1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата најавува 40 амандмани за стратешките инвестиции

ДТЗ
5 март 2024

По бројни реакции и забелешки во јавноста, Владата неодамна ги повлече овие закони, но веднаш потоа ги врати во собраниска процедура

https://p.dw.com/p/4dBcE
Собрание
Опозицијата со амандмани ќе ги блокира стратешките инвестиции во енергетикатаФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Опозицијата со амандмани ќе се обиде да го блокира носењето на законите за стратешки инвестиции во енергетиката. Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата најавија дека ќе ги преземат сите процедурални, демократски и собраниски процедури за да го спречат носењето на законите за стратешки инвестиции во енергетиката. За таа цел ќе поднесат 40 амандмани.

„Очајноста на СДСМ продолжува до последен ден од нивното владеење. Денеска на Комисијата за економски прашања, СДСМ повторно ќе се обиде да ги протурка законите за стратешки инвестиции во енергетиката. Ова се закони со кои се нанесува децениска штета по енергетскиот сектор на Македонија, а служат само за богатење на најтесното раководство на СДСМ“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.

Ќар или зијан?

Според него, Димитар Ковачевски, Миле Зечевиќ и Фатмир Битиќи го гледаат сопствениот „лукративен интерес“, а граѓаните плаќаат за 50 отсто повисоки сметки за електрична енергија.

„СДСМ без поддршка на останатите коалициони партнери турка закон со кој на грчка компанија ќе и` се даде државна помош од близу 50 милиони евра, а дополнително и` се гарантира откуп на произведената струја и топлинска енергија по цени далеку повисоки од реалните. Со останатите стратешки закони се дава плодна земјоделска почва за изградба на фотоволтаици каде повторно државата гарантира откуп на електричната енергија по високи цени“, вели Стојановски.

 

РЕК Битола
Дали државата ќе го загуби енергетскиот суверенитет и ќе плаќа поскапа електрична и топлинска енергија од пазарните вредности?Фотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Станува збор за предлог-законите за стратешкиот инвестициски проект „Митилинеос“, когенеративна постројка Скопје, за „Соларен парк Стипион“ и договор за стратешки инвестициски проект „Соларен парк Стипион“, предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект „Аим грин тек“ и предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект соларна електрична централа – Пехчево. 

Привилегирана положба

По бројни реакции и забелешки во јавноста од страна на експерти и Министерството за економија, Владата неодамна ги повлече овие закони, по што ги врати во собраниска процедура, со обраложение дека се направени неопходните усогласувања со институциите. 

Копјата се кршат особено околу Митилинеос кој треба да гради централа во Железара. За овој проект и министерот за економија, Крешник Бектеши бараше повторно да се преговара.

Здружението на инженерите повеќепати предупреди дека со четирите предложени законски текстови и со договорите што ги предвидуваат, државата ќе го загуби енергетскиот суверенитет, ќе плаќа поскапа електрична и топлинска енергија од пазарните вредности.

Опозицијата смета дека со носењето на овие закони, на инвеститорите им се дава привилегирана положба, а државата се става во подредена положба и се суспендираат низа закони кои важат за сите останати во правниот промет.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимоски, неодамна порача дека со влезот на стратешките енергетски инвестиции ќе се зголеми енергетската независност на земјава и ќе се преполоват сметките за парно.

Со стратешките инвестиции во областа на енергетиката државата очекува да добие поевтино и стабилно снабдување со електрична и топлинска енергија. Државното земјиште на кое што ќе бидат изградени фотоволтаици нема да се отуѓува, туку се дава под долгорочен закуп. Откако ќе заврши државниот закуп на земјиштето, стратешките инвеститори ќе треба објектите да и` ги отстапат на државата за едно евро за квадратен метар.