Оскар Мартинез - добитник на „Наградата за слобода на говор“
20 јуни 2023„Молчењето не е опција“, уверен е Оскар Мартинез, истражувачки новинар од Салвадор, добитник на годинешната „Награда за слобода на говор“ на Дојче веле, која оваа година по деветти пат е доделена во рамките на Глобал медиа форум (ГМФ) во Бон.Целта на наградата е да сврти внимание на ограничувањата на слободата на печат во многу региони во светот и да им оддаде признание на луѓето поради нивната исклучителна новинарска работа.
Роден во Салвадор во 1983 година, Мартинез е познат ширум Латинска Америка по своите истражувања, пишува во образложението на Дојче веле. Добитник е на бројни награди, вклучувајќи и Националната новинарска награда „Фернандо Бенитез“ во Мексико или наградата „Марија Мурс Кабот“, која оддава признание на новинарите за известување на американскиот континент.
„Хибриден режим" во Салвадор
Меѓународните посматрачи го опишуваат Салвадор како „хибриден режим“, потсетува Мартинез. Од кога во 2019 година Најиб Букеле стана претседател на земјата, бројни новинари кои ја критикуваат владата се напаѓани или им се изрекувани закани. Владата во 2022 година воведе вонредна состојба поради раширениот криминал, а со тоа се ставени вон сила уставни права како слобода на изразување и собирање.
Таа држава во Централна Америка зазема 115 место од 118 земји во светот во поглед на слобода на медиумите. Според организацијата „Репортери без граници“, медиумите се „меѓу жртвите на широко распространетото насилство во Салвадор."
Повеќе од 150 новинари досега мораа да ја напуштат земјата, укажа Мартинез во својот говор по повод доделувањето на наградата на Дојче веле. И тој самиот неколку пати морал да замине од земјата поради закани со смрт или страв од апсење.
Протерување, репресија, политички прогон, тортура, затворање и самоволие – ниедна од тие опасности не го спречува него или неговите колеги и натаму критички да известуваат, рече добитникот на наградата.
„Новинарите се среде сето тоа: моќниците ги прогонуваат, а добар дел од општеството кое го информираат ги презира“, рече Мартинез и порача: „Што повеќе има мрак, тоа е поголема потребата од новинарство."
Никогаш повеќе во овој век салвадорското новинарство не открило толку многу случаи на корупција, неказнивост и државно насилство – без оглед на постојаниот ризик од апсење и затворање. „Овде доаѓам со жалење, но и со гордост, зашто претставувам група луѓе кои ја исполнуваат својата новинарска мисија, вклучувајќи и Сојузот на новинари на Централна Америка, на кој припаѓам, иако тоа понекогаш им го отежнува животот,“ рече Мартинез во Бон.
Новинарски светилник
Мартинез ја води онлајн платформата „Ел Фаро“ (Светилник), која е критички настоена кон владата. Се придружил на првиот онлајн часопис во Латинска Америка во 2008 година за најпрво да известува за миграцијата во Централна Америка низ Мексико. Две и пол години ги следел мигрантите на нивниот пат на север, запишувајќи ги злоставувањата на кои луѓето биле изложени, вклучувајќи масовни киднапирања, силувања, трговија со луѓе и масакри.
Како коаутор во 2018 година ја објавил книгата „El Niño de Hollywood" која за тема ја има злогласната банда „Mara Salvatrucha 13". Објавил и неколку книги за организираниот криминал во миграциите.
Од своето основање во 1998 година, „Ел Фаро" од мал проект прераснал во меѓународно признат и водечки истражувачки медиум за независно новинарство во Латинска Америка. Под негово раководство во последните години се` повеќе станува мета на владата. Според зборовите на Мартинез, 22 новинари исто така неколку месеци биле шпионирани со софтверот „Пегаз“, меѓу другото и кога за магазинот собирале докази за тајниот пакт на претседателот со криминалните банди. Од безбедносни причини, еден од вработените во фирмата неодамна се преселил во Костарика.
Салвадор на пат кон диктатура
На Глобалниот медиумски форум Мартинез апелираше до учесниците да покажат солидарност со новинарите во Централна и Латинска Америка, со оние кои продолжуваат да известуваат „храбро и неподмитливо“.
„Немојте да не` изневерите, ние и натаму ќе информираме“, рече тој.
Салвадор константно се движи на пат кон диктатура, истакна Мартинез за својата татковина.
И генералниот директор на Дојче веле, Петер Лимбург, пред почетокот на Глобалниот медиумски форум, укажа: „Медиумите во Салвадор никогаш не биле под поголема контрола.“
Централна Америка доживува нов бран на авторитарност, кој е следен со се` поголемо ограничување на слободата на медиуми. „Оскар Мартинез и уредниците на порталот ’Ел Фаро’ храбро се спротивставуваат на огромниот притисок на кој новинарите се изложени при својата работа во Салвадор, но и во други земји од Централна Америка. Нивната работа е поврзана со високи лични ризици“, изјави Лимбург, оддавајќи признание на работата на таа истражувачка платформа.