По најавата на Зеленски: Серија оставки во Украина
24 јануари 2023Во рамките на персоналната реконструкција на раководниот врв во Украина оставка поднесе заменикот министер за одбрана, Вјачеслав Шапалов, во чија надлежност меѓу другото е снабдувањето со храна и опрема на војската.
Во образложението за своето повлекување Шапалов се повика на „обвинувањата за корупција објавени во медиумите“, за кои Комисијата за одбрана на украинскиот парламент, според него, не нашла никакви докази.
Во соопштението објавено на веб-страницата на Министерството за одбрана стои дека оставката на Шапалов е „чесен чин“ кој ќе придонесе за зачувување на довербата во Министерството. Против Министерството за одбрана постојат критики за набавување прехранбени производи за војниците по превисоки цени.
Кратко по објавувањето на оставката на Шапалов, од должноста е резрешен и заменикот државен обвинител Олексиј Симоненко, како што е соопштено, „по негова желба“, а причината не е наведена.
Отпуштен и вицешефот на претседателскиот кабинет
Во меѓувреме, по негово барање, од должноста е ослободен и вицешефот на претседателскиот кабинет, Кирило Тимошенко, што произлегува од декретот на претседателот Володимир Зеленски, објавен на интернет страницата на претседателот. Тимошенко преку информативниот канал Телеграм му се заблагодари на Зеленски за довербата и за можноста да работи во корист на земјата во воени времиња.
Обвинувања за злоупотреба на службената положба
Неодамна Тимошенко се најде во фокусот на јавноста и беше критикуван поради користењето на американско теренско возило, ставено на располагање од автоконцернот Џенерал Моторс, за спасување на граѓани од борбените зони и за хуманитарни мисии. Објаснувањето на Тимошенко беше дека возилото го користел за службени цели.
На товар на Тимошенко, според украинските медиуми, се става и прекорачување на неговите надлежности во регионите како службеник во претседателската администрација, како и негов политички ангажман. Во Украина следната година се одржуваат претседателски избори, на кои Зеленски стравува од конкуренција од сопствените редови.
Оставки со најава
Зеленски во изминатите денови, по скандалите поврзани со корупција и богатење во државниот апарат, најави одлучно пресметување со незаконските постапки, а вчера навести и редица персонални промени. Уште претходно беше отпуштен еден заменик министер поради тоа што примал мито за купување на генератори за струја. Кај многу украински граѓани постои сомнеж дека делови од украинското раководство се збогатуваат при приливот на високи суми финансиска помош од Западот.
Неодамна се повлече и надворешниот советник во претседателскиот кабинет, Олексиј Арестович, кому му се припишуваат амбиции за највисоката државна функција. Чекорот на Арестович официјално беше преземен како последица на неговата „крупна грешка" – изјавата дека е можно руска ракета поради интервенција на украинската противвоздушна одбрана во украинскиот град Днипро да паднала врз станбена зграда, при што загинаа повеќе од 40 луѓе.