1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибија

Русија продолжува да го шири своето влијание во Либија

Џенифер Холејс
7 мај 2024

Москва го проширува својот концепт за „безбедност за ресурси“ во Либија со помош на платеничката група Вагнер под водство на новиот генерал Андреј Аверјанов. Што значи ова за демократската транзиција на Либија?

https://p.dw.com/p/4d8mg
Либискиот генералот Калифа Хафтар во посета на Русија на фотографија со рускиот заменик министер за одбрана Јунус-бек Јевкуров (26 септември 2023 година)
Либискиот генералот Калифа Хафтар во посета на Русија на фотографија со рускиот заменик министер за одбрана Јунус-бек Јевкуров (26 септември 2023 година)Фотографија: General Command of the Libyan National Army/AFP

Годините на војна и хаос, континуираниот политички застој, разорните поплави во септември 2023 година и недостатокот на демократија ја направија Либија подложна на влијанието на странските платенички милиции, како што е руската воена групација Вагнер.

Вагнер има седиште во Либија од 2018 година

Сепак, според неодамнешниот извештај на лондонскиот воен тинк-тенк Royal United Services Institute (РУСИ), Русија дополнително ќе ги зголеми своите напори во рамките на „Entente Roscolonial“ - група земји кои активно бараат помош од Русија - на Блискиот Исток и во Африка.

Политички поделената, но богата со нафта и со злато, Либија на Средоземното Море е главниот кандидат за ваквиот нов „руски колонијализам“.

Земјата е поделена меѓу две спротивставени администрации од 2014 година. Западниот дел на Либија е управуван од Владата на национално единство, меѓународно призната привремена влада со посредство на ОН, со седиште во Триполи под водство на премиерот Абделхамид Дбеиба. Таа е поддржана од турски милиции.

Премиерот на меѓународно признатата привремена влада на Либија, Абделхамид Дбебиба
Премиерот на меѓународно признатата привремена влада на Либија, Абделхамид ДбебибаФотографија: Mahmud Turkia/AFP

Источниот дел од земјата е под управа на Владата за национална стабилност на премиерот Осама Хамад, со седиште во Тобрук. Оваа влада е поддржана од Либиската национална армија под команда на генералот Калифа Хафтар.
„Целите на Вагнер во Либија главно се да добие пристап до приходите од нафта, повеќе или помалку индиректно преку поддршка за вооружените сили на Хафтар, но и да обезбеди пристап до поширокиот африкански континент“, вели за ДВ Тим Итон, виш научен соработник во лондонската тинк-тенк Chatham House.
„Во таа смисла, Либија функционира како мостобран“, додава Итон.

Ресурси за безбедност

Групацијата Вагнер е основана во 2014 година. Со години ја водеше рускиот милионер Евгениј Пригожин, кој беше тесно поврзан со рускиот претседател Владимир Путин - сѐ додека не се побуни против Кремљ во јуни 2023 година.
Два месеци подоцна, Пригожин загина во авионска несреќа. Оттогаш, групата на Вагнер е доделена на руската воено разузнавачка служба.

Новиот лидер на Вагнер, генералот Андреј Аверјанов, е осомничен за надгледување убиства во странство и за учество во дестабилизација на европските земји.

Платениците кои сега се под негова команда во Либија се преименувани во „Експедициски корпус“. „Со замена на Пригожин со некој кој е поблизок до режимот и има искуство во руската разузнавачка служба, операциите на групата Вагнер станаа поотворено поврзани со Москва“, вели за ДВ Хагер Али од германскиот тинк-тенк ГИГА Институт за глобални и регионални студии.

Рускиот генерал и нов командант на Вагнер, Андреј Аверјанов, лево на фотографијата направена во јули 2023 година
Рускиот генерал и нов командант на Вагнер, Андреј Аверјанов, лево на фотографијата направена во јули 2023 годинаФотографија: Sergei Bobylev/Tass/IMAGO

Додека претходно Кремљ можеше да негира каква било поврзаност со активностите на милицијата, Аверјанов „го отфрла тоа веродостојно негирање, бидејќи сега тоа е повеќе директно проширување на руските интереси во Африка и на Блискиот Исток“, вели Али.

Меѓутоа, Руслан Сулејманов, независен руски експерт за Блискиот Исток со седиште во Баку, за ДВ вели дека не секој борец на Вагнер е задоволен од новото раководство. „До денес се водат тешки преговори со поранешните борци на Вагнер за потпишување договор со руското Министерство за одбрана“, вели Сулејманов.

Сепак, еден од првите луѓе кои Аверјанов ги запозна во својата нова улога минатиот септември беше генералот Хафтар. Двете страни ја потврдија својата посветеност на она што може да се сумира како договор за „безбедност на ресурси“, се наведува во извештајот на РУСИ.

Либиско злато за Русија

Борците на Вагнер продолжуваат да го поддржуваат Хафтар и за возврат им е дозволено да продолжат да ја користат стратешки лоцираната земја за транзит на оружје, шверц на дрога и управување со три либиски воздушни бази.

Овие бази ѝ овозможуваат на Москва да го испорача златото ископано во Либија под водство на Вагнер во Русија, која е под строги санкции поради нејзината агресија врз Украина.

„Вагнер, исто така, транспортираше преносливи ракети земја-воздух, муниција, гориво и друг товар од Либија до Силите за брза поддршка на Судан, кои се во војна со суданските вооружени сили“, е забележано во неодамнешната анализа на Хагер Али од ГИГА.

За Либијците, пак, платениците на Вагнер во земјата значат и „сериозно кршење на човековите права, вклучувајќи тортура, масовно силување и вонсудски убиства“, заклучи Европската унија уште во декември 2021 година. 

Поранешниот командант на Вагнер, Евгениј Пригожин загина во авионска несреќа во 2023 година. Повеќето набљудувачи претпоставуваат дека тоа бил чин на одмазда на Путин
Поранешниот командант на Вагнер, Евгениј Пригожин загина во авионска несреќа во 2023 година. Повеќето набљудувачи претпоставуваат дека тоа бил чин на одмазда на ПутинФотографија: PMC Wagner/Telegram/REUTERS

Вагнер најверојатно ќе ја наруши демократската транзиција

Последниот обид за одржување избори во Либија пропадна во декември 2021 година. Оттогаш, ниту една страна не можеше ниту сакаше да се согласи на чекори за надминување на политичкиот ќор-сокак.

Во февруари, Абдулаје Батили, специјалниот пратеник на ОН за Либија, повторно ги повика либиските лидери „да ги остават сопствените интереси настрана и да дојдат на преговарачка маса со добра волја, подготвени да разговараат за сите спорни прашања“. Во спротивно, предупреди тој, „кревкоста на нејзините институции и длабоките поделби во нацијата претставуваат сериозни ризици за стабилноста на Либија“.

Но, Хагер Али нема надеж дека Либија може да се врати на демократскиот пат сѐ додека Вагнер е во земјата. „Вагнер води кампањи со дезинформации на интернет“, вели Али, додавајќи дека Вагнер може да се меша во подготовките за изборите, да ги заплаши гласачите со насилство, па дури и да помогне во лажирање на изборите.

И за Либија, како што вели Али, земјата во која сè уште има политички партии кои треба да воспостават база на гласачи и да носат одлуки за самиот изборен процес, дезинформациите се многу штетни за интегритетот на секој изборен процес.