1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалНов Зеланд

Ребека Стот: од хемотерапија до Светско првенство во фудбал

Мет Пирсон
20 јули 2023

Ребека Стот е благодарна што настапува за репрезентацијата на Нов Зеланд на Светското првенство во женски фудбал, чиј домаќин е нејзината земја. Фудбалерката од одбраната се опорави од канцер и даде надеж на другите.

https://p.dw.com/p/4UAQR
Ребека Стот Нов Зеланд Норвешка фудбал СП
Ребека Стот (лево) во акција - на натпреварот против Норвешка со противничката Ада Хегерберг, Светско првенство во фудбал за жениФотографија: Andrew Cornaga/AP Photo/picture alliance

Да настапи во дресот на репрезентацијата на Нов Зеланд во преполниот стадион „Идн Парк” во Окленд на натпреварот со кој се отвори светското првенство 2023 чиј домаќин е нејзината татковина, била „најголемата мотивација” за Ребека Стот да се врати на фудбалскиот терен откако го победи ракот. Со оглед на тоа дека натпреварот против Норвешка се играше денеска, 20 јули, Ребека Стот навремено се врати во националниот тим и на пат е да си го оствари својот сон.
Пред една година Ребека доживеа пресврт во својот живот: за време на фудбалскиот турнир „Ши Беливс Кап” во САД, таа на Инстаграм во својот блог ја документираше нејзината борба против Хочкинсоновиот лимфом, еден вид канцерна лимфни жлезди, за да го одврати вниманието од црните мисли и за да се обиде да им помогне на други во слична ситуација.


„Напред Стот!"

Една од оние на која ù помогнал овој блог е Американката Алисон Гејл, која е обожувач на фудбалот и на која само шест дена подоцна ù била дијагностицирана истата болест.
Тие двете се поврзале преку интернет, но никогаш не се сретнале сѐ до таа ноќ минатата година во февруари кога Алисон Гејл, за време на натпреварот Нов Зеланд - Исланд во рамки на споменатиот куп, подигнала транспарент за поддршка на Ребека, која излегла од теренот и седнала на клупата за резервни играчи. На транспарентот пишувало: „Напред Стот! Ти благодарам што ми помогна да го победам Хочкинсоновиот лимфом!”
„Тоа беше толку кул момент”, се потсетува одбрамбената фудбалерка од  англискиот прволигаш „Брајтон енд Хоув”, Албиона во изјава за ДВ.
„Тоа беше прв пат да ја сретнам. Ми помогна да го пребродам тоа лудило. И јас ù помогнав да го преброди лудилото и супер е да имаш таква конекција која почива на нешто што навистина не е забавно”, вели таа. Кога за време на фудбалската сезона 2020/2021 година го напуштила Брајтон за да се врати во Мелбурн на лечење, Ребека Стот морала да помине две недели во изолација поради австралиските мерки против Ковид-19. Тогаш ù ја соопштиле дијагнозата.

Нов Зеланд Норвешка на Светското првенство во фудбал
Женската фудбалска репрезентација на Нов Зеланд пред натпреварот против Норвешка на Светското првенствоФотографија: Andrew Cornaga/AP Photo/picture alliance



Мрежата на поддршка непроценива во изолацијата

„Јас со тоа веќе излегов на крај. Знаев дека е рак.Но, имав соиграчи, пријатели и доктори со кои разговарав. Затоа не беше тешко”, вели таа.
Хочкинсоновиот лимфом е еден од карциномите кој полесно се лечи, но Стот сепак морала да се подвргне на хемотерапија во траење од четири месеци, пред лејарите во јули 2021 година да ù соопштат дека е излечена. Само што ја добила ваквата вест, Ребека Стот почнала да го планира враќањето на она што го сака.
Но, колку и да биле напорни и болеста и третманите со хемотерапијата,Стот не ни сонувала дека патот до фудбалскиот терен до нивото на кондиција на професионален спортист ќе биде многу потрновит и потежок отколку што си замислувала. „Не очекував дека ќе биде толку тешко колку што беше. И дека на моето тело ќе му треба толку многу време да се врати во нормала. Сега гледам слики од времето кога го завршив третманот и кога играв во женската А-лига во Австралија во декември 2021 година и не можам да се препознаам”, вели Ребека која за време на терапијата не тренирала 4 до 5 месеци. „Немав мускули, немав снага. Морав да почнам со аеробен тренинг. Но, бев ужасно исцрпена. По теретана, заморот ме држеше по два или три дена. Ми требаше многу подолго да се опоравам отколку што ми требаше да се излечам”, заклучува фудбалерката.

Нов Зеланд фудбал СП Ребека Стот
Ребека Стот повторно се вратила во форма по заболувањето од рак Фотографија: picture alliance / ASSOCIATED PRESS



Враќање на работа во Брајтон и Окленд

По враќањето во Брајтон во женската супер лига, Ребека остава впечаток на опуштена и достапна личност. Бурната сезона на јужниот брег на Англија, доведе до тоа клубот за влакно да избегне испаѓање од првата лига и покрај значајно вложување во објекти, персонал и играчи. Но, Стот не се сомнева во исправноста на нејзината одлука да се врати.
„Кога проаѓав низ третманот, моја единствена цел бешеда се вратам на фудбалот.Кога се укажа таквата прилика си реков ‘да, ајде да се вратиш на вистинскиот пат и да ја рестартираш својата кариера’”, се присетува таа.
И покрај неколку повреди, таа си ја оствари нејзината цел и се врати на своето место во срцето на одбраната од новозеландската репрезентација.
Иако рагби е национален спорт во Нов Зеланд, секој ден сѐ повеќе расте одушевувањето за женскиот фудбал.
Целта која си ја поставила репрезентацијата на Нов Зеланд, е да се избори во својата група во која се и Норвешка, Швајцарија и Филипини и да влезе во вториот круг на натпреварувањето.
А на Ребека Стот ù е доволно само да се сети на Алисон Гејл, нејзиниот транспарент за поддршка и сѐ што стои зад таа приказна.