1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалАвстралија

Помилувана е Австралијка осудена поради убиство на децата

Штефан Штикелман
5 јуни 2023

Кетлин Фолбиг беше нарекувана „најлошиот сериски убиец во Австралија“ поради тоа што наводно ги убила своите четири деца. По 20 години затвор и нова истрага, таа треба да биде ослободена поради - судска заблуда.

https://p.dw.com/p/4SChi
Австралија ја помилува жената обвинета за убиство на своите деца Јавниот обвинител Мајкл Дејл
Јавниот обвинител Мајкл Дејли: Кетлин Фолбиг треба да биде ослободена „во интерес на правдата што е можно поскоро“Фотографија: Bianca De Marchi/AAP/picture alliance/dpa

По 20 години поминати во затвор поради пресуда со која е прогласена за виновна за убиство на своите четири деца, 55-годишната Кетлин Фолбиг треба да биде ослободена. Главниот обвинител во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс, Мајкл Дејли, соопшти дека нова едногодишна истрага покажала „основани сомневања“ во случајот. „Во интерес на правдата“ денес 55-годишната Келтин Фолбиг треба да биде ослободена „најбрзо што е можно“.

Фолбиг се сметаше за „најлошиот сериски убиец во Австралија“. Таа во 2003 година беше осудена на 30 години затвор за убиство на три нејзини деца и убиство од небрежност на четврто дете и, според законите на земјата, ќе имаше шанса да биде ослободена најрано во 2028 година. Обвинителството ја товареше дека ги задушила децата на возраст од девет недели до три години.

Во отсуство на јасни форензички докази, обвинителите тврдеа дека е крајно неверојатно четирите деца да умреле ненадејно и без објаснување. Мајката, пак, инсистираше дека смртта на секое нејзино дете е природна смрт. Процесот се потпираше на индиции, а испитаните експерти не се согласуваа во оценките.

Откако беше откриено дека жената пренела ретка генетска мутација на своите две ќерки, беше покрената нова истрага. Таква генетска мутација може да доведе до срцева аритмија и ненадејна смрт. Речиси 100 научници и лекари потоа поднесоа петиција за повторно отворање на случајот, наведувајќи ги можните медицински причини за секој од четирите смртни случаи.

Според судијата Том Бетарст, кој ја водел новата истрага, две од децата страдале од ретка генетска мутација, а трето дете страдало од „неврогено нарушување“. Како резултат на тоа, Бетарст смета дека е малку веројатно Фолбиг да го убила своето четврто дете. Според него, таа не била ништо друго освен „грижлива мајка“. Записите во дневниците, кои во судскиот процес се сметаа за признавање на вината, како што се вели, веројатно се должат на тагата и очајот на жената.