Преспански договор: Штетен, реалност или „ремек дело“
22 октомври 2024Христијан Мицкоски пред пет години заговараше укинување на Преспанскиот договор, доколку се обезбеди двотретинско мнозинство од парламентот, а пет години подоцна бара да се примени како модел за уставни измени со одложено дејство, со цел да се надмине спорот со Бугарија и да одблокира патот на земјата кон ЕУ.
Како лидер на опозицијата во интервју за српска „Политика“, тој во 2019 година ја фрли ракавицата кон Грција порачувајќи дека со двотретинско мнозинство во парламентот ќе го укинува Преспанскиот договор. Во декември истата година во интервју за Радио Слободна Европа оцени дека договорот е реалност која не може да се игнорира, но дека „ќе се борат да ја променат“. Во годините коишто следеа тој во повеќе наврати најавуваше менување на реалноста на Преспанскиот договор. Пет години подоцна, од позиција на премиер, тој смета дека Преспанскиот договор може да се преслика и во однос на Бугарија, со цел изнаоѓање на конечно, трајно и одржливо решение.
„Нашиот последен предлог е нешто што можеби изгледа конструктивно и прифатливо за сите. Секогаш се обидувам да зборувам со одреден јазик што може да биде разбран северно од Виена, не сфаќајте ме погрешно. Што значи дека, ако Преспанскиот договор беше ‘ремек-дело’ на европската дипломатија, нешто што е, да речеме, ‘брилијантно’, зошто тогаш да не го повториме ова ‘ремек-дело’ за изнаоѓање конечно, трајно и одрживо решение што ќе обезбеди решение за овој вештачки спор“, порача Мицкоски во обраќањето на 20. Европски самит во Салцбург во контекст на спорот со соседна Бугарија.
Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 година. Тој му стави крај на спорот кој траеше повеќе од четврт век, и поради кој беа закочени евроатлантските интеграции на Македонија. Со новото име, Северна Македонија веќе стана 30-та членка на Северно-атлантскиот воен сојуз, НАТО и прави обиди за деблокирање на патот кон ЕУ.
Чекор наназад
Мицкоски во интервју за српска „Политика“ во октомври 2019 година оцени дека Преспанскиот договор овозможил грчката страна да стекне права, додека за Скопје е неповолен и потсети дека „ВМРО-ДПМНЕ не учествувала во процесот на преговори и срамниот чин на уставни измени преку уцена на пратеници и непринципиелни компромиси со правото и законите“.
„Судбината на Преспанскиот договор ќе зависи од резултатите на изборите. Доколку имаме двотретинско мнозинство во парламентот и мнозинство кај пратениците од другите етнички заедници, се отвора можност за враќање на чекор наназад, во спротивно не чекаат многу реформи и работа. Македонија мора да се врати на брза лента до моментот на полноправно членство во ЕУ и одвнатре мора да ги коригираме грешките. Не постои договор кој може да ми забрани да бидам Македонец кој говори македонски јазик и кој е од Македонија. Нашиот концепт е: ‘не' за антиквизација и ‘не' за севернизација, туку за големо ‘да' за враќање на македонизмот во Македонија“, изјави тогаш Мицкоски.
Слични ставови тој изнесе и во интервјуто за Радио Слободна Европа истата година. На прашањето дали ако победи на изборите ќе биде премиер на Република Северна Македонија, тој рече: „Би бил лажливец ако кажам дека тоа нема да биде така, но мене никој не може да ми забрани да кажам на таа маса дека сум Христијан Мицковски од Македонија, Македонец кој зборува македонски“...
Предизвици за Преспанскиот договор
Победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во мај 2024 година и доаѓањето на Мицкоски на премиерската позиција значеше нови предизвици за Преспанскиот договор. И новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова и премиерот Христијан Мицкоски во првите месеци ја избегнуваат употребата на „северна“ за домашна употреба, а во настапите во странство често спас бараа во „нашата земја“.
По јасната порака од САД дека нема репреговарање ниту за Преспа, ниту со Бугарија за ЕУ, Мицкоски во изјава за медиумите при поставувањето камен темелник на нова детска градинка во Бутел на 1 јули годинава рече дека Преспанскиот договор е реалност и дел од уставниот и правен поредок на земјата, а Договорот за добрососедство е веќе репреговаран, со додадавањето на т.н. „француски предлог“, од кои произлегуваат уставните измени, поради што не гледа причина, зошто кон него да не се додаде некаков друг предлог, што ќе ги опфати барањата на македонскиот народ.
„Под диктати и ултиматуми не преговараме, така што ако може Договорот за добрососедство да биде репреговаран и на него да му се додаде т.н. „француски предлог“ не гледам причина зошто да не се додаде некој француски предлог плус или некој друг предлог, кој ќе ги опфати барањата на македонскиот народ, на Македонците во Бугарија“, рече Мицкоски. Тој не отстапува од ставот дека ако се бара промена на Уставот за неколку стотини наши сограѓани, кои се декларираат како Бугари, тогаш треба да се земат предвид и правата на Македонците во Бугарија.
Писмо и нови предлози
Албанија на 15 октомври го отвори првиот кластер од преговорите со Европската Унија, додека Северна Македонија остана во чекалната поради неисполнувањето на условот за уставни измени, со кои бугарската заедница ќе се внесе во Преамбулата.
Мицкоски смета дека треба да има уставни измени со одложено дејство, бидејќи спорот со Бугарија е билатерален. Примената на уставните измени би се одложила до момент кога ќе ги заврши земјата преговорите за членство во ЕУ.
„Затоа што никој не ни гарантира дека ова е последно. Што ќе се случи ако утре некоја нова влада во Бугарија ни рече: Не може понатаму да продолжите се додека не прифатите дека Илинденското востание е бугарско преображенско востание или дека Гоце Делчев, Дамјан Груев, Батанџиев биле Бугари и повторно да имаме вето. Е ние рековме: Доста е, не можеме повеќе со ветувања. Додека не ги завршиме преговорите, додека не почне ратификацијата на претпристапниот протокол во националните парламенти не може ова да важи“, порача Мицкоски во изјава за новинарите на 20 јули годинава.
Ваквата најава за можни нови предлози резултираше со идејата за испраќање на писмо во Брисел. Премиерот најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение, кое ќе биде достоинствено и согласно со националните интереси.
„Ќе разговараме со кого било, колку што е потребно за да се дојде до компромис којшто е достоен, кој нема да ги повреди чувствата на граѓаните. Двете стратешки цели можат да се реализираат - и да се заштити интересот на македонските граѓани и да се интегираме во ЕУ, каде што од многу поодамна ни е местото“, ги обелодени плановите на новиот владин состав, премиерот Христијан Мицкоски во своето експозе по повод 100 дена Влада на 1 октомври годинава.