Помош за Украина: Средба на Шолц и Зеленски во четири очи
6 септември 2024Тоа беше настан по вкус на канцеларот. Олаф Шолц оваа недела ја посети касарната на Бундесверот со првата оружена единица ИРИС-Т (IRIS-T). Тоа е системот за воздушна одбрана од Германија кој долго време ги штити градовите и луѓето во Украина од руските напади.
Пораката на политичарот од СПД: Модернизација на Бундесверот и помош за нападнатата земја - и двете нешта е можно да одат заедно. „Германската поддршка за Украина не попушта“, изјави Шолц. „Презедовме мерки на превентивност и навремено обезбедивме договори и финансирање, за да може Украина да продолжи целосно да се потпира на нас во иднина“.
Три милијарди евра помалку во предлог-буџетот
Порака која Шолц веројатно ќе ја повтори кога денеска во Франкфурт на Мајна приватно ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Меѓутоа, во последно време се појавија сомнежи околу оваа порака.
Причина: за воена помош во предлог-буџетот за следната година се планирани четири милијарди евра. Годинава беа повеќе од седум милијарди. Еден меѓународен заем е наменет да ја затвори дупката, со помош на користење на приходи од камати од замрзнати руски средства.
Така одлучија државите од Г7, седумте економски најсилни демократии. Кредитот треба да биде во функција до крајот на годината, но многу прашања сѐ уште остануваат неодговорени. На пример, кој всушност го зема заемот: заедница на доверители или одделни држави?
Германската влада е оптимист, а опозицијата помалку
Сојузната влада вели дека сето ова навреме ќе биде решено. „Цврсто претпоставуваме дека патот за кој беше одлучено во кругот на Г7, ќе се следи успешно“, изјави заменик владиниот портпарол Волфганг Бихнер.
Други се помалку оптимисти, на пример Јохан Вадефул, заменик-претседател на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот. „Тоа се можности, надежи и очекувања, но не и сигурна, дефинитивна гаранција. А токму тоа ѝ треба на Украина во оваа ситуација."
Идејата на Г7 за заемот од 50 милијарди долари тој ја припишува на буџетските проблеми на германската владина коалиција. „Украина страда од ова, безбедноста во Европа страда од ова. И затоа ова се многу лоши предзнаци за зимата“.
Веќе испланирани парите за следната година
Украинската влада не ја пропушти дискусијата. Олексиј Макејев е амбасадор на земјата во Берлин. Парите за следната година се веќе планирани, тој неодамна во студиото на АРД изјави: „Секако дека ќе е потребно финансирање ако се случи нешто непредвидливо. На пример, доколку дојде до оштетување на техниката. Германските системи ИРИС-Т или 'Патриот' системите, или пак тенковите 'Леопард' ќе бидат оштетени. Тие мора да бидат поправени, повлечени, а за тоа се потребни пари“.
Поддршка за поголем буџет и од СПД
Макејев, меѓу другото, се потпира и на Бундестагот каде следната недела ќе почнат расправите за буџетот. Амбасадорот ја има на своја страна пратеничката група на Унијата, уверува Вадефул.
И буџетскиот политичар на СПД, Андреас Шварц, исто така сигнализира поддршка: „Треба повторно да размислиме и околу овие четири милијарди, дали сумата е навистина доволна или дали можеби е потребно повеќе под одредени околности, зашто: што ако оваа тема со 50 милијарди не функционира?“ прашува Шварц. „Дадовме збор дека ќе ѝ помагаме на Украина сѐ додека ѝ треба нашата помош. И тоа треба да се обезбеди и од буџетска перспектива."
Проблемот: буџетот на германската владина коалиција и така е прилично „тесно скроен“. Да се најдат уште неколку милијарди, би можело да биде тешко.
Автор: Марио Кубина, АРД