1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалСоединети Американски Држави

Пресуда против Трамп: Виновен по сите обвиненија

СН | АРД | агенции
31 мај 2024

За првпат во американската историја, поранешен претседател е осуден за кривично дело. Поротата во Њујорк го прогласи Доналд Трамп за виновен по сите точки од обвинението за прикривање на поткуп.

https://p.dw.com/p/4gTly
Доналд Трамп излегува од судницата откако поротата го прогласи за виновен по сите 34 обвиненија во процесот пред Врховниот суд на сојузната држава Њујорк
Доналд Трамп излегува од судницата откако поротата го прогласи за виновен по сите 34 обвиненија во процесот пред Врховниот суд на сојузната држава ЊујоркФотографија: Justin Lane/REUTERS

Доналд Трамп стоеше скаменет додека поротата ја читаше пресудата. Со скрстени раце и често затворени очи. Лицето му беше црвено. Новинарот на Њујорк Тајмс Џонатан Алтер можеше да го види Трамп одблиску. „Имаше болка на неговото лице“, вели Алтер „А кога излезе надвор пред камерите, го намести своето покерско лице.“

Но, пред тоа, осудениот во темно сино одело помина по патеката покрај својот син Ерик. „И без да го погледне својот син, тој го допре и потоа продолжи по патеката - како што правеше осумпати на ден“.

Виновен по сите точки

Но, ништо не е повеќе како пред тој ден, кога дванаесет поротници од Њујорк, по само два дена размислувања, донесоа толку јасна пресуда каква што малку луѓе очекуваа таа вечер: поротата го прогласи Трамп за виновен по сите 34 точки од обвинението, Врховниот суд во сојузната држава Њујорк го осуди Доналд Трамп за фалсификување документи и прикривање на тајни плаќања на поткуп.

Со скаменето лице: Доналд Трамп во судницата во Њујорк додека поротата ја соопштуваше својата пресуда по 34-те обвиненија против него
Со скаменето лице: Доналд Трамп во судницата во Њујорк додека поротата ја соопштуваше својата пресуда по 34-те обвиненија против негоФотографија: Steven Hirsch/New York Post/AP/pool/picture alliance

Ова е првпат во американската историја поранешен претседател да биде осуден за кривично дело. Алвин Брег, окружниот обвинител кој наспроти многу предупредувања го иницираше судскиот процес, се појави пред новинарите - видно обидувајќи се да не покаже колку е горд: „Јас ја завршив мојата работа, ние ја завршивме нашата работа“. рече Брег. „Има многу гласови таму надвор. Но, единствено што е важно е гласот на поротата и таа го кажа својот збор.“

Трамп: „Јас сум невин човек“

Обвинителството го товареше Трамп дека се обидел да ги зголеми своите шанси за победа на претседателските избори во 2016 година со тоа што и платил 130.000 долари поткуп за молчење на порно актерката Сторми Даниелс која сакала да ја обелодени нивната наводна сексуална средба. Престапот: Трамп потоа незаконски го прокнижил протокот на пари и фалсификувал документи.  Седумте мажи и пет жени од поротата ги слушаа изјавите на повеќе од 20 сведоци од средината на април.Трамп пред судницата зборуваше за срамна пресуда и шоу судење од страна на корумпиран судија. Според него, вистинската пресуда ќе дојде на ноемвриските избори. „Јас сум невин човек“, порача Трамп.

Изрекување на казната на 11 јули

Неговите адвокати веќе најавија дека ќе ја обжалат пресудата. Судијата Хуан Мерчан сака да ја обзнани казната на 11 јули. На Трамп сега му се заканува парична казна или неколкугодишна затворска казна, која исто така може да биде и условна. Сите точки на обвинението се кривични дела од најниската категорија во сојузната држава Њујорк. За секоја од нив може да се изрече затворска казна до четири години. Но, судијата исто така може да го испрати Трамп во затвор по сите точки во исто време. Меѓутоа, Трамп би можел да се кандидира на претседателските избори во ноември дури и ако е законски осуден, објаснува поранешната заменичка јавна обвинителка Бони Сард во изјава за студиото на германскиот јавен сервис-АРД во Њујорк. И покрај тоа, таа говори за значајна пресуда за САД. „Претседателскиот кандидат на САД кој веќе бил претседател е осуден за влијание врз исходот на изборите -  ова е навистина мрачен ден“, вели Сард.

Надвор од судот, луѓето носеа транспаренти, во знак на поддршка на пресудата против  Трамп
Надвор од судот, луѓето носеа транспаренти, во знак на поддршка на пресудата против ТрампФотографија: Mike Segar/REUTERS

Поделени реакции по пресудата

Ова пред судот го гледаа и група американско-кинески фанови на Трамп. Неговите поддржувачи и противници стоеја едни наспроти други меѓу знамињата и плакатите. Пресудата ги подели. „Среќна сум поради тоа, фала му на Бога“, вели Хелен. „Мислам дека не треба да имаме некој со толку многу судски процеси. Драго ми е што тој конечно доби пресуда пред изборите. Значи ова е добар тајминг“. Роб, од друга страна, вели: „Едноставно не мислам дека беше оправдано. Беше 2016 година, беше многу одамна. Мислам дека левичарските партии во земјата и во Њујорк го следат. Мислам тоа беше само едно шоу и тие се обидуваат да го принудат да излезе од кампањата“. Трамп засега може да ја продолжи изборната кампања  без ограничувања. Тој би можел да води кампања дури и од затвор - па дури и да стане претседател таму. Веднаш по пресудата, неговиот изборен тим  побара донации. Трамп во имејл до поддржувачите истакна дека е „политички затвореник“.