1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите во Долна Саксонија го загрозуваат коалицискиот мир

ЕМФ | дпа
10 октомври 2022

СПД и Зелените слават по изборите во покраината Долна Саксонија. Големиот губитник е ФДП, која не го мина цензусот. Тоа го загрозува мирот во семафор-коалицијата во Берлин.

https://p.dw.com/p/4HyGt
Покраинскиот премиер Штефан Вајл (СПД) слави по соопштувањето на првичните резултати во Долна Саксонија
Покраинскиот премиер Штефан Вајл (СПД) слави по соопштувањето на првичните резултати во Долна СаксонијаФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Јасна победа за СПД и рекорден резултат за Зелените на покраинските избори во Долна Саксонија, но горчлив пораз за третиот во семафор-коалицијата - ФДП. Либералите (ФДП) не го минаа цензусот за влез во покраинскиот парламент и со тоа го загрозија мирот во семафор-коалицијата на сојузно ниво.

„Мојата партија и натаму има големи проблеми со оваа коалиција“, изјави вчеравечер (9.10) генералниот секретар на ФДП, Бижан Џир-Сарај. Тој конкретно го спомена судирот во коалицијата околу кочницата за задолжување. „И, за тоа ќе мора да разговараме, утре, во партиските тела на ФДП и во семафор-коалицијата. Мора да разговараме за тоа дека работите така не функционираат“, рече тој. Според Џир-Сарај, една коалиција нема да функционира „ако двајца партнери постојано развиваат идеи како да се даваат сѐ повеќе пари, а други перманентно мора да се занимаваат со прашањето како сето тоа да се организира и финансира“.

Одзивот на изборите во Долна Саксонија беше 60,3%
Одзивот на изборите во Долна Саксонија беше 60,3%Фотографија: Swen Pförtner/dpa/picture alliance

Партнерите на ФДП во семафор-коалицијата во Берлин, СПД и Зелените, пак, можат да бидат задоволни. Социјалдемократите имаат освоено најголем број гласови во Долна Саксонија (33,4%), а Зелените имаат постигнато свој рекорден резултат во оваа покраина (14,5%). Оттука, идната влада во покраината најверојатно ќе биде црвено-зелена.

На покраинските избори значителен скок во освоени гласови бележи и десно популистичката АфД  - 10,9%. Таа на претходните избори, во 2017 година, имаше 6,2% гласови.

Демохристијаните (ЦДУ), пак, во Долна Саксонија го постигнаа својот најлош резултат во последните 60 години и освоија 28,1% гласови. Во 2017 година тие имаа 33,6%.

Либералите со 4,7% и Левица со 2,7% гласови не го минаа цензусот. Одзивот на изборите во Долна Саксонија беше 60,3%.