При уривање на мост во Индија загинаа над 130 луѓе
31 октомври 2022Индиските власти соопштија дека носечките сајли попуштиле во моментот кога на мостот се наоѓале околу 500 луѓе. Поголемиот дел од жртвите се удавиле, изјави за агенцијата АФП претставник на локалните власти во текот на ноќта.
„Видов како мостот се урива пред мои очи“, изјави човек кој цела ноќ работел во спасувачката операција. „Беше трауматично кога една жена ми покажа фотографија од нејзината ќерка и ме праша дали сум ја спасил. Не можев да ѝ кажам дека нејзината ќерка починала“. Друг очевидец изјави дека мостот бил „преполн“: „Сајлите се скинаа и мостот падна во дел од секунда. Луѓето паднаа еден врз друг и во реката.“
Претставник на полицијата изутринава соопшти дека бројот на жртвите се искачил на 132. Повеќето од жртвите се жени и деца. Во болница се префрлени 15 повредени.
Мостот преку реката Махчу, долг 233 метри и широк 1,5 метри, е омилена туристичка цел и пред само неколку дена беше повторно отворен по седуммесечна санација. Телевизијата НДТВ јави дека мостот немал безбедносен сертификат. Локалната полиција отвори истрага против изведувачот на работите на санација.
Индискиот премиер Нарендра Моди најави обесштетување за семејствата на жртвите. Во Индија често има несреќи кои се должат на стара или лошо одржувана инфраструктура.