1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоРоманија

Романија – земја на смртта поради јавашлак и корупција

Кристијан Стефанеску
31 август 2023

Во Романија луѓето отсекогаш биле жртви на јавашлак и корупција. Деновиве во експлозија на илегална гасна станица близу Букурешт загинаа две лица, а повеќе од 50 беа повредени.

https://p.dw.com/p/4Vkok
Две жртви во експлозија на станица за гас во Романија
Две жртви во експлозија на станица за гас во РоманијаФотографија: -/IGSU Romanian Emergency Services/AP/dpa/picture alliance

Човек во Креведиа, село на 25 километри од романската престолнина Букурешт, две години се жалел кај локалните власти на силен мирис на гас во неговиот двор. Но, никој не обрнувал внимание. Или не сакал. Сѐ до моментот во саботата, на 26 август 2023 година, кога пожарникарите дошле во неговата улица. И полиција. И возило за итна помош. За жал, за овој човек било предоцна. Умрел од последици на срцев удар откако видел како жена му се запалила во експлозијата на гас во соседниот двор. Се здобила со тешки повреди, 95 проценти од кожата ѝ изгореле, еден ден подоцна умрела и таа.

Илегална гасна станица

Во дворот пред куќата во која живееле сопружниците пред смртта, со години имало станица за автомобилски гас. Тука се точел гас за возила и се полнеле гасни боци за приватни системи за греење, под спорни безбедносни услови. Во текот на инспекција во 2020 година органите утврдиле дека станицата не ги почитува безбедносните стандарди и ја одзеле дозволата за работа. Сопствениците ги затвориле портите и продолжиле да си работат зад оградата. Секако на црно.

Таа сабота инаку се запалил гас кој излегувал од една импровизирана пумпа. Не се знае причината: цигара, жештина... Прво експлодирала цистерната од која се точел гас во резервоари, а потоа во воздух одлетале и бурињата со компримиран гас. Повредени се повеќе од 50 луѓе. Најголем дел од нив се спасувачи кои дошле по првата експлозија – пожарникари, болничари и полицајци. Некои се префрлени во болници во странство, во специјални клиники.

Романија пожарникари
Многу од повредените во експлозијата на станица за гас се префрлени на лекување во специјални клиники во странство Фотографија: Alexandru Dobre/AP Photo/picture alliance

Сето ова разбуди сеќавање на катастрофалниот пожар во ноќниот клуб Колектив во 2015 година во Букурешт, кога загинаа 65 главно млади луѓе, а беа ранети околу 150. Владата на социјалдемократскиот премиер Виктор Понта мораше да поднесе оставка по масовните улични протести. 

А катастрофата во Креведиа можела да се избегне. Зашто, она што се случи таму е една од многуте симптоматични ситуации за Романија. Државните институции се целосно депрофесионализирани низ корупција, политизација и партиски интриги, непотизам, некомпетентност, но и рамнодушност.

„Немам веќе воздух!“

Во Романија куќи горат до темел зашто патиштата кои водат до нив често се лошо испланирани и претесни за противпожарните возила. Возилата за итна медицинска помош стигнуваат три пати подоцна отколку предвиденото со протокол, зашто многу патишта кон селата декларирани како афалтирани, всушност се тешко проодни селски и шумски патишта. Наместо тоа, со афалт се поплочени дворови и авении кои водат до велелепни куќи на селската елита со добри врски.

Пациенти умираат во болниците зашто раните им се заразени со вируси вгнездени во ѕидовите на собите. Или зашто болните ги игнорираат токму оние кои треба да се грижат за нив.

Во средината на август годинава во болница во Ботошан, близу границата со Украина, умре млада 25-годишна жена. Мајка на три деца, била во трет месец на бременост кога била примена со болки и обилно крварење. Седум часа подоцна умрела зашто никој не интервенирал да ѝ помогнат ноќта. „Немам веќе воздух!“, била нејзината последна порака до семејството. Лекарите и болничарите меѓусебно се обвинуваат, а случајот го истражува јавен обвинител.

„Немој непотребно да ја блокираш линијата!“

Вакви инциденти постојано предизвикуваат ужас во Романија. 15-годишна тинејџерка киднапирана од сексуален престапник успеала да повика итна помош на 112, но ѝ се развикале: „Немој непотребно да ја блокираш линијата!“. Малку подоцна нејизниот киднапер ја убил.

Во Романија истражувачките новинари често откриваат случаи во коипостари лица или инвалиди се затворани во објекти налик на логори. Овие „домови“ често добиваат сериозна поддршка во пари од политиката, но тие исчезнуваат во мрачните канали на корупција и непотизам.

Корупцијата е широко распространета во Романија
Корупцијата е широко распространета во РоманијаФотографија: Burkhard SchubertGeisler-Fotopress/picture alliance

Сите знаеле што е во прашање

Но, да се вратиме на неодамнешната катастрофа – експлозијата и пожарот се случиле на локација на станица за гас која немала дозвола за работа веќе три години. За нерегуларностите знаеле седум државни институции. Но, работата со течен гас во Креведиа продолжувала да цути. Пред три години, таткото на главен акционер на компанијата станал градоначалник (за владејачката Социјалдемократска партија, ПСД), во градот на југ на Романија. Оттогаш прометот на компанијата се зголемил десетпати. Извор на овој комерцијален успех биле великодушни јавни договори. Имено, државни институции избегнуваат да контролираат такви компании за да не пречат во работата. Често инспекторите се бивши блиски соработници на влијателни личности и политичари. Незаконските работи не се казнуваат. Ако некој инспектор има храброст да изнесе забелешка, често го смируваат: „Пријателе, гледај си своја работа или да те одведеме на крај на светот?“

Така, трагедиите во Романија најчесто доаѓаат на крај на долг и сложен синџир на корупција. А вмешаните веруваат дека никогаш нема да бидат откриени. Посматрачи зборуваат и за државно соучество и мафијашки структури во државните институции.