1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГлобално

Олаф Шолц предупредува од лажен мир во Украина

ЖА / дпа
20 септември 2023

Дали денеска ќе дојде до директна конфронтација меѓу Украина и Русија во Советот за безбедност на ОН? Таму ќе биде украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

https://p.dw.com/p/4Wa8A
Германскиот канцелар Олаф Шолц во Генералната дебата во ОН
Германскиот канцелар Олаф Шолц во Генералната дебата во ОН предупреди од псевдо решенија во потрагата по мир во УкраинаФотографија: Frank Franklin II/AP/picture alliance

Германскиот канцелар Олаф Шолц во говорот пред Генералното собрание на ОН во Њујорк ги поддржа меѓународните напори за мир во Украина, но истовремено предупреди од „привидни решенија“ кои зборот „мир“ го содржат само декларативно. „Зашто: мир без слобода значи угнетување. Мир без правда се нарекува диктат. Тоа конечно мора да го разберат и во Москва“, изјави Шолц во вторникот вечерта (19.09).

Шолц денеска (20.09) исто така ќе присуствува на седница на Советот за безбедност, каде можеби ќе дојде до директна конфронтација меѓу воените противници Украина и Русија. Во највисокиот гремиум на ОН се очекува да биде украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Зеленски: Не е во прашање само Украина

За Зеленски ова ќе биде втор настап пред Советот за безбедност на ОН по почетокот на рускиот напад врз неговата земја пред 19 месеци. Во вторникот тој веќе зборуваше пред Генералното собрание, оценувајќи дека руската војна против Украина е напад врз целиот свет. „Не станува збор само за Украина“, предупреди Зеленски. Тој ја обвини Русија дека ги користи храната и енергијата како оружје.

По седницата на Советот за безбедност Зеленски ќе има билатерална средба со германскиот канцелар, каде тема веројатно ќе биде испораката на германски крстосувачки ракети од типот Таурус, на кои одамна инсистира Украина. Олаф Шолц  досега покажува воздржаност. Германскиот канцелар смета дека се потребни гаранции дека со ова оружје нема да бидат вршени напади врз руска територија. Во моментов се вршат проверки на кој начин би можело тоа да се реализира.

Володимир Зеленски во ОН
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во ОН ја обвини Русија дека ги користи храната и енергијата како оружјеФотографија: Brendan McDermid/REUTERS

Зеленски инсистира на ракети Таурус

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен повторно инсистираше на испорака на вакво оружје, тврдејќи дека Украина не планира со него да ја нападне Москва или други цели на руска територија: „Ние само сакаме да ја спасиме нашата земја“, изјави тој. Покрај крстосувачки ракети Таурус со дострел до 500 километри, Украина би сакала да добие и американски ракети од типот АТАЦМС со домет до 300 километри. За ова Зеленски се очекува да разговара в четврток, кога ќе биде примен од американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа.

Од руската инвазија во Украина поминаа веќе 19 месеци, а  крајот не е на повидок. Постојат мировни иницијативи пред сѐ од страна на држави кои се сметаат за неутрални и не учествуваат во воведените санкции против Русија, во кои спаѓаат Бразил, Индија и Саудиска Арабија. Во август во саудискиот крајбрежен град Џида се состанаа претставници на преку 40 земји заради размена на мислња за патиштата за постигнување мир, меѓу кои САД, земјите од ЕУ, а за првпат и рускиот најважен сојузник - Кина.

Шолц: Во ОН нема место за империјализам

Во врска со овие мировни напори, Олаф Шолц пред Генералното собрание на ОН изјави: „Токму поради неподносливите последици кои оваа војна ги има ширум светот, добро и праведно е светот да учествува во барањето мир.“ Но, канцеларот веднаш предупреди од мир постигнат по диктат, против волјата на Украина. Киев за основен услов го смета комплетното повлекување на руските трупи од окупираните територии, вклучувајќи го и полуостровот Крим, анектиран од Русија во 2014 година.

„Не заборавете: Русија е одговорна за оваа војна, а рускиот претседател е тој кој со една единствена заповед може во секое време да ја заврши. Но, за да го направи тоа, мора да разбере дека ние, државите во ОН, сме сериозни во поглед на нашите принципи. Во мултиполарниот свет на 21 век веќе нема простор за ревизионизам и империјализам“, истакна Шолц.

Олаф Шолц и лани имаше обраќање пред Генералното собрание на ОН, како прв канцелар по 15 години. Неговата претходничка Ангела Меркел во текот на нејзиниот 16-годишен мандат само еднаш настапи во генерална дебата – во 2007 година.

Заложба за преговори за реформа на ОН

Исто како и ланската година, Олаф Шолц се заложи за реформа на Советот за безбедност на ОН, но овојпат не инсистираше толку офанзивно на  постојано место за Германија во него.  Јасно е дека на Африка, Азија и Латинска Америка им следува поголема тежина во овој гремиум, истакна тој: „Во врска со оваа премиса, можна е дискусија околу текст со различни опции. Ваквите преговори со отворен исход ниедна земја не треба да ги блокира со свои максималистички барања, тоа не го прави ни Германија.“

Советот за безбедност е најважниот орган на Организацијата на Обединетите Нации и надлежен за решавање конфликти и гаранција на мирот. Во него припаѓаат 15 од 193 членки на ОН. Пет земји атомски сили се постојани членки и имаат право на вето во сите одлуки: САД, Кина, Русија, Велика Британија и Франција. Дел од останатите 188 држави ротираат за останатите десет седишта секои две години. Со години Советот за безбедност се смета за најчесто парализиран во својата работа поради меѓусебните блокади на САД, Кина и Русија за централните прашања. За темелна реформа на гремиумот се дискутира со децении, но без успех.