Од екстра профитот на фирмите ќе „капне“ и за државата
2 февруари 2023Компании кои за време на кризата лани оствариле голем профит еднократно ќе треба да платат данок за екстра добивка за 2022 година. Освен банките и трговските друштва, со кризниот данок од 30 отсто ќе бидат опфатени и поголеми компании кои оствариле профит од над 10 милиони евра. Владините симулации кај некои големи компании покажале дека овој данок нема многу да влијае на нивното работење и профит.
Текстот на предлогот на закон за данок на солидарност беше усвоен во средата (01.02) на владина седница. Со новиот закон за екстра добивка Владата очекува да наплати дополнителни 90 милиони евра за државната каса.
Со овој данок ќе бидат опфатени банки, компании кои тргуваат со нафтени деривати, трговци на мало, како и компании од енергетскиот сектор и други компании. Собраните пари од овој данок ќе се користат за справување со кризата, а дел од тие средства можно е да се искористат за поддршка на големите компании за излез од кризата.
Данок за солидарност
Бизнис заедницата реагираше дека овој данок не треба да го плаќаат сите компании кои оствариле екстра профит, туку само оние кои профитирале од кризата. Но, од Владата велат дека данокот за солидарност треба да дејствува како редистрибутивна мерка, за да се осигура дека компаниите кои оствариле вишок профит поради неочекувани околности, пропорционално придонесуваат за ублажување на енергетската криза на внатрешниот пазар. Со цел да се изврши корекција на пазарната дисторзија, и да се обезбеди редистрибуција на товарот на негативните последици од кризата, повеќе земји од светот воведоа или најавија дека ќе воведат таканаречен данок на екстра профит, а како пример ги наведуваат Хрватска, Бугарија, Грција, Унгарија, Велика Британија, Италија, Шпанија, Германија.
„Данокот на солидарност, кој е замислен како еднократен данок и се однесува само на најголемите компании, има пред сѐ солидарен ефект и треба да ја покаже општествената одговорност на сите нас, и на тие што сме во политиката, и на бизнис заедницата. Одговорност да се справиме со кризата имаме ние сега, а не да платат идните генерации“, порача деновиве министерот за финансии Фатмир Бесими во изјава за Блумберг Адриа.
Парите ќе одат во посебна програма
„Данокот на солидарност, како што се нарекува во последниот предлог, а како што е наречен и во самата ЕУ директива, не е дел од даночната реформа. Тој нема за цел да се зголемат расходите во Буџетот, туку на веќе донесен Буџет со овие дополнителни средства ќе го намалиме буџетскиот дефицит и јавниот долг и истите ќе бидат искористени исклучиво за справување со кризата. Со ова како генерација ќе се справиме со предизвиците што ги имаме денес, а не како товар за идните генерации. Тоа е целта на овој закон, како еднократно решение, кое се препорачува од ЕУ и е во исклучителни околности како што е сега во време на криза“, истакнува Бесими.
Станува збор за специфичен данок, од кој средствата ќе одат во посебна програма во Буџетот за антикризни мерки.
„Тоа значи дека точно ќе биде определено за каква намена ќе бидат тие средства. Дополнително на тоа доколку ЕУ беше подготвена да даде 80 милиони евра грант, кој не е кредит, туку грант, што се пари од даноци на граѓани на ЕУ за нас за справување со кризата, и ние треба да покажеме дополнителна волја да собереме дополнителни средства за да го финансираме тоа. И доколку не се финансира на овој начин, тоа ќе значи дека ние би требало да се задолжиме во ова време кога на финансиските пазари каматните стапки се високи, не само ние туку и идните генерации ќе ја платат цената на ова. Тоа е одговорност на оваа генерација, кон идните генерации не само на Владата, туку и на сите политичари и бизнис заедницата да одговориме денес за тоа што ни се случува нас, а не товарот да го пренесеме во идните генерации“, порача Бесими.