1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставки во редовите на германските Либерали

ЕМФ | агенции
29 ноември 2024

Неполни 24 часа по објавувањето на детали од ФДП-документот за напуштање на владеачката коалиција во Берлин, во партијата паѓаат оставки.

https://p.dw.com/p/4nZBR
Бижан Џир-Сарај
Бижан Џир-Сарај соопшти дека се повлекува од функцијата на прес-конференција на која не беше дадена можност за новинарски прашањаФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture-alliance

Генералниот секретар на ФДП, Бижан Џир-Сарај извлече консеквенции од објавувањето на стратешкиот документ на Либералите за постепено напуштање на „семафор-коалицијата“ во Берлин и поднесе оставка. Ова 48-годишниот политичар го соопшти денеска (28.11) на прес-конференција во Берлин, на која не беше дадена можност за прашања на новинарите. „Несвесно дадов неточни информации за интерен документ. Тоа не беше мојата намера, бидејќи јас самиот не знаев ништо за овој документ“, рече Џир-Сарај, додавајќи: „Се извинувам за тоа“. Генералниот секретар на партијата е одговорен за таков процес, нагласи Џир-Сарај и рече дека затоа презема „политичка одговорност да спречам нанесување штета на мојот кредибилитет и на кредибилитетот на ФДП“.

Џир-Сарај, инаку човек од воерба на лидерот на ФДП, Кристијан Линднер,со оставката реагира на т.н. „Ден Д“-документ на неговата партија, кој беше објавен ден претходно. Документот содржи детално сценарио за излегување на ФДП од „семафор-коалицијата“ со СПД и Зелените. На пример, се вели дека „идеалното време“ за „најавен излез“ од коалицијата би можело да биде кон средината на 45-та календарска недела, помеѓу 4-ти и 10-ти ноември. На 6-ти ноември, коалицијата, која долго време беше во криза, навистина се распадна кога канцеларот Олаф Шолц (СПД) го разреши Линднер од функцијата министер за финансии.

Џир-Сарај на 18 ноември, со оглед на тогашните медиумски извештаи за формулацијата „Ден Д“, сѐ уште тврдеше: „Тоа не е точно. Овој термин не е користен“.

Непосредно пред изјавата на Џир-Сарај со која соопшти дека се повлекува од функцијата, лидерката на Младите либерали, Франциска Брандман, побара оставка од генералниот секретар на ФДП. „Како генерален секретар, Бижан Џир-Сарај сноси политичка одговорност за содржината и насоката на партијата. Со цел да се спречи дополнителна штета на партијата, како сојузна претседателка на Младите либерали побарав од Бижан Џир-Сарај да поднесе оставка на својата функција“, напиша Брандман на платформата X.

По соопштувањето на оставката на генералниот секретар на ФДП, оставка поднесе и раководителот на ФДП на сојузно ниво, Карстен Рејман. ФДП соопшти дека по повлекувањето на Бижан Џир-Сарај, и Рејман со својот потег сака да овозможи персонална промена во партијата.