Руската војна ја подели Г20
3 март 2023Најинтересниот состанок на министрите за надворешни работи на Г20 траеше помалку од десет минути, а се одржа „во од“ во еден од ходниците во конференцискиот центар. Никој не знае што точно си префрлија американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Тие се држеа далеку од камери и микрофони. Соработник на Блинкен по состанокот изјави дека американскиот министер јасно му кажал на рускиот претставник дека САД ќе ја поддржуваат Украина во нејзината одбрана од Русија онолку долго колку што е потребно.
На нивната прва лична средба по почетокот на руската инвазија на Украина, Ентони Блинкен го повикал Сергеј Лавров да не го суспендира, како што беше најавено, договорот за ограничување на нуклеарното оружје Нов Старт. „Беше важно овие пораки да се пренесат лично“, изјави американски дипломат во Њу Делхи. Но, како што се додава, немало никакви преговори или нешто слично. Што одговорил рускиот министер за надворешни работи не е познато. Сергеј Лавров, на својата прес-конференција на крајот од средбата на министрите за надворешни работи на 19-те најважни индустриски земји и земји во забрзан подем и на Европската унија, не ја спомена кратката средба со Блинкен.
Русија бара прекин на санкциите
Сергеј Лавров критикуваше претходно, на пленарната седница на официјалната работна сесија на Г20. Тој критиките на Западот за руската агресивна војна - или како што вели Лавров „воена операција“ - ги нарече „лицемерни“.
Западот со години ја полнел Украина со оружје, тврди шефот на руската дипломатија, кој ја прикажа Русија како жртва и повика да се укинат санкциите на западниот свет кон неговата земја, кои, според него, се нелегални. „Мора да се сопре секое прекршување на меѓународната слободна трговија, интервенции на пазарот, произволни ограничувања на цените и други обиди за обезвреднување на странските природни ресурси“, вели Лавров, а пренесува руската државна новинска агенција Тас.
Бербок бара крај на војната
Рускиот претставник, за разлика од состанокот на Г20 во 2022 година во Бали, сега барем остана да седи во просторијата додека зборуваа другите министри, од кои дел остро ја нападнаа Русија.
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, покажа дел од феминистичката надворешна политика што ја објасни во Берлин пред заминувањето за Индија. Таа директно му се обрати на Сергеј Лавров: „Господине Лавров, престанете со оваа војна! Престанете да го нарушувате нашиот меѓународен поредок! Запрете го бомбардирањето на украинските градови и цивили!“
Лавров слушаше без надворешни емоции додека Бербок дополнуваше: „Патот до мирот е кристално јасен: ако Русија ги повлече своите трупи денес, тогаш нема да има веќе војна“.
Аналена Бербок потоа на новинарите во Њу Делхи им рече дека руската страна мора да сфатила оти не е добра стратегија „прво да се даваат лажни тврдења, а потоа да се замине“ . На средбата во Бали, Сергеј Лавров побегна кога се критикуваше Русија.
Да се продолжи да се разговара
Русија и Кина не се согласија со заедничка конечна декларација на Г20 која би содржела осуда на војната против Украина. Како и состанокот на министрите за финансии на Г20 пред една недела, така и овој состанок остана без заеднички заклучок.
Сергеј Лавров не е целосно изолиран во рамките на Г20. Покрај кинескиот министер за надворешни работи, тој на билатерални разговори се сретна и со индискиот домаќин и други министри на билатерални разговори. Индија, Јужноафриканската Република и Бразил бараат да не се дозволи војната во Европа - што тие ја гледаат само како „украинска криза“ - целосно да ја блокира работата на Г20.
Индиското претседателство всушност сакаше да се расправа за глобалното снабдување со храна, намалувањето на сиромаштијата, синџирите на снабдување и заштитата на климата. Експертката за Г20 во Германското друштво за надворешна политика (ДГАП), Клаудија Шмукер, не е изненадена што групата не може да се договори за заеднички изјави. „Тоа можеше и да се очекува во сегашниот геополитички контекст. Според мене, секаков вид разговор е секогаш важен. Затоа, секогаш треба да се прави напор за средби, за постигнување договор. Колку повеќе дијалог е можен на овие неформални состаноци, толку подобро“, оценува Клаудија Шмукер за ДВ.
Индија сака да посредува
Во видео порака до министрите за надворешни работи, индискиот премиер Нарендра Моди повика на соработка и покрај конфликтите. „Се среќаваме во време на длабоки глобални поделби. Сите имаме свои ставови за тоа како да се надминат тензиите. Сепак, како водечки економии, имаме одговорност и за сите оние кои не се во просторијата“, рече Нарендра Моди.
Ова не е прв обид на индискиот премиер да се претстави како лидер на земјите во забрзан подем и земјите во развој, на т.н. „глобален југ“. Светскиот поредок, настанат пред осум децении, потфрли, рече Моди. Тој ниту спречи војни ниту доведе до меѓународна соработка во случај на заеднички интереси.
Индискиот министер за надворешни работи Субрахманјам Џаишанкар, кој претседаваше со состанокот во Њу Делхи, уште еднаш повика на реформа на Обединетите нации и нивните органи. „За да опстане поредокот, мора да се демократизираат глобалните процеси на носење одлуки“, рече Субрахманјам Џаишанкар. „Колку подолго чекаме, толку поневеродостоен ќе станува мултилатерализмот.“
Кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг малку се спротивстави и се изјасни за задржување на системот на Обединетите нации. Кина е една од петте сили во Советот за безбедност на ОН кои имаат право на вето. Индија и Кина се натпреваруваат за регионална превласт во Азија.
Тензичниот однос меѓу САД и Кина се покажа во многу говори во Њу Делхи. Многу западни дипломати гледаат формирање блок со Русија и Кина од една страна и САД со нивните западни сојузници од друга страна. Индија е во средината, обидувајќи се да одржи добри врски и со Москва и со Вашингтон, додека Пекинг би требало да се држи на дистанца.