Путин најавува зајакнување на руската армија
23 февруари 2023Армијата е гарант за стабилноста на земјата, оцени рускиот претседатерл Владимир Путин на Денот на бранителите на татковината, кој е празник во Русија: „Модерна, ефикасна армија и морнарица се гаранција за безбедноста и суверенитетот на земјата, гарант за стабилен развој и за негова иднина“, рече рускиот претседател во видео порака и додаде дека затоа Русија ќе ја зајакнува и натаму својата одбрана и ќе го зголеми производството на оружје.
Путин најави зајакнување на армијата, особено преку вооружување со „нови системи за напад, за набљудување и за комуникација, со дронови и артилериски системи“. Веќе годинава треба да биде готова новата интерконтинентална ракета Сармат, најави рускиот претседател и потенцираше дека „зајакнувањето“ на рускиот нуклеарен потенцијал е многу важно за Русија. „Годинава ќе бидат ставени во употреба првите лансери на ракетниот систем Сармат“, рече Путин.
Новата ракета „Сармат“ има многу долг дострел и може да биде опремена со повеќе нуклеарни боеви глави.
Во својата видео порака,Путин им оддаде почит и на руските војници кои „херојски“ се борат во Украина и „го бранат нашиот народ на нашите историски територии“. Тој положи и венец на гробот на непознатиот војник во Кремљ и разговараше со ветерани.