1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сопартијците и токмат „црвен картон“ на Моника Зајкова

ДТЗ
18 ноември 2024

Сопартијците бараат раководството на ЛДП да престане со додворување на власта. Моника Зајкова, пак, тврди дека ќе делуваат независно и дека не кокетираат со Владата

https://p.dw.com/p/4n72T
Моника Зајкова
Раскол во ЛДП: Сопартијците и токмат „црвен картон“ на Моника ЗајковаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Превирањата во Либерално-демократската партија (ЛДП) кулминираат со притисок и барања за смена на лидерката на партијата, Моника Зајкова. Таа изминатиот период е мета на критики дека кокетира со власта, особено откако во октомври во телевизиско гостување ја поддржа идејата на ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени со одложено дејство. Шпекулациите беа допопнително подгреани со изјавата на премиерот Христијан Мицкоски кој порача дека е „добредојден секој што ги споделува и поддржува политиките на Владата“. 

„ЛДП не кокетира со власта“ 

Но, Зајкова и во најновото интервју во Дневникот на МРТВ вели дека ЛДП во парламентот делува независно, како што делуваше и во минатиот парламентарен состав, бранејќи ја својата либерално-демократска политика и идеја. „ЛДП не кокетира со власта, како и секоја политичка партија, ЛДП се стреми да биде власт, а не да биде кокета“, децидна е Зајкова. 

Според неа, ЛДП има одлични програми и идеи, наведувајќи ја како пример изборната програма „Има Излез“, која ЛДП ја усвоила во 2011 година, за од таа програма денеска да се најдат низа решенија  ископирани во други партиски програми, па дури мерки од таа програма се преземени и во водењето на државната политика.

Христијан Мицкоски, Собрание
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека е „добредојден секој што ги споделува и поддржува политиките на Владата“.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„И не е грев да се преземаат идеи затоа што намерата е добра и ЛДП ќе соработува овие идеи да бидат имплементирани, затоа што се покажа дека се добри за граѓаните. Мене единствено што ми е жал е тоа што ЛДП во минатото не успеала да се наметне и да ги испромовира тие идеи подобро. Меѓутоа, еве ќе дадеме можност да соработуваме и тие идеи да станат во целост имплементирани, но не само да бидеме еден обичен соработник или да бидеме дел од власта, туку да бидеме препознаени како партија која работи на решенија за граѓаните и добробит на државата“, посочува Зајкова.

Говорејќи за искуството од претседателските избори во САД годинава, Зајкова ѝ ја честита победата на новоизбраната администрација и претседателот Доналд Трамп и истакна дека е важно сите да се стремиме да го достигнеме нивото на демократија при одржување и спроведување на избори кое што го имаат САД. 

„За Македонија и за Балканот не би требало да има некакви големи поделби, затоа што една од клучните стратешки цели на САД е токму стабилизација на Балканот и негова целосна европска интеграција. Сметам дека треба повеќе да се занимаваме со оние прашања кои што можат кај нас да предизвикаат одредени последици. Ние некако многу влеговме во еуфоријата за тоа кој ќе биде американскиот претседател, слушаме и стравуваме од одредена криза поради пад на германската економија. Мислам дека тука треба малку Македонија да ги збие редовите и да почне да работи, за да може и таа да даде и придонесе за развој на тоа стратешко партнерство, но и за развојот на економијата“, заклучува Зајкова.

Лидерката на ЛДП „подава рака на левите и на десните сили, сите заедно да ги пребродат овие работи и да градат решенија и сите заедно да бидеме сведоци на европскиот напредок на државата“. 

Влада
Сопартијците бараат раководството на ЛДП да престане со додворување на власта. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Непринципиелна политика“ 

Но, од Иницијативниот одбор на ЛДП ги оценија нејзините изјави како „небулозни“. Според нив, непринципиелната политика на раководството на ЛДП и Моника Зајкова оди до таму што наместо почитување на интересот и желбата на граѓаните, единствено со што се занимаваат е остварување на желбите и интересите на раководството на ЛДП.

„Изборната волја на граѓаните беше јасно кажана  на последните избори каде Зајкова како коносител на листа доби црвен картон од граѓаните за нејзините погрешни политики. И наместо да понесе одговорност за изборниот пораз, таа без срам објавува желби да била дел од власта“, велат сопартијците. 

Според нив, „дволичната политика на раководството е веќе осудена од членството и од широката јавност“. 

„Очигледно на политичката сцена се најде достојна замена за Амди Бајрам и неговата парола „Кој е на власт, ја сум со вас”, велат од Иницијативниот одбор, кој бара од раководството на ЛДП, да престане со додворување на власта и да ја прифати опозиционата улога којашто им ја доверија граѓаните.