1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарите во Македонија се слободни, но сиромашни

8 мај 2024

Извештајот на Репортери без граници е само позитивна искра во мрачното секојдневие кое го живеат медиумските професионалци во Македонија. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4fbrm
Марш за одбрана на новинарското достоинство во Скопје
Марш за одбрана на новинарското достоинство во Скопје (архивска фотографија, 17.02.2023)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Што е потребно за еден новинар денес да се чувствува слободен? Да нема политички стеги, ќе одговорат повеќето. И, вистина, медиумските слободи во Македонија, како што забележаа Репортери без граници, се подобриле за две места на скалата која се објавува секоја година. Сега сме на 36 место, што е навистина вселенски скок од пред десетина години, кога имаше загрижувачки вести за слободата на новинарите во Македонија. 

Но што правиме со економските слободи? Истражувањето што го направи новинарскиот синдикат вели дека во медиумите во Македонија работат околу 2.100 луѓе, распоредени на 3.146 работни позиции, но главни проблеми се ниските плати, стресот во работата и непочитувањето на некои од основните работнички права кои се гарантирани со Законот за работните односи. Истражувањето покажа и дека во онлајн медиумите новинарите ги ангажираат врз хонорарна основа или со договори на определено време. Од попишаните 681 работна позиција во онлајн медиумите, само 39,1% се редовно вработени новинари и медиумски работници.

Исто така е идентификувано и дека во локалните и регионалните медиуми постојано се намалува бројот на вработени и дека новинарите се маргинално застапени – во просек по 1,6 новинари работат во овие медиуми. Од вкупно попишаните 240 работни позиции кај локалните и регионалните ТВ станици, 58% се хонорарни позиции. Или, во вкупно 32 локални и регионални ТВ станици редовно се вработени само 54 новинари, односно секоја локална или регионална ТВ станица вработува во просек по 1,69 новинари.

Соња Крамарска
Соња КрамарскаФотографија: Privat

Еден од најзагрижувачките наоди е тоа дека околу половина од новинарите и 70% од вкупните медиумски работници (камера, фото и други) имаат примања под просечната месечна плата (37.065 денари, мај-октомври 2023), што потврдува дека новинарството е слабо платена професија и дека тоа ги прави новинарите ранливи и подложни на различни влијанија. Околу половина од новинарите и 70% од медиумските работници имаат примања под просечната месечна плата во (37.065 денари, мај-октомври 2023). Надоместок, пак, за прекувремена работа не им се исплаќа на 38% од новинарите, а на 46% од вкупниот број испитаници никогаш или ретко им се исплаќал надоместок за работа во празници.

Седмата сила на коленици

Па тогаш, како по ѓаволите новинарите се слободни?

Да се дише слободно во новинарството не значи дека само треба да се има политичка слобода, туку и економска, а според горните податоци новинарите во Македонија се слободни, но и сиромашни. Професијата која некогаш се нарекуваше „седма сила“, а тоа би требало да е така и денес, е фрлена на коленици, а новинарите, судејќи според економските показатели, се борат за живот секој ден.

Тоа значи дека новинарството, кое во секоја држава се смета за врвна професија, во Македонија се чини дека падна на дното. Економската неизвесност, притисоците, недоволната екипираност, доведе до силни потреси во професијата и бледнеење на нејзиниот сјај. Оттука и извештајот на Репортери без граници е само позитивна искра во мрачното секојдневие кое го живеат медиумските професионалци во Македонија. Јавноста најчесто не ја гледа темната страна на новинарскиот живот, но нема новинар кој не ја почувствувал на своја кожа.

Да се биде вистински новинар во Македонија, а така е и во целиот регион, е подвиг кој многумина може да ги инспирира, но и да ги одврати од оваа бурна професија. Првиот услов, видот на работниот ангажман, дава незадоволителна слика за тоа каков статус имаат новинарите. Истражувањето на синдикатот покажа дека во телевизиите и во онлајн медиумите, на пример, кои се примарен извор на информирање на јавноста, најмногу е присутно вработувањето на определено време или хонорарна работа, кое во старт предизвикува несигурност кај новинарите. Од вкупно 58 испитаници, 39 одговориле дека биле ангажирани во некоја телевизија со договор на определено време, а во онлајн медиумите 11 од 27 рекле дека работеле врз основа на авторски договор или договор на дело. Тоа се мали бројки но големи по значење затоа што ја отсликуваат бедната егзистенцијална состојба во една од најважните професии за функционирањето на демократијата на една држава.

Балонот пукна

Парадоксот на новинарството во Македонија е што формирањето на приватните медиуми не го спасија, туку играа значајна улога во неговото пропаѓање. Иако поголема конкуренција на пазарот е предуслов за поголем квалитет, тоа не се случи во новинарската бранша. Медиумската сцена се дуваше како балон, а потоа пукна ширејќи неподнослив мирис на политички замешателства, газдински амбиции за тргување со влијание и многу пропаднати надежи дека седмата сила ќе биде чувар на демократските вредности во државата.

За жал, политичките превирања во државата одеа рака под рака со медиумските превирања и денес многумина ќе речат – каква политика, такво новинарство. Сепак, важно е да се каже дека новинарството доби и многу битки со политичари кои сакаа да го завладеат, меѓутоа излезе од нив рането, осиромашено и десеткувано. Најчесто славата на новинарите ја гледаат сите, но жртвата обично се преживува во самотија и далеку од погледите на јавноста. Тоа ја намали и неговата моќ која е важна за секое општество бидејќи функционира како брана против самоволието на моќните поединци или групи кои се најчесто во политиката.

Затоа и подигањето на нивото на медиумските слободи кое го регистрираа Репортери без граници не им предизвика чувство на задоволство на медиумските работници. Слободата во информирањето е нешто што треба да се подразбира, а не нешто за што треба да бидеме благодарни. Впрочем и медиумската слобода е индивидуално чувство. Во ек на најголеми слободи може да се случи во некои медиуми воопшто да ги нема, како што впрочем се случува и во денешно време, а некогаш и во најцрни денови може да се најдат островца на слободата во известувањето. Ќе бидеме среќни тогаш кога ќе бидеме и слободни и помалку сиромашни.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема