Како ќе се излезе на крај без рускиот дизел?
7 февруари 2023Од недела (5 февруари) ЕУ повеќе не купува дизел и други нафтени деривати од Русија, како што веќе прават САД и Велика Британија. Тоа е поврзано со одредена максимална цена на нафтата и нафтените деривати – максимум 100 долари за барел рафиниран дизел. Русија како контрамерка нема да продава нафта на земји кои имаат ограничени цени.
Ембаргото за увоз, кое го донесе Европската Унија, ќе се применува и во Северна Македонија. Министерот за економија, Крешник Бектеши најави дека и македонската Влада ќе забрани увоз на руска нафта во Македонија. Владата ќе ја почитува санкцијата од ЕУ кон Русија и се чека протоколарно тоа да биде сторено од неговиот колега, Бујар Османи. „Политиката е да ги следиме сите санкции кои ги носи Европската комисија - тие се нашите стратешки партнери и така најверојатно и ќе продолжиме“, рече Бектеши.
Забраната, според министерот Бектеши, нема да предизвика недостиг на деривати, затоа што во моментов само 20% од потребите на пазарот се задоволуваат со нафта од руски рафинерии. Тој се надева дека нема да се случи недостиг на дизел гориво во земјата.
Поевтино беше да се увезува
Санкциите и прекинот на увозот од Запад многу ја чинат Русија. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, проценува дека Кремљ веќе секојдневно губи околу 160 милиони евра. Но, на сите им беше веќе јасно дека Русија ќе најде пазар и за нафтата и за нејзините деривати и дека таквата руска нафта ќе заврши и во ЕУ.
Немаше поголеми потешкотии при утврдувањето на највисоката цена на нафтата на 5 декември 2022 година , но прекинот на увозот на нафтени деривати - особено на дизелот, предизвика голема неизвесност на пазарот, особено што германските магацини за дизел гориво се на најниско ниво во историја.
Еуген Линдел и Џошуа Фолдс од ФГЕ велат дека Русија подолго време се обидува да понуди многу поскапи деривати место евтина нафта и дека западните потрошувачи се „навикнале“ на таа понуда и значително ги намалиле своите рафинериски капацитети.
„Доста е комплицирано да се произведува дизел, нафта за греење и други деривати, додека производството на сурова нафта е едноставно и многу попроменливо. Сепак, на светскиот пазар има многу видови сурова нафта од кои може да се произведуваат овие нафтени деривати“.
Цената на дизелот е висока долго време, а сега се зависи од тоа дали ЕУ ќе најде алтернатива - и колку брзо Русија ќе најде друг пазар. Иако нема голема загриженост поради благата зима, лесно може да се очекува цената на дизелот уште повеќе да порасне. Ќе биде потребно барем извесно време додека да пристигнат дериватите од други земји, а процесот на рафинирање на нафта во ЕУ е значително поскап од она што го понуди Русија.
„Перење“ на руски дизел
„Пазарот е многу чувствителен и исплашен во моментов“, велат аналитичарите. „Прво мора да почекаме и да набљудуваме како се менуваат дестинациите за руската нафта, без долгорочни прекини во снабдувањето. Но, кога пазарот ќе сфати дека тоа се случило, ќе се смири“.
До нападот на Русија врз Украина, ЕУ увезуваше речиси половина од дизелот од Русија. Тој удел е намален во изминатите 12 месеци, но сепак е значителна сума - околу 200 милиони барели во 2022 година, според проценките на аналитичарите. Суспендирањето на увозот од ЕУ создава дефицит од околу 600.000 барели дизел и нафтени деривати - дневно.
ЕУ одамна почна да набавува деривати од други извори - од Блискиот Исток, Азија и САД, но дури и тие извори се веќе оптоварени. На сите им е јасно дека индиректниот увоз во голема мера е „перење на дизелот“. На пример, иако Турција има значителни капацитети за преработка на нафта, дизел горивото што се увезува од таа земја е всушност мешавина од „турски“ и руски дизел, се разбира со провизија во Турција.
Индија, па дури и Кина работат слично: Индија е среќна да купува руска нафта и деривати, бидејќи и Русите се принудени да ја намалат цената и со уште поголемо задоволство да го продаваат тој дизел на Запад. Покрај поволната цена, трошоците за преработка и складирање во Индија се значително пониски, така што извозот на дизел во ЕУ значително пораснал од почетокот на војната. Тоа најдобро се виде за време на штрајкот во рафинериите во Франција и кога преку ноќ скокна увозот на дизел од Индија, земја која едвај да спаѓа во традиционален снабдувач на нафтени деривати.
Подобра пресметка при обработката
Кина всушност преработува нафта првенствено за свои потреби, но во овие околности тоа се промени: Пекинг официјално ги зголеми извозните квоти за нафтени деривати. „Кинеската деловна политика може да ја промени состојбата на целиот пазар“, вели Марк Вилијамс од Вуд Мекензи . Затоа што тоа е земја која „во свои раце го држи клучот за преработувачките капацитети на глобалниот пазар“.
Сè на сè, ЕУ плаќа поскапо гориво, но тие пари сè уште не одат во Русија. Особено кога станува збор за деривати, третите земји претпочитаат да купуваат сурова нафта бидејќи тие самите имаат капацитет да ја преработат. „Русија веќе е принудена да го нуди својот дизел со голем попуст за да ги заслади купувањата дури и во оние земји на кои навистина не им е потребно тоа гориво“, смета Јуџин Лидел.
Тоа се земјите на кои можеби им треба руски дизел - како што се земјите во Африка или Јужна Америка, но тука е и Турција, која очигледно веќе однапред купува од Русите за да го продаде тој „турски дизел“ на ЕУ. Лидел тоа јасно го гледа од статистиката, каде Турција со месеци го зголемува увозот од Русија.
За каков попуст е подготвена Москва?
„Тие земји се подготвени да купат таков поевтин дизел“, вели Лидел, па некои експерти не очекуваат значителен пад на извозот на руската нафта. Но, другите експерти не се сигурни.
Целата поента на западните санкции никогаш не била и не можела да биде директен удар за руската трговија, туку да ја принудат да користи посредници. Марк Вилијамс не забележува никакво значајно влијание ниту во руските капацитети за рафинирање на нафта, но и затоа што 40 долари за барел рафинирана нафта „се уште е солена цена“. На тоа ниво, цените и руските рафинерии сè уште работат добро, така што постои и интерес за дополнително рафинирање на сопствената нафта.