Попис на населението: Kолку Албанци има навистина во Србија?
18 октомври 2022Дождлив ден во Бујановац. Кафулињата се полупразни, и оние во кои седи српско и оние во кои седи албанско население. На пазарот пак е друга приказна - тоа е место на кое секогаш има од сите граѓани во местото.
Дали попишувачите беа кај вас? – ги прашуваме луѓето што ги затекнавме. „Не живеам овде, живеам во Швајцарија, вчера дојдов и колку што знам, уште не биле кај нас да направат попис, а треба да нѐ попишат сите, па да видиме колку има од оваа, колку од друга нација“, ни вели еден постар Албанец.
Од дождот се крие продавачот на зеленчук. Но, на драго срце го споделува искуството со пописот во неговото домаќинство.
„Беа кај мене, немаше тешки прашања и не траеше долго. Мислам дека е супер што сите се одѕваа на пописот, бидејќи Албанците секогаш велат дека ги има повеќе на број, а истото го велат и Ромите и Србите. Е, сега ќе се знае вистинската состојба. Еве во Бујановац Албанците се на власт, бидејќи велат дека се мнозинство. Но, мене ме загрижува дали тие што живеат во Косово ќе се попишат и тука и таму“, ни раскажува жителот на Бујановац.
Пописот како политичко прашање
Во претходните децении, во 1991 се правеше само проценка на населението, а во 2002 - попис. Тоа беа поствоени околности за Прешево, Бујановац и Медвеѓе. Кога во 2011 повторно беше попишувано населението, албанското малцинство го бојкотираше пописот, бидејќи не беше предвидено попишување на луѓето во дијаспората. Уште една причина за тоа е што пописот не се правеше на јазиците на националните малцинства.
„Сега се создадени услови, бидејќи мора да се попишат и оние кои во дадениот момент не се дома и оние кои работат во странство и оние кои живеат тука. Единствена прилика да се знае точниот и вистинскиот број“, вели за ДВ Рагми Мустафа, претседател на Националниот совет на Албанците. Велат дека и покрај сите создадени услови во текот на овој попис има проблеми во општината Медвеѓе во која нема доволно попишувачи кои зборуваат албански јазик.
„Од тројца инструктори, ниту еден не е Албанец, од 24 попишувачи само тројца се Албанци, а еден е поставен да го попишува албанското население, а другите двајца го попишуваат српското. Локалната самоуправа на Медвеѓе дури не обезбедила ни јазични асистенти, кои пак Прешево и Бујановац ги имаат, бидејќи по закон секој може на пописот да учествува на својот мајчин јазик“, вели Мустафа.
За разлика од Медвеѓе, Прешево има 73 попишувачи и 12 инструктори, а Бујановац има 83 попишувачи и 13 инструктори – половина од нив попишуваат на албански јазик.
Колку Албанци има навистина ?
Претседателот на Националниот совет на Албанците смета дека е многу важно задолжително да се одговори на дванаесеттото, тринаесеттото и четиринаесеттото прашање во однос на националноста, мајчиниот јазик и вероисповест. „Јас тие прашања и тоа го споделив и на социјалните мрежи, одговорив: Албанец, албански и ислам“, вели Мустафа.
Тој потсетува на 2011 година кога албанското малцинство го бојкотираше пописот, со што излезе дека има шест илјади Албанци. Тој е уверен дека сега ќе излезат десет пати побројни.
На тоа влијае и кампањата во која се повикуваат граѓаните да учествуваат во пописот. Кампањата „Сите ние заедно ја сочинуваме Србија“ е наменета на секое од 23 национални малцинства и подготвена е во различни формати, ТВ и радио спотови или постери.
Претседателот на општина Бујановац, Нагип Арифи, исто така одговори на сите прашања за време на пописот за своето осумчлено семејство и согласен е дека овој попис е многу важен за сите.
„Пред сѐ тоа се однесува на трансферот на средства кои републичката влада ги дава на секоја локална самоуправа, па потоа се зголемува и бројот на здравствените работници, полицајци, односно на сите во државните институции. Последниот попис покажа дека Бујановац има околу 18 илјади жители, а сега ќе покаже дека се меѓу 50 и 60 илјади“, вели Арифи.
Тој секое утро од локалната пописна комисија добива податоци од претходниот ден. Досега, вели тој, немало проблеми, а до средината на неделата биле попишани 23 илјади жители во Бујановац.
Пописот важен за сите
За важноста за попишувањето на сите жители во Србија зборуваат и српските и косовските политичари, но и бројни европски организации, а ЕУ и финансиски го поддржа пописот. До почетокот на неделава попишани се 2,4 милиони од населението во Србија, вели за ДВ Снежана Лакчевиќ, помошник директор на Одделот за социјална статистика во РЗЗС.
„Потребни ни се сеопфатни податоци за да имаме прецизна слика за популацијата – основни демографски, образовни, етно-културни, миграциски и други карактеристики. Покрај тоа, податоците од пописот се од особено значење за спроведување на законите и други правни акти, на пример, од областа на остварување на правата на националните малцинства, како што е Законот за национални совети на националните малцинства, Законот за Службена употреба на јазиците и буквите, Законот за заштита на правата и слободите на националните малцинства“, набројува Лакчевиќ.
Регми Мустафа заклучува дека поради сето ова, резултатите од овогодинешниот попис ќе бидат „голема сатисфакција“ за Албанците.