1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Платежна картичка наместо кеш за азилантите во Германија

ЕМФ | агенции
12 април 2024

Барателите на азил во Германија наместо пари во готово во иднина ќе добиваат платежна картичка, одлучи Бундестагот. Некои покраини тоа веќе го спроведуваат.

https://p.dw.com/p/4ehrr
Платежна картичка наместо кеш за барателите на азил во Германија
Платежна картичка наместо кеш за барателите на азил во ГерманијаФотографија: Frank Hoermann/SvenSimon/picture alliance

Германскиот парламент го расчисти патот за воведување платежна картичка за бегалците и барателите на азил. Тие ќе можат да ја користат платежната картичка за да платат за секојдневни стоки и услуги, како што се прехранбени намирници. Можноста за подигање готовина ќе биде ограничена. Трансферите на пари во странство исто така веќе нема да бидат можни.

Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) во својот говор во Бундестагот ја бранеше платежната картичка како мерка во борбата против шверцерите и криумчарењето. Тоа е „јасно не за пренос на социјалните бенефиции на шверцери во странство“.

Воведувањето на системот за платежни картички има за цел, меѓу другото, да ги спречи мигрантите да префрлаат пари на шверцери или на семејството и пријателите во странство. Парламентот гласаше „за“ со мнозинство гласови од пратеничките групи на партиите од владеачката коалиција, СПД, Зелените и ФДП. Деснопопулистичката АфД и групата Алијанса Сара Вагенкнехт (БСВ), исто така гласаа „за“. Против беа опозициските партии на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) и Левицата, како и еден пратеник од Зелените.

Локалните власти можат да одлучуваат индивидуално

Канцеларот Олаф Шолц (СПД) и покраинските премиери за проектот постигнаа согласност уште во ноември минатата година. Сега законот вели дека одговорните локални власти можат сами да одлучат колку готовина можат да подигнат сопствениците на картичките во одреден временски период. Ова ги зема предвид „индивидуалните потреби и локални околности“.

Доколку потребните работи не можат да бидат покриени со платежната картичка, услугата и во иднина ќе мора да се исплаќа во форма на готовина. Со тоа би требало да се спречат проблеми за корисниците доколку картичката не биде прифатена како средство за плаќање. Промената на законот не ја менува висината на бенефициите што ги добиваат барателите на азил.