1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поголема Европа е посилна Европа: Каде е РСМ?

2 октомври 2024

На 14 октомври во Берлин ќе одбележат 10 години од покренувањето на иницијативата Берлински процес. Колку е важно балканските земји да се движат по европскиот пат?

https://p.dw.com/p/4lKDh
Берлин I Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во Берлин се поздравува со шефот на македонската дипломатија Тимчо МуцунскиФотографија: Dominik Butzmann/AA/photothek/picture alliance

Важно е земјите од Западен Балкан да останат на патот на европската интеграција и треба да им понудиме визија на луѓето, да го забрзаме тој процес кој започна со грчка иницијатива пред 21 година во Солун и кој ние целосно го поддржуваме.

Ова е пораката на грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис кој вчера (2.10) учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес.

Тој нагласил дека земјите од Западен Балкан треба да ги исполнат поставените критериуми и целосно да ги усвојат достигнувања на правото на ЕУ и меѓународното право:

„Многу важно и од витално значење за Европската унија е - во екот на две војни и огромни предизвици во нашиот регион и пошироко во светот, да остане стабилна. А стабилноста доаѓа со проширувањето. Една поголема Европа, е посилна Европа", порача Герапетритис.

РСМ има свој придонес во Берлинскиот процес

На покана на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, на вчерашниот состанок учествуваше и македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Тој во неговото обраќање се заблагодарил на германското раководство за нивната решителност за унапредување на иднината на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.

„Неопходно е да ги удвоиме напорите со цел да ги поттикнеме реформите и да ја забрзаме постепената интеграција, а нашите граѓани да можат да ги почувствуваат придобивките од членството во Европската Унија за време на процесот на пристапување“, потенцирал Муцунски.

Тој нагласил дека треба да се искористи рамката на Берлинскиот процес за да ја покажеме посветеноста за постигнување одржлив развој и поблиски врски на Западниот Балкан со ЕУ. Напоменал и дека РСМ дала свој придонес во севкупните достигнувања на Берлинскиот процес, посочувајќи ги одржувањето на првиот Дигитален самит за Западен Балкан во Скопје во 2018 година, како и усвојувањето на Заедничкиот регионален пазар и на Зелената агенда за Западен Балкан, за време на заедничкото претседавање на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес во 2020 година.

За потсетување, дотогаш тоа беше прв случај земја-членка и земја-кандидат заедно да копретседаваат со Берлинскиот процес од воспоставувањето на иницијативата. Заедничкото претседателство на Бугарија и Северна Македонија беше третирано како силен сигнал за регионална соработката и можност за претставување на важни регионални теми во поширок европски контекст. Но, истата година уследи првото, а во 2021 година и второто бугарско вето за РСМ, што го разби создадениот оптимизам.  

Берлински процес конференција Берлин
Освен јакнењето на економско-регионалните аспекти, целта е да се обезбеди стабилност која ќе ја намали ранливоста на земјите во регионот од надворешни влијанија (фото: учесниците на средбата во Берлин, 2.10.2024)Фотографија: Dominik Butzmann/AA/photothek.de/picture alliance

Зајакнување на добрососедските врски

Министерот за надворешни работи во службената влада на Бугарија, Иван Кондов, кој исто така учествувал на министерскиот состанок во Берлин, го истакнал значењето на добрососедските односи. Во соопштението од неговиот ресор се вели дека средбата имала цел да ги истакне успесите на полето на заедничкиот регионален пазар, работата со младите и проектите за помирување, но и да го привлече вниманието на потребата од зајакнување на добрососедските врски во процесот на европска интеграција.

„Во обраќањето министерот Кондов го истакна значењето на добрососедските односи и принципот на утврдување на сопствените заслуги во процесот на присоединување кон ЕУ. Тој ги издвои напорите на нашата земја во однос на поврзаноста, како фактор за зајакнување на ЕУ како геополитички чинител. Кондов го истакна и значењето на регионалниот пазар како механизам за промовирање на разбирање и зближување со ЕУ“, соопшти бугарското МНР.

Берлински процес Аналена Бербок
Меѓу учесниците на состанокот постои оптимизам дека ќе биде најдено добро решение во врска со ЦЕФТА Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Без поткопување на националните интереси

Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, изјави дека со настапот на министерскиот состанок Србија уште еднаш потврдила дека регионалната соработка е р'бетот на нејзината надворешна политика.

„Испративме силна порака дека ќе работиме поеднечно со секој од нашите соседи во наредниот период за да ја подобриме нашата економска соработка, транспортната поврзаност, научната и младинската размена меѓу нашите земји и народи, да работиме на тоа прашањата од минатото да ги решаваме на начин кој нема да ги поткопува националните интереси на ниту една од вклучените страни“, изјави Ѓуриќ.

Во фокусот на вчерашните разговори требаше да биде активирањето на регионалниот договор за слободна трговија ЦЕФТА, чија цел е да ги намали трговските бариери, а за неговото спроведување главна препрека се смета блокадата на увоз на стоки од Србија во Косово. Иако има дијаметрално спротивни информации колку воопшто се разговарало за тоа прашање, меѓу учесниците на состанокот постои оптимизам дека ќе биде најдено добро решение во интерес на сите земји од Западен Балкан.

Да нема сиви зони

Освен јакнењето на економско-регионалните аспекти, целта е да се обезбеди стабилност која ќе ја намали ранливоста на земјите во регионот од надворешни влијанија.

„Ние мора јасно да ставиме на знаење дека во Европа нe постојат сиви зони во кои може да се интервенира однадвор“, порачала Бербок.

Берлински процес Аналена Бербок
Бербок: Во Европа нe постојат сиви зониФотографија: Dominik Butzmann/AA/photothek/picture alliance

„Мислам дека во овие десет години работа на Берлинскиот процес е постигнат голем напредок, наспроти кризите кои го погодуваа не само регионот на Западен Балкан, туку и целиот свет“, оцени шефот на хрватската дипломатија, Гордан Грлиќ-Радман.

Вчерашната средба на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан е воведен дел за средбата на врвот на Берлинскиот процес, кој годинава бележи јубилеј - десет години од покренувањето на таа иницијатива. Средбата ќе се одржи на 14-ти октомври во Берлин, каде се очекува да присуствуваат претставници од Западен Балкан и од земјите членки на ЕУ.

Првата средба во рамките на Берлинскиот процес се одржа на 28-ми август 2014 година на иницијатива на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, со цел продлабочување на соработката меѓу Европската унија и шесте земји од Западен Балкан - Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Албанија.