1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Полска гради „Источен штит“ и лови руски агенти

Јацек Лепјарц
27 мај 2024

Во Полска расте стравот од закана од исток. Дали саботери се одговорни за големите пожари во последните денови? Дали политичарите на национално-конзервативната опозиција се руски шпиони?

https://p.dw.com/p/4gEsX
Огромен пожар во трговски центар во Варшава, Полска
Огромен пожар во трговски центар во Варшава, ПолскаФотографија: LESZEK SZYMANSKI/PAP/EPA

По руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Полска стана земја која како членка на ЕУ се наоѓа на линијата на фронтот. Сепак, се чини дека дури сега полското општество го разбира целосниот обем на заканата од исток. Неколку големи пожари деновиве ги вознемирија граѓаните. Иако досега не се пронајдени сигурни докази, многу Полјаци се сомневаат во вмешаност на странски разузнавачи. „Денес веќе не се сомневаме дека руските и, во тесна соработка со нив, белоруските разузнавачки служби се многу активни во Полска“, изјави премиерот Доналд Туск по состанокот на владата одржан минатиот вторник (21.05.2024). Деновиве ја користи секоја прилика да предупреди на опасност од саботажа и дезинформации од исток.

Дванаесет лица осомничени за саботажа се во притвор

Туск соопшти дека во моментов во Полска има дванаесет лица во притвор, кои се осомничени дека учествувале во саботажа по налог на Русија. Тој исто така изјави дека руската разузнавачка служба најверојатно била вклучена во голем пожар во трговски центар во североисточниот дел на полската престолнина. На 12 мај 2024 година, пожар уништи околу 1.400 продавници. За само неколку часа, илјадници трговци, особено од Виетнам, го загубија својот имот. Фактот дека пожарите се појавиле истовремено на неколку места предизвика бујни шпекулации. „Го истражуваме тоа“, вети Туск.

Пожар во трговски центар во Варшава, Полска
Постои сомнеж дека огромниот пожар во трговски центар во Варшава е подметнатФотографија: Attila Husejnow/SOPA/IMAGO

Слични инциденти имало и во изминатите недели. Понекогаш гореа депонии со отпад, а некогаш училишна зграда за време на матурата. Ненадејното бегство на полскиот судија Томаш Шмит во Белорусија на почетокот на мај, од каде што спроведува антиполска пропаганда во име на белорускиот диктатор Александар Лукашенко, дополнително ја влоши несигурноста во Полска. Амбициозниот судија најверојатно долго време соработувал со странски разузнавачки служби и пренесувал чувствителни материјали.

Туск најавува строги мерки - Брисел ќе дава пари?

Со оглед на зголемените закани за безбедноста на неговата земја, Туск се одлучи на контраофанзива. Тој веќе минатата недела го претстави проектот за одбранбена линија која треба да ја заштити 400 километри долгата граница со Русија и Белорусија. Покрај природните пречки како што се реките, езерата, мочуриштата и шумите, утврдувањата „Штит исток“, како што ги нарече Туск, треба да се состојат од противоклопни пречки и многу електроника, вклучително и уреди за надзор. Премиерот на Полска се надева дека Брисел ќе преземе дел од трошоците.

На 21 мај Туск формираше комисија за истражување на влијанието на руските и белоруските разузнавачки служби врз полската политика. Одборот ќе работи под раководство на Јарослав Строзик, кој исто така е меѓународно признат како шеф на Воената разузнавачка агенција СКВ, а првиот извештај треба да го поднесе пред летната пауза.

Комисија ги истражува контактите на ПиС со Русија

Комисијата ќе се состои од експерти, ќе одржува состаноци зад затворени врати без присуство на камери и ќе го истражува периодот од 2004 година, вклучувајќи го и владеењето на партијата Граѓанска платформа (ПО) на Туск од 2007 до 2015 година. Иако Туск се обидува да одржи привид на неутралност на сите политички набљудувачи им е јасно дека  партијата Право и правда (ПиС) на Јарослав Качински ќе биде во центарот на вниманието на експертите.

 Антони Мациеревич
Бројни сомневања на сметка на Антони Мациеревич, полски министер за одбрана од 2015 до 2017 годинаФотографија: Radek Pietruszka/PAP/picture alliance

Во овој контекст, особено често се споменува едно име: Антони Мациеревич - критичар на режимот, кој се бореше против комунистичкиот систем од седумдесеттите години, по демократскиот пресврт се приближуваше сè поблиску до националистичко-свештеничкото крило на опозицијата. Од 2006 година, додека беше на различни позиции во Министерството за одбрана, Мациеревич изврши радикални чистки во воениот разузнавачки сектор. Критичарите го обвинија за онеспособување на полската армија. Дури и како министер за одбрана од 2015 до 2017 година, тој беше обвинет за попречување на модернизацијата на вооружените сили со раскинување на договорите за вооружување, како оние со Франција.

Туск не сака да биде втор Мекарти

„Јамката на информациите што ги собираме цврсто се стега околу Антони Мациеревич“, рече Туск. Во неговото опкружување, како што изјави Марек Биернацки, претседател на парламентарната комисија за надзор на разузнавачките служби, имало луѓе кои ја разоружале полската армија и ја оневозможиле работата на разузнавачките служби „Многу одлуки (на Мациеревич) ѝ служеа на Русија“, изјави Биернацки за ТВН.  Според неговото мислење, ПиС  „не е проруски настроена, туку е  инфилтрирана од Русија“.

Доналд Туск Полска
Доналд Туск претстави проектот за одбранбена линија која треба да ја заштити 400 километри долгата граница на Полска со Русија и БелорусијаФотографија: Dominika Zarzycka/NurPhoto/picture alliance

„Јас не сум модерен Мекарти“, рече Туск. Сепак, во жешката фаза од изборната кампања пред европските избори на 9 јуни, лидерот на најголемата владејачка партија Граѓанска платформа (ПО) сака да ги мобилизира своите гласачи, претворајќи ги изборите во конфликт меѓу Европа и Русија. Во контроверзен изборен спот наречен „Русија е веќе овде“, ПиС се обвинува за контакти со Русија и Белорусија, се цитира од говорот на Туск во парламентот каде што тој ја нарече полската десница „платени предавници, слуги на Русија“.

Победа по секоја цена

„На Туск итно му е потребен победнички резултат за да се забрза преземањето на  контролата  над државата“,пишува Михал Шулджински во весникот „Ржечпосполита“. Иако беа откриени бројни скандали и корупциски случаи на претходната влада, поддршката за партијата на Качински останува на високо ниво.  Анкетите предвидуваат неизвесна трка. Десетта последователна победа на ПиС би била тешка загуба на престижот за Туск.

Пораката што Туск постојано ја испраќа до гласачите не може да биде поедноставна: „Путин сака да ја дестабилизира Европа. Ако сакате мир, излезете на избори".

 

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.