По Тирана, теренско одмерување на силите
12 јануари 2023Не стивнуваат реакциите во домашната јавност по средбата на лидерите на партии на Албанците од РСМ со албанскиот премиер Еди Рама. Критиките доминантно се однесуваат на етноцентричноста на состанокот, додека одгласите од Тирана беа дека се разговарало за внатрешнополитичката ситуација во Македонија, европскиот пат и улогата на албанските партии за обезбедување мнозинство за уставни измени, кои се неопходни за продолжувањето на процесот на евроинтеграции.
Премиерот Димитар Ковачевски средбата во Тирана ја оцени како позитивна и добредојдена, бидејќи неговиот албански колега Рама е докажан пријател на Северна Македонија.
„Секој разговор на човек докажан пријател и евроатлантист кој го има со политички чинители од нашата држава во насока на градење пријателство и добрососедство, во насока на задржување на курсот на европските интеграции за целиот регион, јас го сметам за позитивен и добредојден. Премиерот на Албанија е човек кој во секое свое излагање и работење секогаш се водел од принципот на интеграција на целиот балкански регион и особено Западен Балкан во НАТО и во ЕУ“, одговори вчера Ковачевски на новинарско прашање.
„Вчера Димитар Ковачевски ја пофали средбата во Тирана, но не ѝ соопшти на јавноста што доби на маса за спас на Владата“, реагираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Јасно е дека средбата во Тирана не беше само за новогодишен ручек, туку за спас на владината коалиција на СДСМ и ДУИ. Дали Ковачевски треба да прифати нови национални предавства, или пак на маса му се ставени нови бизнис интереси на ДУИ? (...) Доколку СДС и ДУИ сметаат дека сѐ што прават е за доброто на граѓаните, наместо средби во други држави, нека се охрабрат и нека закажат средба со граѓаните на предвремени парламентарни избори“, порачаа од опозициската партија.
Теренски натпревар
Некои од медиумите во соседна Албанија го посочуваат како значаен тајмингот на средбата, а во контекст на неодамнешните медиумските наводи за обид за дефакторизација на ДУИ, односно за поткопување на позициите на Димитар Ковачевски од страна на неговиот претходник дури и во сојузништво со ВМРО-ДПМНЕ, нешто што тој го демантираше. Во сличен контекст е ставена и мотивацијата за барањата на „Огнената група“ од ДУИ.
Според тоа, владејачките партии во овој момент имаат многу повеќе работа од предизвикот да создадат проевропски фронт и да обезбедат мнозинство за уставни измени, бидејќи прво треба обезбедат внатрепартиско единство, кое во моментот е засегнато од шпекулации или неформални фракции. Пред најголем предизвик е владејачката ДУИ, која влегува во теренски натпревар со незадоволните во нејзините редови.
„Огнената група“ реши да излезе на терен и непосредно да комуницира со партиските ограноци за нивните барања и оценките за нереализирање на партиската програма, откако таков разговор изостанал на партиските состаноци. Првата средба се одржа пред четири дена во Студеничани, од каде потпретседателот на ДУИ и еден од членовите на „Огнената група” Изет Меџити, побара одговорност од министрите за нивната неефикасност.
„Ја поддржуваме евроатлантската насока на Владата, не само со изјави, туку и со конкретни акции“, рече Меџити.
Средбата во Тирана и пораките за единство и заеднички интеграциски пат што беа испратени оттаму, не ги предомислија незадоволните во ДУИ. Тие за в сабота во 19 часот најавија состанок со партискиот огранок во Битола, по што и министри на ДУИ за истиот ден и истиот термин закажаа средби со партиските ограноци во Чегране и Гостивар.
Според познавачи на внатрепартиските состојби во ДУИ, сегашните критики од „Огнената група“ и нивната видлива мобилизација иако навидум создава тензии, во пракса може да придонесе уште повеќе да се збијат редовите во партијата, ама и во владејачката коалиција, поради неколку причини.
„Овие поделби, свесно или несвесно одат во прилог на оние кои не се заинтересирани за стабилност и за посветување на интеграциските процеси, бидејќи одат директно во корист на субјекти на кои приоритет не им е државниот, туку личен или еднопартиски интерес. Не дека нема грешки, има, и треба да следат големи и длабоки реформи, ама подигањето на внатрешни тензии во овој момент е чин на кусогледост во однос на државните приоритети во претстојниот период“, вели поранешен функционер од албанскиот блок.
Одвојување на „каколот од житото“
Во контекст на средбата во Тирана, имаше и голем број домашни критики дека нагласената „прозападна ориентација на Албанците“ не треба да се користи како параван за криминал, корупција и тендерократија, или за поплаки за „обиди за дефакторизација“ на некои од партиите на Албанците, ако самите во голема мера се дефакторизираат со мижење или соучество во криминал. За да се одвои „каколот од житото“, партиите од власта во претстојниот период ќе бидат пред уште еден голем предизвик - да покажат бескомпромисна посветеност во битката против корупцијата, особено тогаш кога со неа ќе бидат засегнати лица од нејзините редови.
За ова прашање не стигнаа поконкретни информации ни по вчерашната средба на премиерот Ковачевски и министри во Владата со Дерек Шоле, советник на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, иако пред неговата посета беше потенцирано дека „борбата против корупцијата останува приоритет за Вашингтон“
„На средбата премиерот Ковачевски го посочи значењето на постојаната соработка што ја има Северна Македонија со САД во борбата против корупцијата и владеењето на правото, со цел да се унапреди владеењето на правото и да се засили борбата против корупцијата“, беше кусо наведено за ова прашање во соопштението од владината прес -служба.