1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русите непожелни во Европа?

Јури Решето
11 август 2022

Дали руските државјани во иднина веќе нема да добиваат Шенген визи? Додека барањата за такво нешто во ЕУ се сѐ погласни, илјадници руски туристи ја користат Финска како транзитна земја кон Запад.

https://p.dw.com/p/4FPlW
Busse von Russland nach Finnland
Фотографија: Anni Ågren/Lehtikuva/dpa/picture alliance

Мојот познаник, Русинот Артјом, ја сака Финска. Му се допаѓаат убавите езера, пријателски настроените луѓе, чистиот воздух. Ја познава земјата бидејќи често ја посетувал. Артјом живее во Санкт Петербург и со години го користи правилото за поедноставено добивање виза од страна на финскиот конзулат во неговата татковина - и сега кога барем директниот воздушен пат до Европа е затворен за Русите. На европското небо од почетокот на војната во Украина е забранет прелет за руски авиони, а истото важи и обратно. Затоа Артјом патува со автомобил. Еднаш во неколку недели патува до Хелсинки и назад, тоа се околу 400 километри и пет часа возење. Доколку го посети Лапенрабта, првиот поголем фински град во близина на руската граница, патувањето трае и покусо. 

Нема одмор во Европа за Русите

Но, за разлика од Артјом многу руски туристи не се враќаат веднаш во татковината. Тие патуваат директно од руската граница до аеродромот Хелсинки-Ванта за да продолжат на друга дестинација на Запад. Од почетокот на годината околу 60 илјади визи побарале Руси во финскиот конзулат, јавуваат финските медиуми.  Повеќето баратели на Шенген виза се од Санкт Петербург. Токму оваа порта кон Западот сега е причина за загриженост кај многу Европејци. Додека Москва бомбардира украински градови, руски граѓани не би смееле никако да уживаат на одмор на Западот, аргументираат противниците. 

Griechenland | Poseidon-Küste in Athen
Руси на одмор во Грција виа ХелсинкиФотографија: Vassilis Rebapis/ANE/Eurokinissi/picture alliance

Балтичките држави и онака со месеци веќе се исклучени како можна дестинација за Русите. Имено Естонија, Литванија и Летонија веќе не издаваат туристички визи на руски државјани. Летонија оди дури и чекор понатаму и дозвола за влез во земјата дава само во случај на смрт на близок роднина. 

Премиерките на Финска и Естонија неодамна побараа од другите европски земји да не издаваат веќе  туристички визи за Руси.  Во Финска 58% од граѓаните се против туристички визи за Руси, покажала анкета на јавното мислење од јавниот радиодифузен сервис Иле.

Во Европа и натаму се води дискусија

Кон крајот на август темата Шенген визи за Руси ќе се разгледува од страна на министрите за надворешни работи на ЕУ во Прага. ЕУ има 27 членки од кои не сите се членки на Шенген просторот. Во него соаѓаат и четири држави, имено Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, кои воопшто и не се членки на ЕУ, а издаваат Шенген визи. 

Лизинг-компании ја обвинуваат Русија за кражба на нивните авиони

Димитри Ланко од Катедрата за европски истражувања при државниот универзитет во Санкт Петербург во актуелната дискусија препознава само „секојдневен национализам”. Во разговор со ДВ го критикува „стремежот да се казнат сите Руси” и објаснува дека таа категорија не ги опфаќа само етничките Руси, туку и „Татари, Чеченци и претставници на сите народности во Руската Федерација, вклучително и Украинците кои живеат во Русија."

Естонската премиерка Каја Калас додаде масло на огнот и твитна: „Да се посети Европа е привилегија, а не човеково право”. Во Русија изјавата наиде на голем отпор. Портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, цитатот го нарече „глупост” која потекнува од „естонски фантазирања”. На социјалната мрежа Телеграм, Захарова се подбиваше на темата пишувајќи: „Вистинската привилегија е да имаш среќа Русија да ја доживееш во сета нејзина разноликост и величина.”

Russland | Passkontrolle Grenze zu Finnland
Финска - порта кон Запад за РуситеФотографија: Federal Security Service Press Office/TASS/picture alliance

Да не се бркаат туристите заради геополитика”

За Александар Горохов од Унијата на руските туристички организации „Сонато” ваквите натегања се „емоционални испади”. За ДВ тој потсетува на тоа дека руските туристи носат пари, па макар се работело и само за транзитен туризам. „Според мене овие земји треба да се изборат таа река од транзитни туристи да се претвори во вистинки туризам со ноќевања и слично,” предлага Горохов и се залага за прагматични решенија. Тој вели дека не треба туристите да се бркаат „заради геополитички аспекти”. 

Мојот познаник Артјом од Санкт Петербург исто така не сака да се најде во „мелницата на геополитиката”, особено што ниту тој, ниту неговите пријатели било кога дале глас за Владимир Путин. Но, тој би имал разбирање за евентуална забрана  за визи. Артјом планира викендов да го посети градот Лапенранта - сѐ додека има можност за тоа.