1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рихард фoн Вајцекер-вечниот претседател

Александер Фројнд
11 февруари 2015

Германија се прости од неодамна починатиот екс-претседател Рихард фoн Вајцекер. Шестиот претседател на државата почина на возраст од 94 години. Десет години, од 1984-1994, тој ја извршуваше највисоката функција.

https://p.dw.com/p/1EZfl
Фотографија: picture-alliance/dpa

Такво нешто никогаш немало: реки од луѓе брзаа да го купат текстот на говорот за една годишнина, говор кој всушност мораше да се слушне, а не само отпосле да се прочита. Тој говор, на 8. мај 1985. година во Бундестагот по повод 40-годишнината од крајот на Вората светска војна, веројатно најважниот на Рихард фон Вајцекер, тогаш претседател на Сојузна Република Германија (на насловната фотографија од одржувањето на говорот). Тоа беше критичко соочување со германската капитулација, кое го погоди пулсот на времето и предизвика големо интересирање и признанија во странство.

„Осми мај за нас Германците не е ден за славење“, рече Вајцекер во тоа обраќање кое мора постојано да се има на ум. „Луѓето кои го доживеаја и беа свесни, во мислите се навраќаат на своите сосем лични, што значи и сосем различни искуства. Некој се вратил дома, друг останал без татковина. Едниот бил ослободен, за другиот започнало заробеништво“. На некои Германци им останале само разорени илузии, други биле благодарни поради подарената можност за нов почеток.

Рихард фон Вајцекер во тој говор со зборови ја опфати доживеаната историја - и својата сосем лична историја. Поранешниот градоначалник на Берлин само една година пред говорот беше избран за шести претседател на Сојузната Република.

Времето на нацизмот и крајот на војната оставија белег

Насоките за неговата кариера беа поставени уште во детството. Роден на 15. април 1920 година во Штутгарт, Рихард барон фон Вајцекер растел во семејство на дипломат. Татко му Ернст бил од 1938 до 1943 година државен секретар во Хитлеровото министерство за надворешни работи, а потоа, до крајот на војната, дипломат во Ватикан. Рихард фон Вајцекер се здобил со извонредно образование на повеќе места во Европа и потоа служел воен рок во Вермахтот (германската армија) и стигнал до чин капетан од прва класа. По војната студирал право и работел како асистент кај адвокатот кој го бранел татко му кога на Нирнбершкиот процес тој бил осуден на седум години затвор.

Неумоливото владеење на националсоцијалистите и брзиот пропаст на нацистичкиот режим оставија белег врз Вајцекер. Тоа се искуствата за кои зборуваше тој во прочуениот говор и кои како да произлегуваа и од срцата на многумина Германци во тоа време - средината на 80-тите години на минатиот век.

Deutschland Staatsakt Weizsäcker
Претседателот Јоахим Гаук му оддава почит на починатиот Рихард фон ВајцзекерФотографија: Reuters/M. Schreiber

„Осми мај беше ден на ослободувањето“. Првенствено со оваа реченица од говорот тој остана во сеќавање до денес. „За волја на тоа ослободување, никој нема да заборави колку тешки страдања за многу луѓе започнаа со 8. мај и уследија потоа“. Но, Германците не треба причината за бегството, протерувањето и неслободата да ја гледаат во крајот на војната; таа многу повеќе лежи во нејзиниот почеток, рече Вајцекер понатаму.

За помирување со Источна Европа и Израел

Во десетте години како Сојузен претседател Рихард фон Вајцекер првенствено се фокусира врз помирувањето со Источна Европа и Израел. Тој беше уверен: шанса за нов почеток не даваат потиснувањето и настојувањето да се заборави, туку токму сеќавањето и свеста за нештата.

Како претседател Рихард фн Вајцекер го доживеа и повторното германско обединување. Хелмут Кол беше славен како „канцелар на обединувањето“, а Вајцекер повеќе остана на маргините. За разлика од многумина, тој сметаше дека е подобро грижливо да му се пријде на приближувањето на двете германски држави.

По истекот на вториот претседателски мандат во 1994 година Рихард фон Вајцекер остана драгоцен советник дома и во странство и страсен поборник за демократија и слобода. Тој понекогаш остро ги критикуваше и своите партиски пријатели од ЦДУ (Христијанско-демократската унија).

Во динамичната размена на мислења со интелектуалци, уметници и претставници на стопанството, тој и’ даде извесен сјај на германската политика. Но, не беше претседател близок за секого, не беше народски хоби-пејач или планинар како неговите претходници Валтер Шел и Карл Карстенс. А не беше ни духовито своеглав како наследникот Роман Херцог.

Рихард фон Вајцекер многу повеќе беше прототип на сериозен и образован претставник, кој и кај народот дејствуваше уверливо со својата личност, својата историја и првенствено со својот дипломатски начин на постапување. Се’ до смртта тој остана важна морална инстанца.