Поплавени дворови, подруми, куќи - нови штети од невремето
27 јуни 2024Новите поројни дождови коишто ги зафатија Скопје, Тетово и Куманово предизвикаа поплави во многу домови, но и оштетувања на бандерите, автомобилите и лимените покриви. Бројни пријави за поплавени дворови, подруми, куќи, паднати дрвја, бандери, лимови и оштетени автомобили се добиени на Единствениот број за итни случаи по невремето што во средата ги зафати Тетовскиот, Скопскиот и Кумановскиот регион.
Од Центарот за управување со кризи информираа дека во Скопје има пријава за лимен кров кој претставува опасност да падне на улицата „23 Октомври“ спроти зградата број 15, а поради паднато дрво кај клучката Радишани кон Бутел сообраќајот е прекинат. Примена и е пријава за откачен олук на булеварот „АСНОМ“ бр.12 за што е известена единицата на локална самоуправа Аеродром, а има и пријава за поплавен подрум на улицата 84.
И во Тетово и во Куманово има пријави за поплавени куќи, каде се прават обиди со пумпи да се испумпа водата.
За викендот - стабилизирање на времето
Невремето беше предизвикано од интензивна нестабилна воздушна маса, проследена со интензивен пороен дожд, засилен ветер и појава на град. Почна од тетовскиот регион кон Скопје. Околу Скопската котлина и Куманово имаше неколку развиени јадра на невремето, различни по интензитетот.
Променливо облачно време ќе се задржи до петок, до кога се очекува нестабилно и свежо време со пороен дожд и грмежи. На повеќе места и во текот на денов ќе има невреме со обилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и град. За време на викендот времето ќе биде стабилно и потопло, а од понеделник следната недела повторно се очекува локален пороен дожд и грмежи.
На граѓаните им се препорачува да бидат внимателни пред и за време на најавените метеоролошки нестабилности.
Скопје и Тетово и пред неколку дена беа зафатени со поројни дождови и невреме кое што предизвика големи штети и во домовите, но и за земјоделските посеви.