1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Русија распиша потерница по американскиот сенатор Греам

СН/агенции
29 мај 2023

Во знак на протест против наводните русофобични изјави, Русија распиша потерница по Линдзи Греам. Претходно беше покрена кривична постапка за неговите изјави, за чија автентичност меѓутоа има сериозни сомневања.

https://p.dw.com/p/4Rvh1
Американскиот сенатор Линдзи Греам
Американскиот сенатор Линдзи ГреамФотографија: Kevin Dietsch/Getty Images

Руското Министерство за внатрешни работи го стави американскиот сенатор Линдзи Греам на листата на „барани личности“, објавија денеска руските медиуми

„Американскиот државјанин Линдзи Олин Греам, роден на 9 јули 1955 година, се бара поради кршење на кривичниот законик на Русија“, се наведува во базата на податоци на истражниот комитет, без да се прецизира кој член од кривичниот законик го прекршил овој американски сенатор, пренесува руската новинска агенција ТАСС.

Вчера Греам ги отфрли критиките на Русија поради поддршката на Киев, велејќи дека само го пофалил духот на Украинците во отпорот на руската инвазија со помош на Вашингтон. Министерството соопшти дека го ставиле Греам на потерница поради кривична пријава поврзана со неговите русофобични изјави за време на состанокот со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Бидејќи Греам е надвор од Русија, така што правните чекори на Москва во прв ред би требале да имаат симболично значење.

Греам, кој ја претставува Јужна Каролина во Конгресот, беше снимен како се среќава со Зеленски во Киев во петокот, на 26 мај, кога тој наводно рече дека убивањето на Русите во конфликтот со Украина се „најдобрите пари што САД некогаш ги потрошиле“.

Шефот на рускиот истражен комитет, Александар Бастрикин, им нареди на надлежните органи да започнат кривична истрага во врска со овие коментари.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги осуди зборовите на Греам и ги нарече „срамни за САД“. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека таквата теза за убивање на Руси „веќе долго време се користи во САД“.