Турција зачекори кон финансиско-политички пресврт?
22 јуни 2023Поради денешниот (22.6.2023) состанок на шефовите на Централната банка на Турција, многу погледи се вперени кон Анкара. Меѓународните финансиски и девизни пазари следеа што се случува во земјата и со нетрпение исчекуваа потврда дека валутната и финансиска политика на Турција се вразумуваат.
Откако претседателот Ердоган во владата го врати Мехмет Шимшек, поранешниот министер за финансии и некогашен економист на банката „Мерил Линч”, а поранешната американска банкарка Хафизе Гаје Еркан стана нова гувернерка на Централната банка на Турција, имаше сѐ повеќе индиции дека Ердоган дал зелено светло за пресврт на финансиската политика. Реизбраниот претседател во изминатите денови повеќе пати го навестуваше тоа. Одлуката на Централната банка на денешниот состанок да ја зголеми основната каматна стапка во земјата на 15 проценти може да се гледа како потврда дека работите се движат во таа насока
Сепак, недовербата на меѓународните инвеститори во своеглавата економска и финансиска политика на Ердоган и натаму е длабока.
15 изгубени години?
Турската економија со години е во криза. Огромната инфлација од околу 40 проценти (мај 2023) буквално ја уништи куповната моќ на луѓето. Стапката на поскапувања во 2022 делумно е скокната на 80 проценти, а притоа станува збор за државна статистика која многу експерти ја сметаат за „нашминкана”.
Турција е земја на сиромашни суровини, традиционално повеќе увезува отколку што извезува и оттука се соочува со голем дефицит. Потребите на земјата за финансирање однадвор моментално се проценуваат на повеќе од 200 милијарди американски долари. Истовремено долгот на земјата расте. Само во првите четири месеци според пресметката на турскиот економист Тахсин Бакирташ, дефицитот на буџетот експлодирал за 1.870 проценти во однос на претходната година. Домаќинствата се исто така многу задолжени, а турската лира е претворена во сенка од она што беше. Во 2008 година една лира вредеше нешто повеќе од 60 евроценти, а по сегашниот курс ни половина евроцент. Заради драматичниот пад на вредностата на лирата и натаму растат трошоците за увоз на сировини и стока.
Наместо да се заузда инфлацијата со подигање на каматите, како што тоа го прават другите Централни банки во светот, Ердоган кој за себе вели дека е „непријател на каматите” со години го користи политичкиот притисок врз оваа институција за каматите да останат ниски. Со тоа се руши секторот на државни финансии.
Економисти од ЏејПи Морган проценуваа дека Централната банка на денешниот состанок тројно ќе ја зголеми каматната стапка од моменталните 8,5 проценти на импресивни 25 проценти. Сепак Банката во Анкара се одлучи за поблаго зголемување на каматната стапка- односно речиси двојно на 15 проценти. До крајот на годината аналитичарите од ЏејПи Морган очекуваат нивото на каматната стапка да достигне дури 30 проценти.
Колку е сериозен Ердоган?
Новиот турски министер за финансии Мехмет Шимшек, кого Ердоган во 2018 година го смени заради финансиско-политички несогласувања, пред неколку дена најави дека земјата економската и финансиската политика ќе ја врати на „рационални основи”. Дури и самиот Ердоган неодамна зборуваше за „брзи мерки”.
Турските медиуми минатата недела пренесуваа дека Ердоган по враќањето од посетата во Азербејџан изјавил дека „по разговорите со нашиот министер за финансии дозволивме во договор со Централната банка брзо да се преземат мерки”. За аналитичарите зборовите на Ердоган сугерираа дека на својот министер и на новата гувернерка на Централната банка им дал зелено светло за зголемување на каматната стапка. Ердоган во изминатите години повеќепати ги менуваше гувернерите на Централната банка зада продолжи да спроведува политика на ефтини пари и ниски камати. Хафизе Гаје Еркан е петта на врвната позиција од 2019 година до сега. Сепак, прашање е колку е одлучна економистката од елитниот американски универзитет Принстон и поранешна банкарка на „Голдман Сакс”, кога во прашање е извлекување на Турција од финансиско-политичкиот офсајд? Меѓународните инвеститори во повеќе наврати нагласуваа дека за да ја заузда галопирачката инфлација не е доволно Турција само да ја зголеми каматната стапка.
И мерките на Ердоган кои се често изненадувачки и внатрешнополитички мотивирани, ги држат инвеститорите подалеку од Турција. Краткорочни девизни прописи или обврска за тргување во домашната валута во голем обем ја нарушија довербата на инвеститорите. Големи инвестиции како градењето фабрики за составување на возилата на Фолксваген, со години чекаат на реализација.
Новата шефица на Централната банка од САД носи искуство во управување со ризици. Имено, 44-годишната до неодамна работела за американската регионална банка Фирст Рипаблик, на која и се закануваше банкрот, а која ја презема ЏејПи Морган.
Ердоган има за цел инфлацијата од актуелните 40 проценти да ја намали на едноцифрено ниво, но сака да остане и приврзан на политиката за „ниска инфлација и ниски камати”, и вели дека тоа и го кажал и на гувернерката.
„Ако даде Бог, ни нашиот министер за финансии, ни нашата гувернерка нема да нѐ посрамотат”, рече Ердоган и додаде „се надевам дека ќе постигнат одлични резултати”.
Претходникот на гувернерката, Шахап Кавџиоглу, кој по желба на Ердоган значително ги намали каматните стапки сега стана нов шеф на турското надзорно тело за банкарство, што аналитичарите го проследија со интерес. Ерик Мејерсон, главен стратег за пазари во развој при шведската банка СЕБ, во врска со тоа предупредува дека „новата улога на досегашниот гувернер на Централната банка Кавчиоглу значи дека неортодоксната финансиска политика на Ердоган може во секој момент да се врати”.