1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политички потрес во Берлин: Оставка на лидерите на Зелените

ЖА
25 септември 2024

Рикарда Ланг и Омид Нурипур ја презедоа одговорноста за серијата изборни неуспеси на Зелените. Тие пред новинарите во Берлин изјавија дека е време за „нов почеток“ на партијата.

https://p.dw.com/p/4l3bq
Челниците на Зелените, Рикарда Ланг и Омид Нурипур
Челниците на Зелените, Рикарда Ланг и Омид Нурипур објавија дека поднесуваат оставка Фотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Зелените повлекуваат персонални консеквенции три дена по дебаклот на покраинските избори во Бранденбург и серијата изборни порази изминатите месеци и го реструктуираат раководството на партијата. Двајцата копретседатели Рикарда Ланг и Омид Нурипур најавија денеска (25.09.2024) предвремено повлекување од раководните функции на партијата. „Изборниот резултат од неделата во Бранденбург е сведоштво за најдлабоката криза со која се соочи нашата партија во последната деценија“, рече Нурипур во заедничката изјава со Ланг во Берлин.

„Потребни се нови лица за да се извлече партијата од кризата“, изјави Ланг, додавајќи: „Сега е време да преземеме одговорност, а ние ја преземаме, за да овозможиме нов почеток. Сега не е време за грчевито држење на сопствената фотелја".

Изборот на ново партиско раководство треба да се одржи на сојузната партиска конференција во ноември во Визбаден. 

Зелените претрпеа големи загуби на неодамнешните избори за Европскиот парламент, а потоа на покраинските избори  во Саксонија, Тирингија  и Бранденбург. Во Бранденбург нивниот резултат од последните избори беше де факто преполовен. Во две сојузни држави не успеаја да го поминат изборниот праг, само во покраинскиот парламент на Саксонија се повторно застапени.

Ланг и Нурипур беа избрани на челната позиција на Зелените во јануари 2022 година.

СПД, чиј коалиционен партнер се Зелените  во сојузната влада,  мирно реагираше на промената во врвот на Зелените. „Го прифаќам ова со почит“, изјави Катја Маст, парламентарна раководителка на пратеничката група на СПД. Таа претпоставува дека и Зелените сакаат да ги протуркаат своите теми во  владината коалиција. „Затоа претпоставувам дека тоа значи реорганизација во Партијата на зелените, а не во владата и пратеничката група на Зелените“, нагласи Маст. Таа не гледа влијание врз СПД и работата на т.н.  семафорска коалиција. И другите партии имаат проекти на кои сакаат да работат во Владата. „Овде сè уште владее работен режим“, подвлече Маст.