Пред точно две недели во овие редови пишував на темата: Зошто Путин не се ослободува од „предавникот“ Пригожин? Објаснувајќи ги приватните војни помеѓу клановите од Кремљ, забележав и дека Путин, кој во септември го чекаат важни локални избори, а кој никогаш не брзал со сечење глави, пред или после изборите, ќе најде начин да направи соодветна чистка.
Сега, на точно два месеци од бунтот на Пригожин и неговиот предизвик кон Москва, го добивме безмилосниот одговор кој не` збунуваше што доцни од Путин: Никој не смее ја доведе под знак прашање неговата моќ и власт.
Икарот кој си дозволи да го предизвика и предаде Владимир Путин, на крајот заврши со изгорени крилја.Човекот од многу животи и професии, од готвач до месар, од водач на троловите до лидер на платениците, пропадна под ударот на своите сопствени амбиции.
После маршот на Пригожин на 24 јуни, прво што направи Путин е да се повика на овие зборови: „предавство“ и „нож во грбот“, зборувајќи за бунтот на Вагнер. Но, и покрај тоа, Вагнер продолжи речиси непречено да оперира, нешто помалку во Русија,многу повеќе во Белорусија, на Блискиот Исток, во Западна и Централна Африка. Во интервју од 2019-та за „Financial Times“, Путин ќе го дефинира предавството како: „најголемото злосторство што постои на Земјата“. А предавниците, ќе нагласи два пати, „мора да бидат казнети“. Путин остана верен на својот збор.
Фактот дека Путин им дозволи слобода на Пригожин и неговите луѓе во замена за егзил во Белорусија, делуваше како преголема концесија од Царот и поранешен агент на КГБ. Во исто време, уништувањето на Пригожин,наместо неговиот златен егзил, навистина наликуваше како повеќе штета од корист. Вагнер можеби повеќе не беше корисен во Украина, но во Белорусија, во странство и особено во Африка, беше особено важен. За Путин ќе беше подобро макијавелистички да му прости на Пригожин, да го оддалечи од домашниот терен, а во исто време да не изгуби важен инструмент за своите политичко-воени операции низ светот. Така зборуваше логиката, но осветата нема друга логика освен дека се сервира ладна.
Чистките во овие два месеци навистина беа сведени на минимум, како онаа кон Суровикин, кој не случајно пред два дена беше отстранет од Воздухопловството. Мали чистки кои не ги загрижуваа клановите и партијата на јастребите кои во Пригожин го имаа најдено својот „ловец“ и кој после бунтот делуваше како да наидува на уште поголем консензус меѓу воените крила и експонентите на политичко-индустрискиот систем, критички настроени кон војната и одлуките на Путин. Дури и враќањето на сцената на Димитри Уткин, првиот шеф на Вагнер кој со години беше сокриен, иако важеше за многу влијателен во воените кругови, како да навестуваше дека во овие два месеци моќта на Пригожин воопшто не е ослабната. Но, напротив, Пригожин и неговиот заменик Уткин, уште од првиот ден беа „мртовци кои чекорат“.
Купување време за чистка
Путин комплетно ја исчисти масата и ја анулираше играта. Сега, секој оној којшто има намера да го предизвика околу лидерството и претседателството над земјата, јасно ќе знае дека нема сила, армија или платеници кои би го заштитиле од бесот на Царот. Платеалната репресалија доаѓа во моментот кога кризата на рубљата и украинските напади со дронови дополнително го засенија имиџот на лидерот, покажувајќи го како слаб и неодлучен. Но, соборениот авион и осветата на Путин се уште една демонстрација за неговата непоколеблива и безмилосна волја да остане главниот човек во Русија.
Испаѓа дека во реалноста Путин само купувал време. Време кое му беше неопходно да го неутрализира „предавникот“ и неговите луѓе. Тоа што делуваше како слаба реакција на Путин, всушност беше добро смислен план прво да го уништи имиџот на Пригожин како предавник и претставник на корумпираните елити. Потоа следуваше егзил, комплетно потчинување на Лукашенко под Путин и следствено, распоредување на воени сили и нуклеарен арсенал во Белорусија. Заедно со Суровикин,тивко и брзо беа отстранети уште 15 воени старешини кои беа идентификувани како нелојални. Милионските договори за кетеринг фирмата на Пригожин беа анулирани, операциите во Блискиот Исток и Африка, промптно ставени под команда на руските безбедносни сили. Фабриката за тролови беше експресно растурена, а трупите на Вагнер распрснати и оставени без тешко наоружување или потчинети под Министерството за одбрана. На крај, спектакуларно им беше отсечена и главата.
Како што деновиве изјави и поранешниот врховен командант на НАТО, Весли Кларк, сега станува појасен и поочигледен сомнежот дека целата ситуација со Пригожин има карактеристики на добро спроведена разузнавачка операција на руските тајни служби. Оркестрирана од самиот почеток со цел да се идентификуваат нелојалните генерали и олигарси, за да се префрлат одредени воени сили во Белорусија, и за да се елиминира потенцијалниот ривал на Путин. Сигурно, во целиот план постои и силна порака кон Западот: Путин се уште ја има моќта во свои раце и ќе направи се за да ја зачува.
Што ќе значи крајот на Пригожин
Тешко е да се одреди колку крајот на Пригожин и Вагнеровците ќе има реперкусии врз конфликтот во Украинаи глобалните геополитички исходи. Сега рускиот синџир на команда се консолидира и цврсто останува во рацете на министерот за одбрана Шојгу и началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов, двајцата најголеми ривали на Пригожин. Тоа што треба да се очекува е дека нема да има промени во стратегијата на Москва - да се сопре украинската офанзива на Југот, и да се продолжи со држење на украинските трупи под притисок во други воени зони, во надеж дека времето ќе работи во корист на Русија.
Во Африка сигурно ќе нема поголема промена на актуелната линија, со драстична трансформација на Вагнер и со цел да се зголеми притисокот врз Западот. Ситуацијата во Нигер со хунтата непријателски настроена кон Франција, која непречено ја консолидира својата моќ, само потврдува колку е успешна руската африканска кампања. Целиот Сахел е претворен во нова зона под руско влијание, нешто што се нема случено ни во времето на најголемата експанзија на СССР.
На дипломатско поле, новопронајдената стабилност на Путин, сигурно ќе ги расположи неговите поддржувачи, но може и да ги заплаши. Тука најважно ќе биде да се следи однесувањето на Кина, која од пред некој месец е помалку расположена безусловно да ги поддржува руските позиции, а повеќе да бара дијалог и решение за конфликтот.
На внатрешен план, смртта на Пригожин поверојатно ќе ги заплаши отколку да инспирира идни протести. Незадоволство и понатаму ќе постои, но без политички последици. Подобро е да се молчи отколку да се заврши под земја или во затвор. Зависи како за кого, бидејќи и Путин имаше можност да го затвори Пригожин, во линија со нормите на кривичното право препознаени на меѓународно ниво. Но, не, така немаше да биде освета и предупредување: предавникот заслужува да биде отруен или неговиот авион соборен.
Како што Путин го создаде, така и го уништи Пригожин. А сега на музичарите од оркестарот Вагнер, не им останува друго, освен да отсвират Реквием за Пригожин.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.