Почина легендарниот пејач Хари Белафонте
25 април 2023Хари Белафонте, кој се смета за еден од најуспешните афроамерикански поп-ѕвезди во историјата, беше патоказ за бројни американски уметници со црна боја на кожата. Беше познат и како „крал на калипсото“ и страстен борец против сиромаштијата, еден од иницијаторите на песната „Ние сме светот“ („We Are The World") која во 1985 година ја изведоа бројни музички супер ѕвезди, а чии приходи беа наменети за жртвите од гладот во Етиопија.
Во 2014 година беше одликуван со почесен Оскар за своите хуманитарни ангажмани.
Белафонте е роден на 1 март 1927 година во њујоршкиот кварт Харлем, неговата мајка потекнувала од Јамајка, а таткото од францускиот карипски остров Мартиник. Дел од своето детство Хари поминал во Јамајка, пред да се врати во САД и да направи неповторлива кариера како пејач и актер.
Во филмовите ја тематизираше расната поделба во САД и социјалната нееднаквост, а како активист во граѓанското движење Белафонте бил и близок соработник на Мартин Лутер Кинг.