1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРоманија

Романија: Изненадувачко водство на прорускиот кандидат

Тагесшау | ЕМФ
25 ноември 2024

Трка рамо до рамо на претседателските избори во Романија: прорускиот кандидат Георгеску е во благо водство пред премиерот Чолаку. Истражувачите на јавното мислење се изненадени од резултатот.

https://p.dw.com/p/4nNs9
Калин Георгеску
Водството на Калин Георгеску ги изненади сите во РоманијаФотографија: Alexandru Dobre/AP Photo/picture alliance

Претседателските избори во Романија веројатно ќе бидат решени во вториот круг од изборите. Во трка остануваат десничарскиот „хардлајнер“ Калин Георгеску и социјалдемократот Марсел Чолаку. По пребројувањето на повеќе од 90 отсто од гласовите на вчерашните избори, Георгеску е во благо водство пред актуелниот премиер Чолаку.

Според Централната изборна комисија, Георгеску добил околу 22 отсто од гласовите, додека Чолаку само околу 20 отсто. Сепак, досега се пребројани само околу половина од гласовите дадени од Романците во странство. Конечниот резултат се очекува подоцна текот на денов.

Проруски позиции

Резултатот за многумина е повеќе од изненадувачки. Анкетите дури и не предвидуваа дека десничарскиот политичар Георгеску ќе влезе во вториот круг од изборите. Георгеску се смета за исклучително религиозен и националистички настроен. Во 2022 година против него беше покрената кривична постапка за величање на одговорните за холокаустот.Тој застапува проруски позиции и го критикуваше членството на Романија во НАТО.

Георгеску беше главно игнориран од неговите конкуренти и традиционалните медиуми, но е многу успешен на онлајн платформата ТикТок. Коментаторите во Букурешт во изборната ноќ оценија дека на традиционалните медиуми и етаблираните политичари треба да им се префрли оти не посветуваат доволно внимание на политичката пропаганда на Георгеску на социјалните мрежи. И истражувачите на јавното мислење не предвидоа негов успех, па дури и постизборните анкети во изборната ноќ не дадоа индикации за резултатот.

Романија избори
Според Централната изборна комисија, Георгеску добил околу 22 отсто од гласовите, додека премиерот Чолаку само околу 20 отстоФотографија: Andreea Campeanu/REUTERS

„Нема повеќе на колена“

Во изборната ноќ, Георгеску на прес-конференција емитувана преку Фејсбук рече дека романскиот народ се „разбудил“ и ја изразил својата волја „да не остане на колена, да не биде повеќе под инвазија, да не е повеќе понижен“. Според него, економската неизвесност довела до ова гласање. „Вечерва романскиот народ повика на 'мир'“, додаде Георгеску - веројатно со поглед на руската агресивна војна против соседна Украина.

Романија, која има околу 19 милиони жители и се смета за една од најсиромашните земји во Европа, граничи со Украина на север, која речиси три години се спротивставува на руската инвазија. Доколку Георгеску победи на вториот круг од изборите на 8-ми декември, тоа би можело да ја промени надворешната политика на Романија, која досега беше строго усогласена со ЕУ и НАТО. Во Романија, претседателот ја одредува надворешната и одбранбената политика и е вклучен во контролата на тајните служби. Тој има поголема моќ од германскиот сојузен претседател, но помалку од шефот на државата во Франција.