1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Карпалак по 22 години споменик, сепак, ќе се гради

ДТЗ
11 август 2023

Споменици ќе се градат и во тетовско Вејце и во Љуботенски бачила. Министерката за одбрана, Славјанка Pетровска е децидна дека загинатите бранители треба да добијат достојни спомен обележја

https://p.dw.com/p/4V352
Славјанка Петровска
Министерката за одбрана, Славјанка Pетровска е децидна дека загинатите бранители треба да добијат достојни спомен обележјаФотографија: MOD North Macedonia

Споменици кај Карпалак, сепак, ќе има. Министерката за одбрана, Славјанка Петровска е децидна дека споменици ќе има на сите три локации за кои има поднесено иницијатива Министерството за одбрана. „Поднесувањето на иницијативите е само почеток, а не крај на постапката“, вели министерката. Со тоа таа стави крај на полемиката дали по 22 години ќе се изградат достојни споменици на кои ќе им се одаде почит на загинатите десетмина припадници на резервниот армиски корпус кај местото Карпалак на автопатот Скопје–Тетово, но и на загинатите кај Вејце и Љуботенски бачила. 

Расправии

На 8 август, на одбележувањето на годишнината, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, од Карпалак порача дека херојството на прилепските припадници на Армијата кои загинаа во заседа никогаш нема да биде заборавено. Таа најави дека ќе испрати барање до Општина Желино за дозвола за изградба на споменик, кој би бил целосно финансиран и реализиран од страна на Министерството за одбрана.

Но, од Општина Желино ја префрлија топката околу надлежностите за градба. Градоначалникот на Желино, Блерим Сејдиу и порача на Петровска треба да се обрати до ЈП за државни патишта, бидејќи споменикот треба да се гради на самиот автопат.

„И јас како градоначалник ако сакам да градам на самиот автопат некој споменик не ќе можам. Морам да се обратам до ЈП за државни патишта. Значи, Законот го вели тоа. Плус тоа, таму нема урбанистички проект. Законот вели така. Треба да се урбанизира прво, да се види дали има услови, итн., итн. Но во самиот автопат, каде што е предвидено за тоа директно е надлежен ЈП за државни патишта“, порача Сејдиу.

Да не се мудрува и да се постапи по иницијативата

Но, министерката за одбрана денеска му порача на градоначалникот на Желино да не мудрува и да постапи по иницијативата „која е читко и јасно напишана, каде се цитирани одредбите од Законот за меморијалните споменици и спомен обележја“. 

Таа додава дека „во услови кога градбите на пола општина му се дивоградби не е баш умесно да и дава правни совети“.

Министерката претходно побара дозвола и за изградба на споменик за загинатите војници кај Вејце, Тетово, како и за осуммината македонски бранители од резервниот состав на Армијата, кои загинаа кога воен камион на АРМ нагази на мини. 

За нив веќе е поставена спомен плоча во скопското село Љубанци, но општина Бутел понуди да отстапи локација за изградба на достоен споменик на бранителите кои ги загубија животите кај Љуботенски Бачила. 

Во однос на изјавата на градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, дека Општина Бутел е подготвена да изгради споменик за осумте бранители, министерката за одбрана вели дека и е драго што го охрабрила градоначалникот по две години од неговиот мандат да „започне да размислува за ваков споменик и го охрабрувам да постапи по иницијативата на Министерството за одбрана, наместо да прави популизам од оваа тема“.

„Деновиве се воздржував од коментари на се што беше кажано во врска со иницијативите за споменици и не сакав да се впуштам во квази политички дебати заради искрената почит која ја имам кон загинатите бранители и нивните семејства. Споменици ќе има на сите три локации“, вели Петровска.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи