Може ли да се пролонгира рокот за замена на документите?
10 јануари 2024Владата ќе го разгледува предлогот на претседателот Стево Пендаровски да се пролонгира рокот за замена на личните документи, поради промената на уставното име, до септември или октомври. „Мора да ги заштитиме граѓаните - нема смисла хаосот со вадење нови документи да продолжи“, порача претседателот во интервју за „Тема на денот“ на Телевизија Сител, испраќајќи јавен предлог да се размисли да се изнајде решение за овој проблем.
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека се „прифатливи сите предлози кои може да унапредат нешто“. „Ќе се консултирам со двајцата министри со коишто разговарал претседателот, верувам дека и Пендаровски ќе може да разговара со претседателот на Грција и да се изнајде начин како тоа да се реши на меѓународно ниво“, рече Ковачевски при посетата на Сарај.
Јавен повик
Јавниот повик на претседателот следи откако со месеци наназад граѓаните се жалат дека се принудени со часови и денови да чекаат за замена на документите, поради што се создаваат колони и нервози пред шалтерите на МВР. Ситуацијата е дополнително усложнета што граѓаните се приморани често да чекаат и надвор пред пуктовите за подигнување на готовите документи. МВР изминатиот период воведе и двосменско работење, шалтерите беа отворени и во сабота, а се воведоа и пунктови каде можеа да се вадат документи без претходно закажување термин. Но, нервозите и гужвите и понатаму не стивнуваат.
„Прво, тоа е срамно понижување на македонските граѓани. И непотребно. Второ, ова го предложив на најмалку двајца министри во македонската влада - со брза интервенција во два закони – закон за лична карта и закон за патни исправи, и ако е потребно и законот за безбедност во патниот сообраќај, тоа се прави во едно попладне, знаеме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закони, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари да биде септември-октомври, претходно ќе ги известиме и Грците дека немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор“, рече претседателот Пендаровски.
Законска обврска
Причина за гужвите, според Ковачевски, е тоа што голем број граѓани треба да го запазат законскиот рок и да ги заменат документите навреме. Според него, станува збор за обврска која што произлегува од потпишан меѓународен договор, кој овозможи земјата да станене членка на НАТО.
„Владата може само да го олесни тој процес. МВР отвори поголем број пунктови и вработени, очигледно тоа ќе треба да се зголеми, па да видиме и дали може да се направат законски измени. Ќе пробаме да видиме дали е тоа изводливо и применливо да се реализира предлогот на Пендаровски“ , рече премиерот.
Прифатлив предлог
Предлогот за пролонгирање на рокот за замена на документите е прифатлив и за Демократскиот сојуз. Партијата на Павле Трајанов смета дека замената на лични документи е согласно Договорот потпишан во Преспа,помеѓу Македонија и Грција, но повеќе од јасно е дека нема технички можности, како и доволен кадровски потенцијал, за до почетокот на февруари, да се заврши оваа операција.
„Овој состав на Владата или Техничката Влада, треба да ги подготви законските измени, по што Парламентот по итна постапка да ги донесе. Евентуалните отворени прашања со Грција треба дa се разрешат по дипломатски пат“, вели Трајанов.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пред новогодишните празници информираше дека процесот на издавање на лични документи во Скопје и во Секторите за внатрешни работи во земјава е интензивен. Според него, во внатрешноста во земјата овој процес на замена на лични документи е сосема при крај.
Поради промената на уставното име на државата во Северна Македонија, согласно Преспанскиот договор од 2018, рокот за промена на личните документи е до 12 февруари годинава.