1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСрбија

Mакедонски научник од „Биосенс“ меѓу загинатите во Нови Сад

МИА
2 ноември 2024

Меѓу загинатите на Железничката станица во Нови Сад, каде што се урна настрешница, се наоѓа и Васко Саздовски од Северна Македонија, научник кој работел во Институтот „Биосенс“ во Нови Сад.

https://p.dw.com/p/4mW2d
Железничката станица во Нови Сад, каде што се урна настрешница
Железничката станица во Нови Сад, каде што се урна настрешницаФотографија: Marko Djurica/REUTERS

Според информации на „Политика“, 45-годишниот Васко Саздовски работел во Институтот „Биосенс“ во Нови Сад, каде што се истражуваат и развиваат информатички технологии за земјоделството. Директорот на „Биосенс“, Владимир Црнојевиќ, ја потврдил веста за „Политика“.

„Саздовски работеше во Центарот за сензорски технологии. Се вработи во водечка европска институција како искусен научник. Претходно имаше научна кариера", изјавил Црнојевиќ за весникот.

Колегите на Саздовски се собрале во Институтот „Биосенс“ утрото по трагедијата. Според нивните зборови, Васко работел таму нешто повеќе од една година, во центарот за сензорски технологии, а речиси секој викенд го поминувал дома во Северна Македонија, каде што живеат неговата сопруга и двете деца. На пат тргнал и кобниот петок, 1 ноември.

Во Нови Сад е прогласена тридневна жалост почнувајќи од денеска поради смртта на 14 лица врз кои се урна настрешница на железничката станица.  Според тврдењата на кинеската компанија која ги изведувала работите и претставниците на државата, тој дел од зградата не бил предмет на реконструкција.

Обновата на станицата се одвиваше во две фази како дел од реконструкцијата на железничката линија за брзи возови. Имаше две свечени отворања. Работите на овој културен споменик, архитектонско здание од 1964 година, започнаа во октомври 2021 година. Делот од обновената зграда беше свечено отворен во март 2022 година како дел од отворањето на обновената брза пруга од Белград до Нови Сад, на кое присуствуваа претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и унгарскиот премиер, Виктор Орбан.

Веднаш по тоа отворање, работите продолжија со втората фаза, а на почетокот на јули 2024 година беше соопштено дека реконструкцијата на станичната зграда е завршена. По тој повод, реновираниот објект го посетија министерот Горан Весиќ, претседателката на Покраинската влада Маја Гојковиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.

Во рамки на оваа обнова, зградата доби нов покрив, фасади, столарија и мебел, уредена телекомуникациска опрема, шалтери, чекални и тоалети, детско катче, дел за домашни миленици, како и лифт и галериски трем од мермер и стакло, кои претходно не постоеја во станичната сала.