Пјонгјанг провоцира со дронови
26 декември 2022Јужна Кореја денеска активираше борбени авиони и хеликоптери, и испука предупредувачки истрели откако севернокорејски беспилотни летала го нарушија нејзиниот воздушен простор, соопшти војската на Јужна Кореја.
Јужнокорејската војска соопшти дека државата ги следела дроновите кои поминувале од Северна Кореја преку воената линија на разграничување меѓу двете земји откако ги открила над западниот град Гимпо околку 10 часот и 25 минути по локално време. Едно од беспилотните летала очигледно прелетало и над јужнокорејската престолнина Сеул, јави јужнокорејската новинска агенција NEWS1.
Според претставник на јужнокорејското министерство за одбрана лесен борбен авион од типот КА-1, кој полетал за да ги пресретне дроновите се урнал набрзо откако ја напуштил својата база Вонју на истокот на државата.
Двајцата пилоти успеале да се катапултираат пред несреќата и сега се во болница.
Министерството за сообраќај на Јужна Кореја претходно соопшти оти летовите на аеродромите Инчеон и Гимпо се прекинати на барање на војската.
Прекинот започна во 13 часот и 8 минути, по локално време, во Гимпо, во Инчерон во 13 часот и 22 минути, а траел речиси еден час пред да продолжат летовите околу 14 часот, соопшти претставник на министерството.
Ова е првпат во последните пет години севернокорејски беспилотни летала да навлезат во воздушниот простор на Јужна Кореја. Меѓународно изолираната земја веќе тестираше бројни оружја оваа година. Според Сеул, Пјонгјанг истрелал две ракети во минатиот петок.