1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Рокадите на Путин навестуваат долга војна

17 мај 2024

Војната го троши и оној што делува дека војната ја добива. Иако е вистина дека Украина е полууништена и е на работ на колапс, подеднакво е вистина дека Русија нема премногу причини за славење. Пишува Ивор Мицкоски.

https://p.dw.com/p/4fxbZ
Рускиот претседател Владимир Путин и доскорешниот министер за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу
Рускиот претседател Владимир Путин и доскорешниот министер за одбрана на Русија, Сергеј ШојгуФотографија: Alexander Zemlianichenko/AP Photo/picture alliance

На почетокот на својот петти претседателски мандат Владимир Путин сакаше да испрати јасна порака на промени, нешто што многумина, што внатре -  што надвор од Русија, од поодамна го очекуваа.

Сигналот беше испратен неделава, кога Путин ја соопшти владината реконструкција која допре важни личности од врвот на магичниот круг на моќта на Царот. На 12 мај, Путин го отпушти рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, еден од најблиските соработници на рускиот претседател и го замени со првиот заменик-премиер Андреј Белоусов, економист (65), кој претходно беше министер за економски развој и е познат како личност која доследно ги спроведува насоките на Путин и е негов економски советник од доверба.

Во најновите ротации во врвот на Кремљ, најголемо внимание привлекува улогата на влијателниот Николај Патрушев. Пред да биде назначен за помошник на Путин, Патрушев беше разрешен од позицијата секретар на Советот за безбедност на Руската Федерација, а на негово место ќе дојде токму Сергеј Шојгу, но со важна разлика, што неговата функција во суштина ќе наликува на достинствено пензионирање. Во исто време пак, синот на Патрушев, Димитри Патрушев, ќе ја преземе испразнетата позиција на Белоусов.

Русија нема премногу причини за славење

Што го принуди Путин на оваа одлука и на ова ретко видено владино размрдување?! Како прво Путин сакаше да испрати сигнал до руските граѓани (па и до странците) за еден вид на „промена во чекорите“, со почетокот на неговиот нов мандат. Таа потреба ја искористи за да го одалечи Шојгу, чија фигура и позиција беше искомпромитирана во последните години. Во најголем дел поради корупциските скандали кои го допреа и него и неговиот ентураж, каде пред само некоја недела беше уапсен неговиот заменик Тимур Иванов, нешто што ја навести судбината и на надредениот Шојгу. Путин воедно ги чисти опашките од судирот и елиминацијата на екс-лидерот на Вагнер, Евгениј Пригожин, чиј бунт барем официјално беше насочен против Шојгу. Но, клучниот фактор за овие промени треба да го бараме во одвивањето на „специјалната воена операција“ која веќе се претвори во вистинска војна, дури и во терминологијата употребена од естаблишментот. 

Новиот руски министер за одбрана, Андреј Белоусов
Новиот руски министер за одбрана, Андреј БелоусовФотографија: Sergei Bobylev/TASS/dpa/picture alliance

И токму на ова последново прашање треба да посветиме повеќе внимание.

Војната го троши и оној што делува дека војната ја добива. Иако е вистина дека Украина е полууништена, со една петтина од територијата под окупација, комплетно зависна од западна помош и на работ од колапс, подеднакво е вистина дека Русија нема премногу причини за славење. Се разбира, Москва ги издржа западните санкции многу подобро од очекуваното, енергетски и прехранбено е независна, за разлика од голем број на санкционирачи или кои се претставуваат како такви. Па сепак и Москва мора да поведе сметка и да се соочи со реалноста. А реалноста е дека води тотална војна на повеќе фронтови, војна која има сериозни реперкусии врз внатрешната стабилност и консеквентно врз благосостојбата.

Путин е свесен за границите на својата моќ. Не може да си дозволи тотална мобилизација, затоа што тоа би го прекршило општествениот договор не само со елитата, туку и со буржоазијата во Москва, Санкт Петерсбург и генерално со европска Русија. Односно, со оној дел од Русија којшто нешто вреди и којшто има некаква тежина. Тие луѓе не се заинтересирани цутот на нивната младина да испогине во Украина, ниту пак да ја подмират сметката за пост-воената реконструкција во Донбас. Најголемата загуба за Русија не се само загинатите војници на фронтот, туку и милионите млади и богати граѓани кои ја напуштија земјата и избегаа поради војната. Што од протест - што од интерес, што поради обете причини. 

Опремување за долга војна

Од истите причини Путин не е во состојба и не може да си дозволи да си го потроши консензусот и поддршката за да ја преориентира целата руска економија во опсесивна корист на воениот сектор, една од причините поради кои колабираше и СССР. Особено не во услови кога зголемената воена потрошувачка е придружена со брутално расфрлање на средствата како последица на корупцијата и неефикасноста.

Оттука, владината реконструкција треба да се интерпретира како нужна со цел да се пополнат дупките настанати од економското раководење на војната, како неопходна промена за поефикасно управување со долгата и скапа војна против Украина и последиците од ескалацијата на конфронтацијата на Москва со Западот. Преместувајќи човек кој надгледуваше цел блок економски министри во кабинетот на Министерството за одбрана, Путин го сигнализира приоритетот што и го дава на војната во Украина и ги зголемува напорите да го предизвика Западот, и покрај предизвиците со кои се соочува. 

Зошто мораше да биде сменет? Сергеј Шојгу, доскорешен руски министер за одбрана
Зошто мораше да биде сменет? Сергеј Шојгу, доскорешен руски министер за одбранаФотографија: Alexander Nemenov/AFP/Getty Images

Со други зборови, Русија се опремува за долга војна. Борба која ќе биде и економска и социјална, а не само воена. Настрана Украина, Москва мора да ја следи и оствари целта за постигнување долго примирје преку кое би ги санкционирала своите освојувања и би си обезбедила остварување на своите стратешки цели: Украина надвор од НАТО и без американски ракети и воени бази на сопствена територија.

Кремљ е свесен за проблемите

Воениот судир со „колективниот Запад“ е осуден да потрае во времето и да се прошири низ просторот. Оттука, Путин мора да пронајде решение за структурните економски проблеми на Русија, кои во спротивно би можеле да ја загрозат стабилноста на империјата и на неговиот режим. Империја и режим кои се осудени заедно да преживеат или заедно да пропаднат, како што руската историја многупати ни потврдила.

Економистот на местото на Шојгу со сигурност нема да ја владее и контролира војската, но носењето на чесен и трезвен технократ, на местото на пијан и корумпиран генерал, секако ќе ја подигне ефикасноста. Со војската стрикно ќе се бават и понатаму Герасимов и генералите од првите линии, каде поголемо влијание би можел да добие и Суровикин, кој се враќа од Африка. Професорот по економија ќе има задача да го стави во марш воено-индустрискиот апарат, срцето на воената економија, елиминирајќи ги хроничните неефикасности и корупцијата во редовите и ранговите на руската војска.

Секако, во Русија Владата не владее, туку само ги следи директивите од Кремљ и нејзината улога е техничка, никогаш стратешка. Оваа последнава прерогатива му припаѓа на Путин и на неговиот тесен круг Силовики, на воените и цивилните тајни служби, кои не се покажаа најдобро во првиот дел од војната. Од тој аспект ќе биде интересно да се види каква парабола ќе има стариот и искусен Патрушев, клучниот човек кој се залагаше за нападот врз Украина. Како што ќе биде интересен и подемот на неговиот син, кој наводно го немал бруталниот талент на татко си, но од поодамна важи за еден од наследниците на Путин. Веројатно и затоа што во еден режим кој го владејат шпиони, најважниот критериум во проценките на луѓето е верноста кон шефот.

Тоа што можеме да заклучиме од сите овие рокади е дека Кремљ е свесен за проблемите, дека се подготвува за долга војна, и дека отвора сосема нова фаза во сопствената војска и одбрана. Каде тоа ќе ја однесе Русија и светот, прерано е да се каже.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.