1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалКосово

Бегалец од куќен притвор: тој е жртвата во Приштина?

15 јуни 2023

Македонските институции се во контакт со косовските и се очекуваат повеќе информации за убиството на македонски државјанин во Приштина

https://p.dw.com/p/4SbKp
Пиштол оружје
Низа шпекулации околу синоќешното убиство во Приштина, во кое според косовската полиција, настрадал државјанин на Република Северна МакедонијаФотографија: picture-alliance/dpa/K. Gabbert

Во шпекулации е обвиткано синоќешното убиство во Приштина, во кое според косовската полиција, настрадал државјанин на Република Северна Македонија. Тој бил пронајден мртов во автомобил со македонски регистерски таблички, а на еден километар од тоа место било пронајдено запалено возило со германски таблички. Во запаленото возило биле најдени два калашникови и се претпоставува со нив било извршено убиството.

„Надлежни полициски единици излегоа на местото на настанот, каде што забележаа дека во возило со македонски регистерски таблички се наоѓа едно лице, а надлежен лекар констатира дека лицето нема знаци на живот. Околу еден километар од местото на настанот е пронајдено запалено возило со германски таблички, за кое постои сомневање дека со него осомничените побегнале од местото на настанот. По наредба на државен обвинител, телото на жртвата е испратено на обдукција, случајот продолжува да се истражува“, се наведува во полициското соопштение.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска кусо одговори дека институциите на Северна Македонија се во контакт со косовските и се очекуваат повеќе информации за случајот.

„Нашите институции комуницираа со косовските власти и го потврдија тој податок којшто беше објавен во јавноста - за наш граѓанин кој е застрелан во Косово, но се разбира повеќе детали ќе обезбедат останатите институции. Ние како МНР го направивме првиот контакт, и ја потврдивме веста“, рече Османи.

Исто лице

Косовскиот портал Индекс онлајн уште доцна синоќа објави и детали, вклучително и за идентитетот на убиениот. Повикувајќи се на свои извори, порталот како име на убиеното лице го наведе Б.Д. (ДВ користи иницијали поради отсуство на официјална потврда) кој наводно имал лажни документи што ги користел и гласеле на име Б.Ш.

Во однос на посочените имињата, според извори од македонските надлежни органи станува збор за исто лице, бидејќи Б.Ш. го користел името Б.Д. неформално. Но, велат дека немаат потврдени информации дали во случајот станува збор за тоа лице.

Полиција Косово
Припадници на полицијата на Косово во Приштина, архивска фотографијаФотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Кој е Б.Ш.? Во ноември минатата година против него била поднесена кривична пријава за сторено кривично дело - неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали (член 396, ст.1 од Кривичниот законик). По спроведената истрага, во неговото престојувалиште било пронајдено оружје и миниција за кои немал дозвола за поседување. Обвинителството поднело предлог за мерка притвор за Б.Ш. но судијата на претходна постапка му определил мерка куќен притвор во траење од 30 дена. По жалба од ОЈО Скопје, мерката потоа била преиначена, но Б.Ш. го искористил тој меѓупериод и избегал додека сѐ уште му траела мерката куќен притвор. При извршените проверки, полицијата повеќе не го нашла на адресата каде што ја издржувал мерката куќен притвор.

Рочиште без обвинетиот

Обвинителниот акт против него е во правна сила од април годинава и на крајот од мај било одржано првото рочиште за главна расправа, на кое обвинетиот не бил присутен, а до судот не било доставено известување дали тој им е достапен на органите на прогонот.

 „Шиша бар“ Старата чаршија  Скопје Северна Македонија
Кафулето „Шиша бар“ во Старата чаршија во Скопје, Северна МакедонијаФотографија: P. Stojanovski/DW

Според шпекулации во домашни медиуми, истиот се поврзува со нерасчистени сметки меѓу членови на нарко групи, односно со инцидентот во март, кога во угостителски објект во Старата скопска чаршијанеколку маскирани лица ги убија Јетон Кривањева (Жила) и Енис Исени (Љаци). Инцидентот се сметаше за продолжение на пресметките меѓу ривалските нарко групи во скопско. Исто како и во Приштина, и по убиствата во Скопје сторителите избегале со возило кое потоа го запалиле, а полицијата го најде на периферијата на Скопје.

Но, извори од истрагата за овој случај, велат дека за посочениот Б.Ш. досега не биле најдени докази дека е поврзан со инцидентот во Скопската чаршија. Неофицијално, важел за лице „високо позиционирано“ во бизниси со оружје.