. Москва пред шест месеци го предупреди германското МНР дека тоа ќе резултира со реакција, рече Захарова. Рускиот амбасадор Сергеј Нечаев, според Захарова, сега ќе го потсети германското МНР во врска со тоа.

Тешкотии за странските новинари во Русија

По почетокот на војната против Украина, Русија многу ја отежна работата на странските новинари. Акредитациите потребни за нивната работа сега за дописници од таканаречените „непријателски земји“ наместо за една година, се доделуваат само на три месеци. Освен тоа, се зголемија и опасностите за известувањето: руската тајна служба ФСБ во март 2023 година го уапси дописникот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович за наводна шпионажа, по што тој беше осуден од рускиот суд на 16 години затвор. Гершкович беше ослободен дури во текот на изминатото лето при голема размена на затвореници.

Непосредно пред војната, руските власти ја затворија канцеларијата на Дојче веле во Москва. Москва ова го оправда со забраната за емитување на сервисот на германски јазик на каналот на Кремљ - РТ.