1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олаф Шолц во новогодишното обраќање: „Мора да се менуваме“

Елеоноре Улих
1 јануари 2024

Со оглед на бројните кризи и конфликти, канцеларот Олаф Шолц бара поголема подготвеност за промени и компромиси. Но, никој не мора да се плаши од иднината, порачува тој.

https://p.dw.com/p/4alnA
Германија Олаф Шолц канцелар
Канцеларот Олаф Шолц е оптимист дека Германија е дорасната на предизвиците на денешницатаФотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Канцеларот Олаф Шолц е оптимист дека Германија е дорасната на предизвиците на денешницата. „Се справуваме и со потешкотии“, рече тој во традиционалното телевизиско обраќање на крајот на годината. Сила дава согледувањето дека секој еден е потребен во Германија- од врвниот истражувач до негувателот на стари лица, од полицаецот до разнесувачот на пакети, пензионерот исто како и студентот. Шолц укажа на руската агресија врз Украина, која се случи само што почна да поминува кризата со короната, како и на тесното грло во снабдувањето со гас, „а есеноска се случи и бруталниот терористички напад на Хамас врз Израел“. Светот е станат „понемирен и погруб“ и „се менува со брзина која речиси го одзема здивот“, потенцираше канцеларот.

Затоа и Германија мора да се менува. Кај некои луѓе тоа предизвикува незадоволство. Тоа канцеларот си го зема при срце, вели тој. „И истовремено знам дека ние во Германија ќе се справиме и со тоа“, сигурен е Шолц.

„Нас нѐ прави силни и нашата демократија“, наведе канцеларот. На истокот на Германија за неа пред 35 години се изборија храбри жени и мажи и таа за сите сега е „скапоцена“, оцени тој. Шолц рече дека составен дел од таквата демократија се и дискусии за вистинската насока и пат. „Ништо нема да се подобри ако само се надзборуваме, наместо да разговараме едни со други. Нас нѐ прави силни нашата подготвеност за компромис и ангажманот едни за други“, истакна тој.

EMBARGO BEACHTEN - Deutschland Olaf Scholz Neujahrsansprache 2023/2024
Фотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Шефот на владата објасни дека некои сценарија од кои се стравувало минатата година не се случија. „Инфлацијата се намали. Платите и пензиите растат. Резервоарите за гас за оваа зима се преполни", наведе тој неколку примери. Истовремено призна дека инвестициите во железницата, инфраструктурата, енергетскиот пресврт и економијата во светло на одлуката на Уставниот суд во врска со буџетот „не се станати поедноставни“. Затоа не може да бидат реализирани сите планови.

Шолц се изјасни категорично за силна Европска Унија. Како успех го оцени договорот за заедничка европска регулатива за азил. Веќе сега засилените гранични контроли довеле до тоа „бројот на лицата кои ги преминуваат границите, значително да се намали“.

Силна ЕУ е дотолку поважна со оглед на „војната на Русија на истокот од нашиот континент“, воениот конфликт на Блискиот Исток и во пресрет на претседателските избори претстојната есен во САД, кои „може да имаат далекусежни последици и за нас во Европа", порача Шолц.