1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ревизија: Енергетските ресурси на климави нозе

ДТЗ
29 јуни 2023

Блокот 3 на РЕК Битола лани бил во дефект 365 дена, ТЕЦ Осломеј функционирал како резерва 168 дена, а ТЕЦ Неготино во кризата во најголем дел работел со еден котел, укажуваат ревизорите

https://p.dw.com/p/4TDFj
електрична енергија
Северна Македонија располага со ограничени необновливи енергетски ресурси и застарени капацитети, кои не можат да обезбедат стабилност во производството на електричната енергија.Фотографија: picture-alliance/dpa

Северна Македонија располага со ограничени  необновливи енергетски ресурси и застарени капацитети, кои не можат да обезбедат стабилност во производството на електричната енергија. Тоа ја прави државата увозно зависна и под директно влијание на цените на енергенсите на  отворениот пазар, што посебно неповолно се одразило во време на енергетската криза. Во периодот 2019 – 2022 година склучени се договори за набавка на јаглен, мазут и природен гас во вкупен износ од над 588 милиони евра. Од нив најголем дел или 68% отпаѓа на набавката на мазут. 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност со цел да се утврди дали преземените мерки и активности од надлежните институции во секторот енергетика овозможуваат сигурност и одржливост во обезбедувањето на електрична енергија на долг рок. Анализата покажува дека во 2022 година, во земјата се произведени 5.634 GWh електрична енергија од домашни производители, 1.471 GWh e нето увоз, а вкупните загуби на електрична енергија во eлектропреносниот систем се 972 GWh. Вкупно потрошената електрична енергија во 2022 година изнесува 7.105 GWh, од кои 20% се обезбедени со набавка. 

струја
Како да се обезбеди доволно струја во пресрет на зимата?Фотографија: Wilfried Wirth/CHROMORANGE/IMAGO

Ограничени ресурси на јаглен 

Северна Македонија располага со ограничени ресурси на јаглен, а новите наоѓалишта сѐ уште не се експлоатираат.  Преостанатите експлоатациони количини на јаглен во рудниците изнесуваат  69.780  илјади тони, а според стручните служби неговиот квалитетот е со ниска калорична вредност (околу 3 пати пониска од максималната пропишана калорична вредност за лигнитот) и потребно е дополнителна набавка на калоричен јаглен со цел да се направи негово хомогенизирање.

Производствените капацитети на електрична енергија кои користат јаглен и мазут (РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино), се постари од 40 години, што придонесува да се јавуваат чести дефекти и предизвикува помало производство на електрична енергија. Од спроведената анализа, ревизорите констатирале дека, во 2022 година, Блокот 3 на РЕК Битола бил во дефект 365 дена, што значи дека во погон функционирал само 1 час, ТЕЦ Осломеј функционирал како резерва 168 дена, додека ТЕЦ Неготино во периодот на енергетска криза во најголем дел работел со еден котел.

Пресметано е дека поради застојот на Блок 3, за околу 1.621 илјади MWh е произведено помало количество електрична енергија, кои во моментите кога државата се справува со енергетска криза се од големо значење. Ревизорите истакнуваат дека наведените состојби го доведува во прашање сигурното, безбедното и ефикасното работење на централите, како и континуирана испорака на електрична енергија до корисниците.

РЕК Битола
Блокот 3 на РЕК Битола лани бил во дефект 365 дена, ТЕЦ Осломеј функционирал како резерва 168 денаФотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Потребни се нови инвестиции

Подолг временски период не се извршени големи инвестициски активности за модернизација на постоечките капацитети или изградба на нови капацитети кои користат енергенси што не ја загрозуваат животната средина, кои треба да  обезбедат поголемо производство на електрична енергија, енергетска стабилност и одржливост на долг рок. Иако се разгледувани можностите за зголемување на производството на електрична енергија од гас преку изградба на гасни електрани, реализацијата на овие проекти е неизвесна.

Македонија има преземено меѓународни обврски за обезбедување на „зелена енергија‘‘ и зголемување на учеството на обновливите извори на енергегија во вкупно произведена електрична енергија. Ревизорите истакнуваат дека овие процеси се одвиваат без прецизни плански активности со постоење на голем број административни пречки и забавено темпо.

Според нив, производството на електрична енергија од обновливи извори учествува со околу 30% во вкупното производство на електрична енергија, а во периодот на појавата на енергетска криза заинтересираноста за изградба на  фотоволтаични електроцентрали (ФЕЦ) бележи значителен тренд на зголемување. Во извештајот е потенцирано дека недостасуваат точни и детални информации за начинот и постапката за изградба на електроцентрали за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија и приклучување во дистрибутивната и преносната мрежа, информации за можната финансиска и временска рамка на инвестициите поради што оваа  постапката е сложена, бавна и во државата не се врши ефикасно.

фотоволтаици
Производството на електрична енергија од обновливи извори учествува со околу 30% во вкупното производство на електрична енергија

Слабости

Утврдени се слабости во начинот на уредување на мерките за поддршка на производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија со кои мерки се предизвикало нарушување на начелото на конкурентност при доделување на премии на пазарот на електрична енергија.

Во извештајот е истакнато дека со регулативите е дадена можност производителите кои користат повластени тарифи да ги раскинат договорите. Поради тоа, за време на енергетска криза, кога цената на електричната енергија на отворен пазар значително порасна, дел од производителите ја искористиле таа можност и ги раскинале договорите, иако  во минатиот период им била дадена државна поддршка во износ од околу 45 милиони евра, што неповолно се одразило во време на енергетската криза.

Поради високата цена на електрична енергија, а со цел да ја искористат поволноста дадена на малите потрошувачи и да направат заштеди, голем број на правни лица и општини кои согласно законот треба да вршат набавка на електрична енергија на отворен пазар, основале нови правни субјекти/користеле постојни и се приклучиле на дистрибутивната мрежа на Универзалниот снабдувач со нови броила како „мали потрошувачи “.  Со ревизијата е утврдено дека над 3.100 броила биле регистрирани на нови правни субјекти, кои ја  користеле повластена субвенционирана цена на електрична енергија, која се наплаќа од  домаќинствата и малите потрошувачи.

Врз основа на горенаведените состојби ревизорите заклучуваат дека активностите кои се преземаат од надлежните институции во секторот енергетика не се доволно ефикасни за да обезбедат сигурност и одржливост во обезбедувањето на електрична енергија во земјата на долг рок.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи